Интервјуа
Осигурувањето ги штити најважните работи во животот
Еуролинк
Клаус Шајтегел, претседател на Одборот на директори на Grazer Wechselseitige Versicherung AG и претседател на Надзорниот одбор на Еуролинк осигурување
Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување
Може ли да ни кажете нешто повеќе за групацијата ГРАВЕ, нејзината историја и основните деловни активности?
К.Шајтегел: ГРАВЕ е основана во 1828 година од надвојводата Јохан од Австрија како регионален осигурител од пожари со седиште во Грац, Австрија и прерасна во меѓународна групација која нуди осигурување во секторот за животно и неживотно осигурување. ГРАВЕ е претставена од 18 подружници за осигурување на 13 пазари на ЦИЈИЕ (Централна, Источна и Југоисточна Европа). Нејзината целна група на клиенти го вклучува целото население и економски групи, особено приватни лица, земјоделци, фриленсери, како и мали и средни претпријатија. Покрај своите подружници за осигурување, ГРАВЕ има дополнителни подружници и поврзани компании во секторот на недвижнини и секторот на финансиски услуги.
ГРАВЕ по 13-ти пат ја добива „Recommender award “ што ја доделувa Здружението за финансиски маркетинг на Австрија (FMVÖ). Можете ли да ни кажете повеќе за ова вредно признание?
К.Шајтегел: Наградата „Recommender award“ им се доделува на институциите кои имаат највисока стапка на препораки во соодветната категорија по истражувањето спроведено меѓу 8 000 клиенти, што неодамна беше извршено во првиот квартал од 2020 година. Навистина сме горди што ја освоивме наградата по 13-ти пат во изминативе 14 години за највисока стапка на препораки во категоријата „осигурителни компании низ Австрија“. Понатаму, ние бевме наградени со оценка „одлична насоченост кон потрошувачите“. Ова признание ја потврдува извонредната работа на сите вработени во ГРАВЕ, како и на нашите производи ориентирани кон клиенти.
Еуролинк осигурување е меѓу лидерите на пазарот во неживотно осигурување веќе неколку години. Кажете ни повеќе за најновите достигнувања.
М.Томеска: Годинава ја започнавме со одлични резултати, заземајќи ја првата позиција на пазарот во првиот квартал на 2020 година со 14,5 % пазарен удел. Вториот квартал на 2020 година генерираше премија во износ од 562 943 000 денари, зајакнувајќи ја нашата лидерска позиција во деловните линии за осигурување од незгода, здравствена заштита и одговорност. Некои од овие класи на осигурување, како што е приватното здравствено осигурување, беа воведени на македонскиот осигурителен пазар од страна на Еуролинк. Ако се земе предвид дека на крајот на минатата година држевме 46 % пазарен удел во здравственото осигурување, со задоволство можеме да заклучиме дека не само што создадовме нов стандард на пазарот, туку континуирано успеваме да ги обезбедиме најдобрите понуди и уште поважно − најдобра услуга за нашите клиенти. На пример, нашето здравствено осигурување е целосно прилагодено за онлајн продажба и пријава на штети. Со цел да го задржиме нашиот пионерски пристап, ние сме посветени на иновациите на осигурителниот пазар преку нови осигурителни производи и преку инвестиции во нови технологии кои овозможуваат поголема флексибилност за клиентите. Со оглед на новите потреби на клиентите произлезени од пандемијата со ковид-19, оваа година ја создадовме првата интерактивна онлајн филијала за осигурување. Исто така го дополнивме патничкото осигурување за да го покриеме ризикот од ковид-19. Во план се и други нови производи со цел секогаш да ги пресретнеме потребите на нашите почитувани клиенти.
Групацијата ГРАВЕ е ориентирана кон земјите од Централна и Источна Европа и преку своето значително присуство може слободно да се каже дека ГРАВЕ значително го обликува осигурителниот сектор во регионот. Која е причината за ваквата стратешка одлука и кои се идните планови на групацијата?
К.Шајтегел: ГРАВЕ има подружници за осигурување во: Австрија, Словенија, Хрватска, Унгарија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Украина, Молдавија, Романија, Бугарија, Северна Македонија и Кипар. ГРАВЕ спроведува стратегија за одржлив раст на овие пазари и има намера да ги понуди своите сеопфатни производи за животно и неживотно осигурување. Ова исто така е со цел да се постигне поширока диверзификација во портфолиото на производи и да се вклучи или зголеми бизнисот во секторот за неживотно осигурување.
Уделот на пазарот на групацијата ГРАВЕ во македонскиот осигурителен сектор сега расте и станува значаен. Каков е планот во однос на позиционирањето на групацијата и нејзините три компании на пазарот?
К.Шајтегел: Првата подружница на ГРАВЕ во Северна Македонија, компанијата за животно осигурување „ГРАВЕ Скопје“, е основана во 2007 година и континуирано покажува одлични резултати. Во 2019 година, ГРАВЕ влезе во неживотно осигурување со аквизиција на „ЕУРОСИГ АД Скопје“ и нејзината интеграција во групацијата ГРАВЕ под новото име „ГРАВЕ Неживот Скопје“. Понатаму, ГРАВЕ го презеде „Еуролинк осигурување АД Скопје“ неодамна, во март 2020 година, која е најдобро етаблирана компанија за неживотно осигурување на пазарот. Така ГРАВЕ беше во можност да ја достигне лидерската позиција на осигурителниот пазарот во Северна Македонија и успешно да го заокружи својот влез во бизнисот со неживотно осигурување. Нашиот план за во иднина е во широк опфат да ги нудиме нашите услуги во секторот за животно и неживотно осигурување и да воспоставиме густа мрежа низ целата земја, која секогаш ќе биде поврзана со високите стандарди за квалитет на ГРАВЕ и нејзината финансиска сила и стабилност.
Дали има промени во работењето на Еуролинк од промената на сопственичката структура? Која беше најголемата промена во секојдневните деловни активности и што очекувате да биде најголема придобивка по преземањето од групацијата ГРАВЕ?
М.Томеска: Еуролинк осигурување официјално стана дел од групацијата ГРАВЕ во март 2020 година. Во однос на секојдневното работење на компанијата, ние не направивме некои поголеми промени. Ова најмногу се должи на фактот дека Еуролинк веќе беше и останува да биде реномирана и стабилна осигурителна компанија која постојано дава одлични резултати, достигнувајќи ги највисоките стандарди. Ова се клучните вредности што ги споделуваме со нашата матична компанија, што ја направи интеграцијата лесна од самиот почеток. Во овој период, со поддршка на ГРАВЕ, развивавме краткорочни и долгорочни деловни планови и започнавме тесна соработка со новиот Надзорен одбор за нивно реализирање.
Станувањето дел од групацијата ГРАВЕ дополнително ја зголемува финансиската стабилност на Еуролинк според строгите регулативи на ЕУ. Понатаму, ние добиваме пристап до знаење и експертиза што се гради повеќе од 190 години и убедена сум дека ова ќе донесе дополнителен квалитет на нашите услуги, одличност и стабилност, во полза на нашите клиенти.
Еуролинк осигурување е сега дел од групацијата ГРАВЕ. Какви промени воведовте во брендот? Кои се долгорочните планови во врска со брендот на Еуролинк осигурување?
М.Томеска: Брендот на Еуролинк се карактеризира со висока вредност и препознатливост, што е постигнато во текот на годините преку бројни активности во осигурителниот сектор и вложување во заедницата. Ние продолжуваме да работиме како посебно правно лице и ќерка компанија во рамките на групацијата ГРАВЕ под брендот на Еуролинк. За дополнително зајакнување на брендот, неодамна во нашето лого додадовме дека сме членка на групацијата ГРАВЕ. Новиот визуелен идентитет постепено ќе се воведува во сите наши материјали и филијали. Нашите клиенти и јавноста можат да ги најдат сите информации за спроведените промени и на нашата веб-страница.
Како искуството и стручноста на ГРАВЕ ќе придонесат за македонскиот осигурителен пазар преку Еуролинк? Што ќе донесе ГРАВЕ, a што ќе донесе Еуролинк за синергија меѓу двете компании?
К.Шајтегел: Една придобивка е што Еуролинк ја има зад себе ГРАВЕ − финансиски исклучително силна компанија како матична компанија, што резултира во многу поголема безбедност за нејзините клиенти, вработените и деловните партнери. Понатаму, присуството на ГРАВЕ на ЦИЈИЕ-пазарите се смета за голема предност. Клиентите на Еуролинк имаат корист од високоразвиеното портфолио на производи кое е во согласност со ЕУ-стандардите и од знаењето, напредната технологија, професионалното работење и многу високиот квалитет на услугата во рамките на ГРАВЕ, како и нејзината многу силна мрежа во земјите на ЦИЈИЕ и последно, но не и најмалку важно, од искуството на групацијата во осигурителниот бизнис повеќе од 190 години. Покрај тоа, Еуролинк е осигурителна компанија со одлични резултати во рамките на пазарот за неживотно осигурување во Северна Македонија, со одлична репутација и двоцифрен удел на пазарот пред преземањето од страна на ГРАВЕ. Еуролинк ќе ја донесе својата експертиза, нејзината локална мрежа и продажни канали, како и своето искуство со локалните правила и регулаторни барања.
М.Томеска: Најпрво, ГРАВЕ дополнително ќе ја зајакне финансиската стабилност на Еуролинк и ќе ја одржи според највисоките не само локални, туку европски стандарди. Така ќе добиеме уште посилен лидер на македонскиот осигурителен пазар. Покрај тоа ГРАВЕ ќе го донесе своето осигурително искуство и знаење што, споено со локалната експертиза и реноме на Еуролинк, ќе создаде моќна синергија и подобри услуги во корист на нашите клиенти.
Еуролинк ќе донесе неспорно локално знаење за осигурителниот сектор, како и силно локално присуство и бренд. Еуролинк ги знае потребите на локалното население и бизнисите, како и начините на кои бараат поддршка кога станува збор за осигурувањето. Имаме над 500 000 задоволни клиенти, што е број што најдобро сведочи за оваа блискост со нашите клиенти. Значи, ние ќе го донесеме нашето локално искуство, работна етика и посветеност кон подобрување на животот на луѓето во еден сличен микс на вредности што ја одржува групацијата ГРАВЕ успешна и во раст повеќе од 190 години.
Македонскиот осигурителен сектор се промени во последниве неколку години и во моментов гледаме дека речиси сите осигурителни компании се дел од поголемите групации. Како ги проценувате условите во македонскиот осигурителен сектор сега?
М.Томеска: Гледаме значителни подобрувања на стандардите за осигурување на пазарот, особено во однос на капитализацијата на компаниите. Меѓународните осигурителни групации што влегуваат на пазарот придонесуваат за покачување на стандардите во индустријата. Со оглед на тоа што повеќето од нив работат според високите стандарди на European Solvency 2, неизбежно е и тие постепено да ги менуваат локалните практики. Конкуренцијата станува сѐ посилна, што за нас е мотив да се подобруваме од ден на ден, да бидеме уште поагилни и подинамични. Сепак, пазарот е сè уште незрел и доминира задолжителната автоодговорност, а другите класи покажуваат скромен раст. Очекувам овие услови да се променат со воведување нови производи што можат да бидат донесени од матичните компании. Сè уште треба да работиме заедно како сектор за да се оддалечиме од конкуренција единствено врз основа на цена и да вложиме заеднички напори за едукација на јавноста за придобивките од имање осигурување што ги штити најважните работи во животот.
Какво е Вашето мислење за македонскиот осигурителен сектор и неговите изгледи?
К.Шајтегел: Сметам дека пазарот на осигурување во Северна Македонија има многу потенцијал. Побарувачката, особено за осигурување моторни возила, но и за други неживотни осигурувања, е зголемена во последниве години. Сѐ на сѐ, приходите од премија на вкупниот пазар значително пораснаа. Поради прилично ниската пер капита премија во комбинација со споменатата зголемена побарувачка, очекуваме понатамошен раст.
Еуролинк е познат по своите новитети во сите сегменти на осигурителните услуги. Кои се Вашите следни планови, што има ново од Еуролинк?
М.Томеска: Најновите вести од Еуролинк е осигурувањето за велосипеди кое ќе ги покрива непресретнатите потреби за осигурување на урбаните велосипедисти − значителен дел од населението кое рапидно расте. Со воведување на осигурување за велосипеди ќе создадеме услови за побезбедна и почеста употреба на велосипедот како превозно средство, што на крајот ќе придонесе за унапредување на здравјето, на животната средина и на квалитетот на животот во заедницата. Воведовме и големи промени во патничкото осигурување, што сега ги покрива не само трошоци за лекување на ковид-19 туку и трошоците за превоз. Со оглед на состојбата со пандемијата, постоеше реална потреба за понатамошна безбедност на нашите клиенти и се погриживме да го надградиме производот така што тој навистина обезбедува поддршка во случај на ковид-19 додека патувате. Така, покрај покритието за лекарска помош поради ковид-19, ние ќе ги покриеме трошоците за враќање во земјата со авион, воз, автобус или автомобил за нашиот клиент, потесното семејство, како и нивното возило, доколку е потребно. Ова е најдобрата поддршка што можеме да ја обезбедиме за да можат нашите клиенти повторно да патуваат безгрижно.
Неизбежно е да се праша за влијанието на пандемијата. Како групацијата ГРАВЕ се справува со кризата и каква е Вашата прогноза?
К.Шајтегел: Општо, групацијата ГРАВЕ досега многу добро управуваше со кризата предизвикана од ковид-19. Ги реконструиравме нашите работни текови кон зајакната е-комуникација, телефонски и видеоконференции, веб-работилници, решенија за работа од дома итн. Се разбира, имавме пад во продажбата во првите недели по избувнувањето на кризата, но овој пад беше само привремен. За среќа, ефектот врз целокупната деловна активност досега беше мал. Како и да е, очекуваме да се соочиме со ковид-19 и во следните месеци, а со ефектот од пандемијата врз глобалната економија дури и во следните години. Но, бидејќи сите наши компании се добро капитализирани и внимателно управувани, ние ќе ги надминеме предизвиците.
К.Шајтегел: Предизвик е постојаното опкружување од низок интерес од аспект на секторот за животно осигурување
М.Томеска: Очекуваме уште потежок период пред нас бидејќи нашите проценки покажуваат дека најголемиот удар на пандемијата во бизнисот допрва претстои
Како Еуролинк се справува со кризата и каква е Вашата проценка за следната година? Како влијае пандемијата во осигурителната индустрија во земјава?
М.Томеска: Од почетокот на пандемијата фокусирани сме на безбедноста за сите наши вработени и нивните работни места, како и на обезбедување привремено олеснување на условите за нашите најпогодени клиенти. Брзо воведовме целосна видеокомуникација и внатрешно и надворешно. Во моментов значително инвестираме во подобрување на вештините за онлајн состаноци на продажниот сектор со цел да ги подготвиме за уште еден начин на сервисирање клиенти усвоен во текот на пандемијата.
Еуролинк осигурување претрпе голем пад во продажбата на патничко осигурување и зелена карта, што е на ниво на падот на целиот осигурителен сектор за овие класи. Дополнително, осигурителниот сектор се соочи со тешкотии при наплатата на премијата со оглед на ефектите што ги имаше пандемијата врз целокупната економија. Сепак, гледаме севкупни солидни резултати во продажбата со зголемување на интересот за приватното здравствено осигурување и станбеното осигурување. Ова е резултат на големиот вложен труд од страна на целиот тим составен од 220 вработени, висока флексибилност и посветеност на потребите на секој клиент.
Очекуваме уште потежок период пред нас бидејќи нашите проценки покажуваат дека најголемиот удар на пандемијата во бизнисот допрва претстои.
Сепак, ние остануваме силна и стабилна осигурителна компанија, дури и во време на ваква досега невидена криза каква што е пандемијата со која се соочува целиот свет. Ова значи дека и покрај кризата нашите клиенти и партнери нема да бидат погодени и ние ќе продолжиме со беспрекорно сервисирање на сите наши обврски.
И двајцата внимателно ги следите глобалните трендови, како регионалните, така и локалните случувања. Според ваша проценка, што претстои за осигурителната индустрија на глобално и локално ниво?
К.Шајтегел: Според мое мислење, пофлексибилни и иновативни производи, поефикасни процеси и работни текови, подобрувања во продажните процеси во правец на нивна поедноставеност, како и современи и флексибилни технологии за комуникација со клиентите дефинитивно може да се забележат како трендови или барања од осигурителната индустрија. Тековен предизвик за осигурителниот сектор е дополнително соодветно исполнување на законските и регулаторните барања во рамките на ЕУ и исто така на локално ниво. Исто така предизвик е постојаното опкружување од низок интерес од аспект на секторот за животно осигурување.
М.Томеска: На глобално ниво, можеме да очекуваме дека дигитализацијата, примената на AI и интернетот на работите (IoT) ќе го раздвижат осигурителниот сектор и ќе го подобрат целокупното искуство на клиентите. Новите технологии ќе овозможат минимизирање на административните процедури и клиентите ќе бидат сервисирани од далечина, секогаш кога е можно. Понатаму ќе видиме поместувања во основниот принцип на осигурителните производи кои полека ќе се придвижат од само надоместок на штета кон превенција.
Локално треба да очекуваме целосна модернизација во склад со глобалните трендови. Дигитализацијата ќе овозможи поефикасна обработка на барањата за надоместок на штети, а персонализацијата преку имплементација на нови технологии ќе доведе до нови видови осигурителни услуги и подобрена поддршка за клиентите.
Компаниите што ќе успеат во овие полиња се оние што ќе ја донесат иднината на осигурувањето пред своите клиенти.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2020г.)