Општество

ПРЕГЛЕД НА ПАРИСКАТА НЕДЕЛА НА ДИЗАЈНОТ

Лидија Георгиева

ДИНАМИЧНА СЕЗОНА НА ДЕКОРАЦИЈА

 

Од 5 до 12 септември се одржа Париската недела на дизајнот со преку 300 пунктови на изложби и изложбени простории поврзани со оваа манифестација. Покрај тоа што е највлијателниот моден центар на глобално ниво, париската сцена е веќе неколку децении во растечко влијание и во областа на дизајнот генерално. Во рамките на овој богат настан, еден од најзначајните салони во светот е „Мезон и Обже“ (MAISON&OBJET), кој годинава го прослави дваесеттиот роденден на своите есенски сесии. Главна цел овојпат беше да се понуди подобра можност за исполнување на потребите на професионалците и на изложувачите. Покрај редовната посета на овој салон, имав можност да присуствувам и на неколку настани во бутици, галерии и хотели поврзани со Париската недела на дизајнот и да разговарам со промотери на нови таленти. Ги пренесувам најновите, во зародок тенденции, како и интервјуто со господинот Жак Баре, aрхитект и сопственик на „Триод дизајн“, хајп бутик за ентериер на Сен Жермен.


Со посилна нова сезона и преку 112.000 посетители во 5 дена, есенското издание на М&О покажа позитивни резултати. Со зголемена фреквенција од Франција со +3%, од Европа со +4%, од Азија со +7% и со +10% за Средниот Исток, податоците се охрабрувачки и стимулативни за пазарот на дизајнот. Развојот на секторот на декорација воедно се рефлектира и со фактот дека посетителите ја открија новата организација на просторот на салонот, изложените продукти и информации. Начинот на кој беа изложени трендовите во ентериерот беа вистинска покана креацијата да се открие во ново светло.

Поблиску до пазарната динамика, салонот даде полна поддршка на просторот на халата 8, наречена ПРОЕКТ. Креиран пред 8 години, овој сектор кореспондира на зголемениот број на квалификувани посетители кои работат воедно на јавни простори и простори за живеење. За поддршката на овој тренд, М&О ги награди најдобрите решенија за продукти на дизајн на ентериер презентирани во осмата хала. Францускиото Ателје Д`Обусон (ATELIER D’AUBUSSON) ја доби наградата на публиката, а германскиот бренд Хеј-Сајн Фетр Фелт Филц (HEY-SIGN FEUTRE FELT FILZ) ја освои наградата на стручното жири.
Како резултат на зголемена синергија со Париската недела на дизајнот, стратешките одредници кои беа потенцирани на М&О, покрај организација на салонот, воедно беа илустрирани на креативен начин преку сите улици на Париз. На повеќе пунктови имаше случувања поврзани со ПНД, вклучувајќи го и просторот за млади интернационални дизајнери сместен во пристаништа, супер модерниот комплекс на областа на мода и дизајн (Тhe Docks, Cité de la Mode et du Design), што беше посетен од 12.000 посетители.

Како и сите влијателни салони, секоја сезона М&О објавува една генерална атмосфера.

СКАПОЦЕНО – ИНСПИРАЦИЈА 2016
Со илустрација на гризнато златно јаболко, чија внатрешност е зелен скапоцен камен, според арт директорите и екипата на М&О ова е концептот што ќе ги води индустријалците, купувачите, дизајнерите, архитектите, новинарите, накратко целата дизајн фела во периодот што следува. Од социолошки аспект не е тешко да се објасни зошто М&О годинава ја објави токму оваа тенденција, но овојпат ќе ја избегнам анализата на поврзаноста меѓу економијата, културата и политиката со дизајнот и креацијата. Во интерес на визуелниот дел, сметав дека многу повеќе ќе зборуваат фотографиите што ги направив.

-------------------------------------------------------------------------------------------------------
ИНТЕРВЈУ СО ЖАК БАРЕ, СОПСТВЕНИК НА БУТИКОТ „ТРИОД ДИЗАЈН“

Преку промоција организирана со американски оброк - бруклинско пиво и хот дог, колач со сирење за десерт, имав можност да го откријам овој прекрасен простор на престижна адреса во срцето на Париз.

Господине Баре, кои дизајнери ги презентирате во Вашата продавница, која е Вашата мисија? Видов дека производите се изложени на прекрасен начин, потсетува на рускиот конструктивизам.

Конструктивизмот е на некој начин и моја историја. Бутикот е резултат на повеќе работи, но во основа јас сум архитект. Имав неколку активности, архитектонско студио, работев на проекти, имав разновидна кариера, бутикот е на некој начин финализација, збир на сето тоа. Предметите ме интересираат веќе подолго време така што сакајќи да покажам малку поразлични работи, во 2004 година го креирав овој простор. Што се однесува до цените, се работи за висока гама на производи. Од една страна ги презентирам реедициите на данскиот дизајнер Фин Џул, што датираат од 1940/50 година , во моментов имам многу убава колекција која се здобива со нови дизајни секоја година. Од друга страна, моја специјалност се американските дизајнери, сакам да ги презентирам и веќе 4 до 5 години ја запознавам француската публика со нивната работа. Многу често патувам во Америка, ги познавам лично сите дизајнери и ги посетувам нивните ателјеа.

Каков е приемот на публиката?

Доста позитивен, во последно време постои амбиент на возбуда за дизајнерите од Бруклин. На пример, токму во моментов „Бомарше“ (една од најголемите стоковни куќи во Париз) има голема изложба посветена на Бруклин, тука и ние уредивме наш агол. Уште на самиот почеток бевме изненадени, не очекувавме таква креативност од младите независни дизајнери во Бруклин. Притоа интересен е фактот што тие се во исто време дизајнери и производители. На тој начин имаат доста интимен однос со материјалите што ги работат, дрво, метал, генерално се работи за мали серии, некои од нив веќе се доста успешни, токму тој начин на работа ме интересираше.


---------------------------------------------------------------------------------------------------

Оваа сезона за првпат на ПНД преку ексклузивна соработка се презентираа два македонски бренда, едниот базиран во Скопје - Завар дизајн, под водство на Марта Наумовска Грнарова и Rue Monsieur Paris, француски бренд основан од македонскиот дизајнер Марјан Денков, кој неколку години успешно работи во Париз. По повод на ова прво претставување на Завар дизајн во Париз, во просториите на изложбената просторија на Rue Monsieur Paris, како и за соработката разговарам со Марта Наумовска Грнарова.

Колку сте задоволни со резултатите од Вашето учество на ПНД?

По минатогодишната посета на ПНД и запознавањето со нашиот етаблиран дизајнер Марјан Денков, кој живее и работи во Париз, на мое огромно задоволство брендот Завар дизајн имаше можност првпат да се претстави пред париската публика, и тоа во период кога Париз е светски центар на дизајнот. Изложбената просторија беше посетена од страна на еминентни архитекти, дизајнери и клиенти дојдени од Њујорк, од Лондон, од Русија, од Украина итн. Тие беа воодушевени од колекцијата, од концептот на производот и од користената технологија за изработка, како и од големиот избор на различни дизајни. Беа остварени полно контакти за потенцијална соработка, а радијаторите на Завар дизајн од идниот месец веќе ќе можат да се видат на 4 ексклузивни продажни места во Париз. Со дизајнерот Марјан Денков и неговиот бренд Rue Monsieur Paris ќе продолжиме со работа на идни заеднички проекти.

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано