Вести
Модел на три кругови
Димитар Фуна
Авторот е дипломиран економист со завршен едукативен програм за семеен бизнис на Харвард
Во претходната колумна ги дефиниравме семејните бизниси, го разгледавме нивното значење за глобалната и националните економии, како и нивните предности во однос на останатите „несемејни“ претпријатија. Идејата на оваа колумна е да го разгледаме моделот кој се користи во последниве 40 години за анализа на семејните бизниси, моделот на три кругови.
Измислен во 1978 година во Бизнис-школата на Харвард (Harvard Business School) од страна на професорите Џон Дејвис и Ренато Таџури, моделот на три кругови е првиот сеопфатен модел кој задава функционална рамка за анализа на семејни бизниси. Целта е да ги опфати влијанијата, динамиката, улогите, релациите и конфликтите кои се одвиваат во овие претпријатија. Трите кругови кои служат за да постават одредена рамка во размислувањето, разбирањето и носењето одлуки се: бизнисот, семејството и сопствениците.
Како што се гледа од илустрацијата, моделот ги опфаќа трите кругови кои се меѓусебно испреплетени во еден комплексен систем наречен семеен бизнис. Врските и релациите меѓу лицата кои се наоѓаат во која било од овие 7 означени позиции имаат посебна динамика, значење и импликации врз целиот систем. Но, за почеток да ги разгледаме обележаните позиции во моделот.
1. Вработени и менаџери во семејниот бизнис – лица кои не се членови на семејството и не се сопственици. Овие индивидуи се професионалци со одредени карактеристики и квалификации, кои работат во интерес на претпријатието за месечен надоместок и бонуси, доколку тоа е предвидено. Најчесто се залагаат за унапредување на претпријатието, реинвестирање на добивките и професионализација на управувачките структури.
2. Членови на семејството – претставуваат лица кои најчесто по свој избор не се дел од сопственичката структура и не се вработени во бизнисот. Овие лица често имаат потешкотија да се „вклопат“ во разговорите за семејниот бизнис и да најдат заеднички теми со остатокот од семејството кој е активно вклучен во претпријатието. Со таа цел, голем број семејства дефинираат: семејни вредности, семејна визија и заедничка историја – кои дејствуваат во насока на сплотување на семејството во бизнисот, но и надвор од него.
3. Сопственици (акционери) во семејниот бизнис – претставуваат надворешни сопственици во семејното претпријатие, кои не се дел од семејството и не се во активен работен однос во семеен бизнис. Овие лица многу често се вклучени во „надзор“ над управувачките структури во претпријатието. Одредени конфликти кои можат да се појават се: чувство на недоволна информираност за секојдневните и/или поважните активности и случувања во бизнисот и проблеми во однос на распределбата на добивката.
4. Членови на семејството и сопственици (акционери) во семејниот бизнис – членови на семејството кои, покрај тоа што се сопственици, не се во работен однос во претпријатието, најчесто по свој избор. Во поголемите претпријатија ги користат своите права на контрола врз управувачките структури и учествуваат во одредени стратешки одлуки. Како и надворешните инвеститори, наклонети се кон исплата на повисоки дивиденди.
5. Сопственици и акционери кои се и вработени во семејниот бизнис – покрај тоа што оваа група на лица е далеку позастапена во развиените економии – каде што на вработените и на менаџерите им се нудат опции за учество во сопственоста, во последниве години овој тренд се појавува и кај нас. Генерално се работи за надворешни членови и професионалци кои имаат дел од сопственоста. Предизвикот со овие лица е да се обезбеди почитување на вредностите на семејството и визијата на семејството за бизнисот при остварување на зацртаните бизнис-цели.
6. Членови на семејството кои се вработени во семејниот бизнис – оваа категорија на лица носат со себе посебни предизвици за семејството и бизнисот, особено поради потребата да се менаџираат емоциите во процесот на носење рационални и оптимални одлуки кои се во полза на бизнисот, особено оние кои се однесуваат на вработување, на унапредување и на надоместоци за членовите на семејството. Имајќи го предвид ова, Политиката и условите за вработување на членови од семејството во бизнисот, може да се каже дека е еден од најзначајните документи кои секој семеен бизнис мора да го изготви.
7. Членови на семејството, вработени во бизнисот, сопственици на бизнисот – доколку ја погледнете илустрацијата на моделот, овие лица се сместени во средината и пресекот на трите кругови. Можеме да заклучиме дека нивната позиција диктира комплексност и претпоставува интеракција со сите останати личности во самиот систем. Исто така овие лица често на дневна основа, поради нивните повеќекратни улоги, носат одлуки и како родители, менаџери, сопственици итн.
За жал, во реалноста, индивидуите најчесто се наоѓаат во пресеците на трите кругови. Во овие случаи е многу тешко точно да се исцртаат границите на семејството, бизнисот и сопственоста. Затоа корисноста на моделот е во тоа што нуди рамка за анализа и разбирање на мотивациите, на желбите, на потребите и на целите на секоја индивидуа во зависност од нивната позиција во трите кругови. Имајќи го предвид ова, важно е да разбереме дека сечија перспектива е еднакво валидна и значајна доколку се анализира од аспект на позицијата на индивидуата во моделот. Поради ова, во процесите на носење одлуки многу е важно да се запази и да се нагласи фактот дека сите погледи и потреби се еднакво важни.
Втора важна карактеристика на моделот е неговата временска димензија. Имено, семејствата, бизнисите, како и структурата на сопствениците се менуваат со текот на времето. Поради овој факт потребно е сите семејни бизниси да бидат анализирани во самата развојна фаза во која се наоѓаат и одлуките да се носат во согласност со условите кои преовладуваат во тој период. Генерално, во сите три сегменти постојат по три фази на развој на компаниите, на семејствата и на сопственичката структура.

Па така, во однос на компаниите се нагласуваат добропознатите фази: стартап, фаза на брз раст и развој и фаза на зрелост. Во однос на сопственичката структура, развојните фази се: единствен сопственик, партнерство и конзорциум, односно голем број на сопственици. Развојните фази во овие два круга дозволуваат „рециклирање“, односно повторување на една иста фаза со текот на времето. На пример, кога управувачкиот сопственик носи одлука да го препише бизнисот на едно од неговите деца (наместо на сите деца подеднакво) со објаснување дека така најдобро функционирал и ќе функционира самиот бизнис со што де факто се повторува истата развојна фаза во сопственичката структура. За разлика од нив, развојните фази на семејството се условени со природните закони и тие можат да се движат само по овој редослед: нуклеарно семејство, повеќегенерациско семејство и повеќе гранки на семејства.
Што значат трите кругови за вашиот семеен бизнис?
На прв поглед, користа од моделот на три кругови тешко се визуелизира. На пример, изгледа дека голем број на микро и мали семејни бизниси не би имале бенефити од анализите кои ги овозможува моделот. Но, во спротивно со ова верување, препораките на најголемите консултантски куќи кои работат со семејни бизниси (PwC, Lansber Gersick, John Davis) се дека бизнисите треба да пристапат што поскоро кон дефинирање на границите, на правата и на обврските на секој член кој припаѓа во еден од круговите. Краткиот осфрт на опсегот на секој од круговите би изгледал вака:

Бизнис-круг
Генерално во литературата бизнис-кругот се однесува на најважните прашања за компанијата: управувачки тела, регрутација и селекција на човечки ресурси, воспоставување цели и следење на перформансите и слично. Многу често семејствата ги регулираат односите меѓу членовите и бизнисот со таканаречен договор за бизнис-протоколи. Во овој договор влегуваат одредени политики и правила за вработување на членови на семејството, процеси за континуитет и наследување на контролата и слично.
Семеен круг
Семејниот круг во моделот се осврнува на обезбедување заедничка визија на семејството, артикулирање на заеднички вредности и дефинирање на кодекс на однесување и слично. Во процесот на документирање на сите овие концепти се формулира семеен договор кој, покрај ова, дефинира и начини за решавање на конфликти меѓу членовите на семејството, како и заедничка филантропска цел.
Сопственички круг
Кругот на сопствениците во најголем дел се однесува на воспоставување контрола врз бизнисот од страна на сопствениците. Во таа насока тука се зборува за поставување на параметри за ликвидност, раст, ризик, за креирање стратешки планови и обезбедување ефикасни управувачки структури. Договорот меѓу сопствениците ги регулира овие и други правила како на пример интерен пазар за понуда на акции во рамките на семејството и на компанијата.
Во наредните колумни детално ќе ги разработиме сите обврски на индивидуите во секој од овие горенаведени кругови, како и прашањата кои треба да се одговорат, односно да се стават на хартија. За крај, до наредната колумна, размислете за најзначајното прашање за вашиот семеен бизнис на кое треба да дадете одговор: Дали потребите на семејството или пак самиот бизнис ќе биде приоритет? Одговорот на ова прашање има огромни импликации врз исцртувањето на контурите на трите кругови: семејството, бизнисот и сопствениците.
(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г)