Бизнис

Преземање на стратешки заеднички мерки на Владите и Коморите во справување со последиците врз економиите од влијанието на ковид-кризата, искористување на бенефитите од регионалната соработка и примена на дигитализацијата на процесите за намалување на трошоците на компаниите

м-р Ивана Крстевска, соработник во Стопанска комора на Македонија

01.12.2020г.

Од Генералното собрание на АСОЦИЈАЦИЈАТА НА БАЛКАНСКИТЕ КОМОРИ (АБК), 30.11.2020 година

На Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори (АБК), кое оваа година се одржа виртуелно, со оглед на ситуацијата со пандемијата предизвикана од COVID-19, домаќин, односно претседавач на истото беше Надворешно-трговската комора на БиХ. Фокусот, оваа година на Генералното собрание беше ставен на влијанието на пандемијата предизвикана од COVID-19 врз економиите, на регионалната соработка и на дигитализацијата.

На Генералното собрание на АБК, учесник од Стопанската комора на Македонија беше потпретседателот на Стопанската комора на Македонија, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска.  Најнапред, Георгиева-Јовевска од името на Стопанската комора на Македонија ги поздрави сите учесници, претставници на сите комори членки на АБК и им посака добро здравје и побрзо надминување на сите последици со кои се соочуваме во моментот. Таа подвлече дека, соочени со предизвиците од светската пандемија предизвикана од COVID-19, навистина работиме во вонредни услови каде пред се здравствените власти и државите се загрижени за животите и здравјето на луѓето па следствено на тоа превземаат соодветни мерки за заштита и спас за економијата, а тука секако се и економските предизвици, односно одржување во живот на економиите во кои работиме. Како и секаде во регионот и пошироко, и нашата Влада, истакна потпретседателот Георгиева-Јовевска, уште со почнување на кризата предизвикана од COVID-19, воведе неколку сетови на економски мерки за опоравување и поддршка на приватниот сектор. Економската помош се однесуваше за најпогодените сектори како туризмот и угостителството, градежништвото, транспортот  и слично, но секако, сите пакети на економски мерки ги поддржуваат сите компании, односно цела економија која е погодена од кризата. До сега, донесени се 4 пакети за поддршка на економијата. Вредноста на 4-тиот пакет економски мерки изнесува 470 милиони евра, а вредноста на претходните три пакети на мерки е 550 милиони евра. Имплементацијата на мерките ќе продолжи и во 2021 година.

Потпретседателот на Комората во дискусијата на Генералното собрание во однос на влијанието на пандемијата предизвикана од COVID-19 врз економиите, подвлече дека компаниите и во услови на криза покажаа издржливост, упорност и голема општествена одговорност помагајќи и на државата. Но, секако дека компаниите се изнемоштени и не се во многу добра кондиција односно дека им е потреба системска и подолгорочна поддршка бидејќи опоравувањето на економијата ќе трае подолго а нивните очекувања и предвидувања се дека во 2021 година ќе имаа големи потешкотии. Затоа сега треба да се преземат чекори, што Стопанската комора на Македонија го прави со подготовка на предлози од компаниите а кои ги доставува до Владата, а Владата делува, со цел реализирање на мерките за се спречат поголеми крахови, затворања на компании, отпуштање на работници, намалување на плати и слично. Исто така, кај компаниите проблем е и ликвидноста која од секогаш е тема како може да биде подобра. Во услови на ковид кризата, имаме и затворање на економиите на нашите економски партнери и секако дека има и намалување на инвестициите заради неизвесноста, истакна Георгиева-Јовевска. Таа додаде дека освен во угостителството и туризмот, градежништвото и транспортот и другите погодени сектори, здравствената и економска криза има значајни последици и врз една од најдинамичните индустрии во Република Северна Македонија во последниве десетина години - автомобилската индустрија.

Потпретседателот на Стопанската комора на Македонија во делот на дискусијата за економијата во ковид и пост-ковид периодот потенцираше дека неопходно е да ги истакнеме кај сите економии, домашните, извозни компании, кои навистина и во услови на криза ја влечат домашната економија и покажуваат резултати, а такви знаеме дека постојат во сите економии од нашата Асоцијација каде членуваме односно во Асоцијацијата на балканските комори.

Што се однесува до регионалната соработка и надворешно-трговската размена меѓу членките на Асоцијацијата на балканските комори, Георгиева-Јовевска го подвлече следното:

За шесте економии од Западен Балкан (ЗБ), ЕУ претставува главен трговски партнер со учество од скоро 70% од вкупната трговија на регионот, додека учеството на трговијата со земјите од Западен Балкан во вкупната трговија на ЕУ е само 1,4%. Во последната декада надворешно-трговската размена помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан се зголеми за скоро 130% и во 2019 година изнесува 55 милијарди евра (податоци Европска Комисија). Од друга страна, трендовите на надворешна трговија меѓу земјите од ЗБ не се така поволни и откриваат голем неискористен потенцијал. Обемот на надворешно трговската размена помеѓу шесте земји на Западен Балкан е сеуште мал, иако од година во година се зголемува.

Многу е важна, во следниот период, нашата регионална соработка и поврзување на компаниите од нашите земји со цел заеднички настап на трети пазари и создавање на уште подобри релации  на соработка меѓу нашите деловни заедници, истакна Георгиева-Јовевска.

Таа потенцираше и дека во следниот период нашата меѓусебна соработка треба да се зацврстува на полето на индустријата, инфраструктурата, енергијата, образованието, претприемништвото, трговската промоција, преносот на знаење, а акцент да се стави и на идентификување и планирање на заеднички национални проекти.

Ние, потребно е фокус да ставиме на нашите приоритети, односно на приоритетите на Асоцијацијата на балканските комори а тоа се првенствено: развивање на соработката помеѓу бизнис заедниците во Балканскиот регион како и заеднички со трети земји, охрабрување и поддршка на активностите насочени кон структурни реформи во економиите на балканските земји со поглед кон пристапувањето во ЕУ, иницирање и имплементација на заеднички проекти за Балканскиот регион како и заедничко учество во ЕУ програмите и останатите партнерски програми и фондови, подвлече Георгиева-Јовевска.

На крајот од овогодинешното Генерално собрание на АБК, се потенцираше и значењето на дигитализацијата. Во однос на оваа област потпретседателот Георгиева-Јовевска истакна неколку клучни аспекти. Дигитализацијата која на светско ниво го достигнува својот врв последниве години, посебно сега во услови на работење во криза предизвикана од COVID-19 која не знаеме до кога истата ќе трае, е клучна алатка која мора да биде во фокусот на работата на сите економии. Дигитализацијата, технолошкиот напредок и развојот на технолошките процеси на една земја се најзначајниот извор на економски раст, а истиот тој раст го подобрува општествениот и материјалниот живот на луѓето.

Земјите од Западниот Балкан во изминатите неколку години високо на својата агенда ги поставија процесите и стратегиите за дигитализација, подобрување на инфраструктурата на широкопојасен пристап и дигитална писменост, кои се разработуваат и се реализираат преку Дигиталната агенда на Западен Балкан.

Стопанската комора на Македонија, истакна Георгиева-Јовевска, исто така активно е вклучена во имплементирањето на современите технолошки решенија, следејќи ги глобалните трендови од една страна, но и барањата и потребите на компаниите, од друга страна. Стопанската комора на Македонија со цел рационализација на времето и трошоците на компаниите-извозници во текот на 2020 година, превзема повеќе активности кои се однесуваа на дигитализирање на процесите на Комората за издавањето на документите потребни во надворешно-трговското работење на компаниите. На истото се работи во моментов и се очекува од почетокот на 2021 година, Комората целосно да го дигитализира процесот на издавање на документитите кои се во нејзина надлежност со што значително ќе им се помогне на компаниите во намалување на трошоците, поголема ефикасност и следливост на истите. Стопанската комора на Македонија подготви Проект и за целосна дигитализација на нејзиното работење кој се планира да се имплементира со партнерска институција, со цел во 2022 година, кога ќе го одбележуваме големиот јубилеј-100 годишнината од постоењето на коморскиот систем во нашата земја, да го заокружиме целиот овој процес и да преминеме на целосно Дигитална комора од бенефит за нашите членки.

Следната година, претседателствувањето со Асоцијацијата на балкански комори го превзема Бугарија, односно Бугарската трговско-индустриска комора.

Асоцијацијата на балканските комори е основана на 17 септември 1994 година, во Мангалија, Романија, со цел создавање интеграција и развој на стопанската соработка во регионот. Членки на АБК покрај Стопанската комора на Македонија се и: Унијата на стопански комори на Албанија, Бугарската трговско-индустриска комора, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Кипар, Трговско-индустриската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција и Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција, сите, долгогодишни партнери и одлични соработници на нашата институција.

Свое обраќање на Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори имаа и претставници од Коморите кои се дел од АБК: Рифат Хисарчиоглу, претседател на Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција и потпретседател на Асоцијацијата на европските комори (EUROCHAMBRES), Инес Мукостепа, претседател на Унијата на стопански комори на Албанија, Вјекослав Вуковиќ, претседател на Надворешно-трговската комора на БиХ, Цветан Симеонов, претседател на Бугарската трговско-индустриска комора, Берат Рукиќи, претседател на Стопанската комора на Косово, Балша Чулафиќ од Стопанска комора на Црна Гора, Стефан Воинеа од Трговско-индустриската комора на Романија, Марко Мандиќ и Јована Мајсторовиќ од Стопанската комора на Србија и Чагри Ѓурѓур од Унијата на трговски комори и стоковни берзи на Турција. Сите говорници дискутираа по трите клучни теми кои беа фокус на Генералното собрание со ставање акцент на проблемите со кои се соочуваат компаниите во време на економска и здравствена криза предизвикана од COVID-19. Учесниците се согласија дека во изминатиот период се евидентирани големи загуби и пад на економиите скоро во сите сектори, а особено во туризмот и угостителството, транспорот, градежништвото, автомобилската индустрија....Учесниците ја потенцираа важноста од продолжување на соработката меѓу Коморите и Владите со цел превземање на мерки за надминување на кризата и опоравување на економиите.

Исто така, генерално, од говорниците беше потенцирано дека Коморите од регионот на Западен Балкан треба да покажат дека преку процесот на дигитализација кој е неминовен во денешно време, се лидери во следење на светските и европски текови. Сите се адаптираме кон промените во условите на секојдневното работење кое е испреплетено со предизвици и неизвесност, а за сето тоа потребна е понатамошна целосна поддршка и од самите држави, пред се во градењето на дигитална инфраструктура, која ќе го овозможи тој процес на дигитализација да биде целосно инкорпориран и во работењето на компании од целиот регион.

За полесен пристап на компаниите до услугите кои ги нудат Коморите, особено во овој кризен период, беше посочен примерот на Бугарската трговско-индустриска комора за дигитализација на услугите за зголемување на придобивките за компаниите, како што е арбитражата и арбитражните постапки. Стопанската комора на Македонија ја поздрави оваа иницијатива и во наредниот период, покрај услугите коишто веќе се дигитализирани, интензивно ќе работи и на дигитализација на останатите услуги.

Од Генералното собрание на Асоцијацијата на балканските комори произлегоа следните заклучоци:

- Продолжување на соработката меѓу Коморите и Владите со цел понатамошно преземање и реализација на мерките за надминување на кризата и опоравување на економиите,

- Во наредниот период, Коморите членки на АБК интензивно ќе работат на  дигиталната трансформација како еден од главните приоритети на бизнис заедницата,

- Интензивирање на дијалогот и соработката помеѓу земјите и Коморите од регионот и пошироко преку размена на информации и “know-how”,

- Отстранување на бариерите за водење бизнис во регионот преку преземање нови и продолжување на започнатите заеднички иницијативи,

- Поддршка во преговорите за што поскоро приклучување  на земјите од регионот кон ЕУ и работа на заеднички проекти со цел регионално поврзување со Европската Унија,

- Во однос на кризата предизвикана од ковид-пандемијата, потребно е да се работи на размена на информации во однос на справување со истата со цел успешно имплементирање на споменатата платформа за работа, приоритетна за наредниот период. Со оглед на тоа што следната година, со Асоцијацијата на балканските комори ќе претседателствува Бугарската трговско-индустриска комора, заклучоците кои треба и писмено да бидат потврдени и надополнети од сите Комори членки на АБК, ќе претставуваат програма за работа на АБК за 2021 година.                                                                              

ПРЕПОРАЧАНО