Бизнис

Пет фактори за избор на вистинската платформа за е-трговија

Дарко Булдиоски

darko@newmedia.mk allweb.mk

Нема полошо искуство од тоа кога започнувате со онлајн продажба, го погодувате добро пазарот и платформата ве кочи да пораснете.

Ако сакаме да извлечеме нешто позитивно од целата ситуација на пандемија во која живееме веќе неколку месеци, а како што изгледа ќе продолжиме уште долго време, тогаш дефинитивно прво нешто што ни паѓа на ум е развојот на е-трговијата. Низ целиот свет бројките бележат раст. И покрај тоа што првите бројки наведуваа раст само во одредени категории на производи, сега веќе за очекување е дека таа листа ќе се прошири. Текстил и порано се купуваше, ама сега со новите услови каде што ќе бидеме ограничени во пробувањето работи и задржувањето во продавници сметам дека мотивацијата да купуваме онлајн ќе ни се зголеми уште повеќе.
Добро е што и локално компаниите веќе ги преземаа првите чекори за да продаваат онлајн. Некои прв пат се соочија со предизвикот да размислуваат за сите предизвици и потреби кои ги носи продажбата онлајн, па се решија на времени или, ако може да ги наречеме, трајни решенија. Некои веќе сфатија дека направиле погрешна или се надевам добра одлука. Но, сега кога веќе имаме достапни опции и на локалниот пазар, ајде да разгледаме кои фактори влијаат при изборот на платформата за е-трговија.

Што е платформата за е-трговија?
Мало терминолошко појаснување, кога велам платформа за е-трговија мислам на ‘софтверска апликација која на компанијата ѝ овозможува да продава производи и услуги на интернет’. Овој софтвер овозможува управување со вебсајтот, маркетингот, продажбата и останати дополнителни функции како аналитика и сл.
Во минатото овие софтвери претставуваа скапи наменско развиени решенија кои бараа многу време, знаење и ресурси за имплементација. Денес постојат решенија кои може да ги направат вашите производи достапни на интернет за неколку часа. Мислам дека не треба воопшто ни да појаснувам зошто е потребен еден ваков систематизиран пристап, а не само опција на продажба во „инбокс“. :)
Постојат два главни типови платформи преку кои може да продаваме производи и услуги на интернет. Едната е т.н. SaaS, односно софтвер како услуга и претставува софтвер кој се лиценцира врз основа на месечна или годишна претплата и се заснова на централна локација, односно доаѓа во пакет со хостинг и серија врзани можности за надградба и поврзувања. Второто, денес исто така доминантно решение, се т.н. Open Source (слободен софтвер) платформи за е-трговија, тое се решенија кои се базираат на бесплатен софтвер кој се инсталира на ваш хостинг и понатаму може да се развијат според потребите.
Во Македонија пример за првиот тип платформи би биле сервисите како Маркет Конект и Grouper Shopping Mall. На светско ниво вакви сервиси се: Shopify, BigCommerce, Volusion, Wix, Squarespace и други, додека пак листата на решенија на база на слободен софтвер ја предводат: WooComerce, Magento, PrestaShop, OpenCart и други.
Накратко, и двете опции имаат свои предности и недостатоци. Секако, првите се супер затоа што не мора да се секирате за безбедност, технички детали, хостинг и сл., но од друга страна мора да ги плаќате секој месец „по малку”, мора да се ограничувате до нивните правила на користење и екстензии и додатоци кои се достапни, знаат да бидат ограничени со опции за плаќање и продавниците да изгледаат многу слично една со друга. Од друга страна, Open Source плаформите се многу пофлексибилни и даваат поголем број на можности, но треба повеќе време за развој, имате поголеми ризици во поглед на безбедноста, мора да се грижите за хостинг и техничко одржување.
Која и да одлуката на ова ниво, дали ќе биде SaaS или сопствено софтверско решение, пред да донесете одлука разгледајте како стои кое било од решенијата во поглед на следниве клучни параметри:

1 Оптимизиран за добро прикажување на пребарувачи
Важно е платформата која ќе ја одберете прво по структура на код да биде доволно брза и ефикасна, а потоа и во административниот дел да нуди доволен број на можности со кои ќе можете да ги дотерате сите ситни и крупни детали кои се предуслов за подобро да се прикажуваат вашите производи при пребарување на Гугл. Ова особено е важно кај е-продавниците затоа што оптимизацијата за продавница си има свои специфики кои треба да се следат. А органските посети добиени преку пребарување дефинитивно се најпосакуваните, па затоа не смее да се ризикува тука воопшто.

2 Управување со производи и услуги
Разгледајте детално кои опции ги нуди решението во поглед на атрибути, групирања, варијации и управување со залиха (дали може лесно да се уредуваат групно производите, дали може да се извезат или увезат податоци за залиха и цени и сл.). Можеби бројот на производи на почеток не планирате да е голем во вашата продавница, но како ќе се развиваат работите вие ќе станете поупатени и потребите ќе ви се развиваат. Не смеете да дозволите платформата пребрзо да ви стане кочница за понатамошен развој и зголемување на продажбата. Верувајте, вакви примери сме се изнагледале изминативе 10 години.

3 Искуство на мобилен уред
Бројот на посети од мобилни уреди одамна го надмина бројот на посети од десктоп уреди. На корисниците не им е проблем да купуваат од мобилен и често искуството кое го нуди самата платформа или избраниот дизајн таму може да биде пресудно за зголемување или намалување на бројот на продажби. Разгледајте како изгледаат други продавници на платформата која сакате да ја изберете. Поминете го целиот процес на купување на нив и разгледајте дали е тоа искуството кое сакате да им го понудите на вашите идни онлајн купувачи. Изгледа споредно, но денес кога живееме во „mobile first” свет, овој фактор може да биде и клучен.

4 Безбедност
За безбедноста веќе спомнавме горе. Таа дава сигурност кај купувачите, не смеете да си играте со овој дел. Згора на сѐ, не смеете да си дозволите да не ви работи продавницата пречесто поради нејзината ранливост. И не, не мислам тука на заштита од злоупотреба на платежни картички, тој дел си го покрива банката и платежниот процесор, тука може да бидете помирни, зборувам за разни напади на самиот сајт, попречување на функционалности, багови, вируси и сл. Пазете се од нив затоа што можат сериозно да го сменат позиционирањето на Гугл, но и да ги одвратат потенцијалните купувачи.

5 Можност за раст (скалабилност)
Дали платформата која ја бирате ќе ги задоволи вашите потреби и планови за следните 3 месеци, една или повеќе години? Колку ќе имате економска оправданост да го плаќате избраното решение за 3, 6, 12 или 24 месеци? Секогаш мора да бирате решение кое ќе ви даде простор за раст не само во број на производи туку и во опции за маркетинг и грижа за корисниците. Нема полош стадиум од тој кога започнувате со продажба, констатирате дека сте го погодиле добро пазарот и платформата ве кочи да пораснете. Консултирајте се со поискусни, со експерти, затоа што голема е веројатноста на самиот почеток да не сте свесни што сѐ може да ви се испречи на патот на е-продажбата.

Бројни активности на нашиот пазар покажуваат сериозно размрдување на онлајн понудата и побарувачката, сега на ред е да се случи конкуренција и да се мотивираат учесниците на пазарот да бидат подобри и да продаваат повеќе.

(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО