Општество
НОВИОТ ПОПУЛИЗАМ ПРИСТИГНА. СЕ ВИКА АНТИПОПУЛИЗАМ
Мирослав Саздовски
@MirkoSlav
„Демократијата е толку многу преценета“ – Френк Андервуд, фиктивен лик од серијата „Куќа од карти“
Изминативе декади на политичката сцена се појави еден нов бран на политички парадокс што излегува од рамките на досегашната доктрина на политичкиот ПР. Првичниот успех на СИРИЗА, во рамките на грчката политичка сцена, политичките аналитичари го објаснуваа со недовербата кон, дотогаш главните партии, ПАСОК и НЕА ДЕМОКРАТИЈА. Но, повторниот триумф на радикалната левица, и покрај еклатантниот неуспех на политичкиот дилетантизам врзан за контроверзниот референдум, ги остави експертите по политички ПР без можност за едноставна прецизна анализа. Шпанскиот ПОДЕМОС, иако со далеку послаб успех од грчката СИРИЗА, упорно го гради својот политички рејтинг потпирајќи се на сличен политички парадокс. Во Словенија политичкиот аутсајдер Миро Церар, без грам политичкa заднина, дури и без соодветно име за својата партија (името ѝ е „Партијата на Миро Церар“), успеа да освои третина од расположливата политичка енергија и во моментов е премиер на Словенија. Во разни земји контроверзни политички групации, од различниот спектар на политичката сцена, нижат сѐ поголеми успеси во истиснување на главните политички елити. Ваквиот парадокс се случува низ целиот политички спектар, без разлика дали се работи за политички групации од левицата, од десницата или од политичкиот центар. Она што нас нѐ интересира е нивната поставеност визави применетата доктрина на политичкиот ПР.
Втората половина од дваесеттиот век се смета за главната ренесанса на комуникациските науки. Политичкиот ПР својата доктрина внимателно ја изгради на прецизни правила и принципи со што вештината прерасна во високоинтелектуална наука. „Ботом ап“ пристапот при формирање на политичките ставови е едно од оние принципи за кое комуникациските експерти беа согласни дека претставува основен предуслов за квалитетен политички ПР. Иако се работи за сложен процес, простото правило следи неколку чекори: на почеток се испитува јавното мнение; потоа со квалитативни и со квантитативни статистички операции се утврдуваат неговите потреби, интереси и предиспозиции; и на крајот, врз основа на овие согледувања се креираат политиките и пораките што се испраќаат до јавноста. Ова свето тројство, адаптирано од корпоративните комуникации што продаваат стоки за широка потрошувачка, стана толку многу применливо, што политичкиот натпревар се претвори во борба на ПР стратегии и техники на нивна успешна имплементација. Развојот на политичките комуникации ПР стратезите и носителите на комуникациските функции ги претворија во поголеми политички ѕвезди од самите политичари и во најголем дел ПР професионалците во политиката прераснаа во политички советници. Аналитичарите во оваа доктрина веќе одамна препознаа приближување на идеолошките парадигми од различниот политички спектрум. Изминативе декади, како никогаш порано, левицата и десницата имаат приближно слични политички идеолошки темели, а за утврдување на нивните разлики е потребна длабинска анализа на нивните политички манифести. Тоа произлегува од самата политичка доктрина што налага сите партии да ги формираат своите политики не врз основа на политичките и на експертските знаења, туку врз основа на потребите, на предиспозициите и на барањата на гласачите. Така, лека полека, политичкиот дискурс беше освоен од популизмот, а политичката борба од борба на политики прерасна во борба на ПР стратегии.
ИЗБОРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА НЕФОРМАЛНО СЕ ЗАКАЖАНИ ЗА КРАЈОТ НА АПРИЛ. ДОКОЛКУ САКАТЕ ДА ГИ СЛЕДИТЕ СОВРЕМЕНИТЕ ТРЕНДОВИ ВО ПОЛИТИЧКИОТ ПР, БИ ВЕ СОВЕТУВАЛ ДА ГИ СЛЕДИТЕ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО САД ИЛИ АНАЛИЗИТЕ ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА ПО ПОБЕДАТА НА КОРБИН. СЕПАК ВО МАКЕДОНИЈА НОВИТЕ ТРЕНДОВИ ДОАЃААТ МНОГУ, МНОГУ ПОДОЦНА
Сѐ уште аналитичарите немаат точна дијагноза за новонастанатиот парадокс, но едно е сигурно – политичката доктрина од XX век сѐ помалку дава резултат. Партиите од центарот, каде што делумно се сместија сите големи партии, сѐ потешко ги освојуваат симпатиите на електоратот, кој на нивната безличност одговори со политичка апатија. Тоа на површина ги извади навидум подзаборавените и отфрлени радикали и контроверзни политичари, кои како домино ефект ги освојуваат политичките центри на моќ. Додека успесите на СИРИЗА, ПОДЕМОС и некои останати политички отпадници се третираа како исклучок, во Британија официјалната левица, Лабуристичката партија, со незапаметено мнозинство го избра за нејзин лидер еден од најрадикалните левичарски политичари во нивните редови - Џереми Корбин (политичката анализа за овој феномен е подетално објаснета на почетокот од магазинот). Неговиот избор претставува уште поголем куриозитет ако се има предвид дека во спротивниот табор седеа едни од најголемите и највешти ПР експерти на светот, Петар Менделсон и Алистер Кембел, кои не ги штедеа ниту политичките авторитети како Тони Блер и Гордон Браун за да агитираат во рамките на партијата против Корбин. Неговите политички ставови, предлог-мерки и политики се оценети од страна на британската јавност како неприфатливи. Неговиот одобрувачки рејтинг во моментов е -8, што од ПР аспект го прави неизбирлив политичар кој апсолутно не произлегува од ПР лабораториите при анализа на расположението на јавноста. Па, сепак, неговите успеси во рамките на левицата се шират со експоненцијална прогресија, а ПР експертите сѐ уште немаат прифатливи прогнози за идното расположение на британскиот електорат. Дека не се работи за локален феномен, покажуваат и неколку политички парадокси што се појавија и во САД, каде што науката за политички ПР е доведена до уметничко совршенство. Контроверзниот Доналд Трамп, во кој е собрано сето она што од ПР аспект се смета за погрешно во политиката, упорно ги гази своите противкандидати во рамките на Републиканската партија и ниеден релевантен политички аналитичар, ПР експерт или друг вид политички авторитет нема прецизен одговор за ова политичко изненадување. Тој иако има негативен одобрувачки рејтинг од американската популација, не може со сигурност да се предвиди дека евентуалната негова кандидатура за претседател на САД нема да биде успешна. Политичките елити кај демократите имаат слични маки со претендентот за претседателски кандидат Берни Сандерс, кој го претставува социјалистичкото крило во Демократската партија, слично како Корбин кај лабуристите.
Со еманципацијата на електоратот се менува и политичката доктрина со која политичките елити ги освојуваат гласачите. Овој нов бран дефинитивно претставува миниреволуција која претендира од корен да ги промени принципите на кои почива политичкото битисување. Електоратот покажува замор од галиматијасот на политички пораки кои претставуваат борба на ПР техники, а не борба на идеологии, уверувања и политики. Иако во моментов парадоксално, гласачите се подготвени да поддржат политичари со кои идеолошки не се согласуваат, но кои промовираат, или барем изгледа дека промовираат, искрени и автентични идеолошки позиции; политичари кои промовираат политики во кои веруваат, а не внимателно одбрани комуникациски пораки.
П.С. Изборите во Македонија неформално се закажани за крајот на април. Доколку сакате да ги следите современите трендови во политичкиот ПР, би ве советувал да ги следите претседателските избори во САД или анализите во Велика Британија по победата на Корбин. Сепак во Македонија новите трендови доаѓаат многу, многу подоцна.