Финансии / Банкарство
Бесими: За да бидеме успешни потребен е сеопфатен и долгорочен план
Што очекуваат од 2021 година?
Фатмир Бесими: Следната 2021 година ќе биде подеднаков предизвик како 2020 година, но на сосема друг начин. Годинава се соочивме со една од најголемите економски кризи од големата депресија наваму. Предизвикот за 2021 година ќе биде да излеземе од неа. Базичните очекувања се дека импактот на ковид кризата ќе почне да избледува по првото тримесечје од 2021 година. Домашната побарувачка ќе премине во позитивна зона, инвестициската активност ќе заздрави, како и економиите на нашите најголеми трговски партнери, што ќе влијае на нашата извозна активност. Иако оваа криза се карактеризираше со голема доза на неизвесност, со почетокот на вакцинацијата имаме извесност за крајот.
За да бидеме успешни потребен е сеопфатен и долгорочен план. Оттаму стратегиите и политиките кои ги креираме ги темелиме на подолгорочни проекции. Наша цел е да постигнеме двојно повисок раст во однос на изминатиов 10-годишен период со стапки 4 − 5 %, кој воедно ќе биде одржлив и инклузивен. SmartER Growth. Сакаме успешна, модерна, зелена економија, каде што процесите ќе бидат дигитализирани. Тоа ќе го постигнеме преку јасна стратегија, политики и мерки, прво за заздравување на економијата, понатаму за зголемување на конкурентноста и вложување во човечкиот капитал, проследено со политики за фискална консолидација и амбициозен, издржан план за јавни инвестиции во следните 5 години.