Вести

Состанок на раководството на Народната банка со новиот извршен директор во ММФ, Пол Хилберс

23.11.2020г.

Професионализмот и високите стандарди во работењето на централната банка се клучни за ММФ

„Претставувајќи ја Конституенцата на којашто припаѓа Северна Македонија ќе се залагам ММФ и натаму да дава силна поддршка за вашата земја, во спроведувањето на реформите и во активностите за надминување на актуелната криза којашто е глобален предизвик.“ – истакна новиот извршен директор во ММФ, Пол Хилберс –  член на Извршниот одбор на ММФ и задолжен за нашата земја, на првиот состанок со раководството на Народната банка, по започнување на неговиот мандат.

На состанокот, којшто се одржа видеоконоференциски, Хилберс истакна уверување дека Народната банка ќе продолжи да придонесува за успешната соработка и комуникација помеѓу Северна Македонија и ММФ, а во тој контекст и за остварување на залагањата на Конституенцата.

„Независноста, професионализмот и високите стандарди во работењето на централната банка се клучни за ММФ, особено за оценувањето на економијата. Од нив, во голема мера зависи и поддршката што ММФ ја дава за секоја земја-членка. Во последните неколку месеци, вашата централна банка докажа дека може да работи во согласност со високите меѓународни стандарди и добрите глобални практики, и потребно е да остане на веќе трасираната патека.“ – нагласи извршниот директор во ММФ.

Притоа тој, коментирајќи ги актуелните околности со ковид-кризата, посочи дека е од исклучителна важност што во севкупниот период се одржува финансиската стабилност во земјата, а истовремено се спроведува и соодветна монетарна политика.

„Независната централна банка е гарант и на финансиската и на макроекономската стабилност, а тоа е од есенцијално значење за оцената на ММФ.“ – истакна Хилберс.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ја истакна важноста на соработката со ММФ за економијата во целина и дека во тој контекст, особено се значајни залагањата на Конституенцата на којашто припаѓа нашата земја.

„Народната банка во рамки на својот мандат, како и досега ќе го дава максимумот. Постојано ги следиме трендовите и потенцијалните ризици од контекстот на актуелната глобална криза, заради соодветна реакција, доколку тоа е потребно заради ублажување на ефектите врз економијата. Тоа дополнително ја засилува потребата од комуникација и соработка со ММФ, при што особено е значајна улогата на Конституенцата.“ – посочи меѓу другото Ангеловска-Бежоска.

На состанокот се разговараше и за најновите видувања на ММФ за македонската економија. ММФ очекува  економската активност да закрепне во текот на следната година, но дека вториот бран на пандемијата претставува ризик за интензитетот на закрепнувањето.

ПРЕПОРАЧАНО