Интервјуа

Славица Попева: Преку проектни партнерства нудиме иновативни решенија за компаниите

Славица Попева, извршен директор на ФрстФорт Груп

Г-ца Попева, Вие сте извршен директор на ФрстФорт Груп. Најпрвин да ги запознаеме читателите со „личната карта“ на компанијата.

С.Попева: ФрстФорт Груп (FirstFort Group) е приватна компанија која, пред сè, работи во областа на бизнис-менаџмент и консалтинг. Започнавме со работа во 2020 година, по прилично долг период на истражување на пазарите од наш интерес, по што беа утврдени главните области во кои ќе инвестира и ќе работи компанијата, како и првиот 5-годишен оперативен и финансиски план. ФрстФорт Груп е во приватна сопственост и не е поврзана со фондови или други правни лица кои би имале влијание на процесот на носење одлуки и работа. Оваа независност е всушност и еден од главните адути на нашиот концепт и можноста на пазарот да понудиме иновативни решенија за стартап, мали и средни компании кои преку проектни партнерства ќе имаат можност да продолжат со остварување на својата визија и да ги пребродат финансиските и оперативни препреки. Ние не сме инвестициски фонд и сите финансиски средства со кои располагаме се приватна инвестиција и резултат од приходи од услугите кои ги нудиме на интернационалниот пазар. Нашата компанија е всушност комбинација од корпоративен бизнис-ангел, акцелератор, инкубатор и консалтинг компанија.

Кои субјекти се потенцијални корисници на Вашите услуги, која е Вашата таргет група на клиенти?

С.Попева: Нашата палета на услуги е насочена кон поддршка на стартап, мали и средни компании, како и инвестиции на пазарот на недвижнини и иновативни проекти од сите области. Комбинацијата на инвестиции во перспективни проекти, изградба и менџирање на деловни објекти со модерен дизајн и обединување на технологии отвора можности за работа во сите индустрии и бизнис-циклуси. Нашата стратегија е флексибилна, не се ограничуваме на конкретни области и тоа ни дава можност да соработуваме со сите групи на компании.

По што се разликува ФрстФорт Груп од останатите на пазарот?

С.Попева: Имајќи предвид дека имаме лично финансиско портфолио кое ја обезбедува нашата стабилност и одржливост на пазарот, имаме релативна слобода да ја организираме соработката со нашите клиенти и партнери на начин кој не е оптоварен со барања за висока профитабилност или брзо враќање на инвестициите. Нашата цел е долгорочна соработка базирана на доверба, на транспарентност и на зaемно партнерство. ФрстФорт Груп не бара удел во сопственичката структура на компанијата која ја поддржува, туку заедничко учество во партнерства базирани на конкретни проекти, користење на заеднички ресурси и заеднички настап на пазарот. На крајот од минималниот период на партнерството кој е дефиниран со договор за партнерство, сопствениците на тие компании не мора да се грижат за тоа дали и како ќе си ја вратат сопственичката структура. Нивните компании се само нивни, а ние како имплементирачки партнери продолжуваме побогати со искуство и портфолио. Интернационално овој концепт е познат под терминот Joint Ventures или поконкретно Project Joint Ventures и Functional Joint Ventures.

ФрстФорт Груп во своето портфолио на услуги обединува неколку групи на услуги. Кажете ни кои се тие области и зошто се фокусиравте токму на нив?

С.Попева: ФрстФорт Груп нуди комбинација на услуги од областа на: недвижнини, инвестиции, бизнис-консалтинг и дигитална технологија. Овие четири области беа избрани врз основа на нашите претходни искуства и резултатите од пазарното истражување кое го реализиравме во период од 12 месеци. Нашата анализа покажа дека малиот и среден пазар во Северна Македонија функционира во услови кои не овозможуваат целосен развој на нивните идеи и остварување на цели без да се соочат со некоја препрека која најчесто резултира со затворање на бизнисот. Само за пример, во првите шест месеци од 2020 година, во Северна Македонија затворени се 4 500 компании. За споредба, во 2019 година, вкупниот број на згаснати компании бил 5 447. Речиси 80 % од нив биле микро компании до 10 вработени. Трендот е во пораст, а факторите за ова не се повразани само со ковид-19 бидејќи причините за една компанија да се затвори не се случуваат во 2 или 3 месеци. Токму овие статистики се показатели дека на нашиот пазар е потребна функционална поддршка на малиот и среден пазар, надвор од традиционалните концепти на кредитирање, диверзификација на сопственоста или оптоварување на бизнисите со финансиски обврски кои подоцна ќе преминат во финансиски проблеми. Она што ние го нудиме е функционална средина во наш бизнис-инкубатор, поддршка на функциите на бизнисите, пристап до финансиски капитал и интегрирање на дигиталната технологија во работните процеси.

Да се задржиме поодделно на секоја од областите. Најпрвин, областа на недвижнини. Што нудите на тој план?

С.Попева: Она што ја прави нашата компанија конкурентна на пазарот на недвижнини е флексибилна и персонализирана услуга за нашите клиенти. Нашето портфолио на недвижнини има цел да обезбеди висок квалитет на работна средина со сите потребни ресурси и реални цени кои секоја стартап и мала компанија може да си ги дозволи. Важен сегмент за оваа наша услуга е тоа што ФрстФорт Груп самостојно ги планира, ги дизајнира и ги изведува овие објекти со посебно внимание на внатрешниот дизајн, што всушност е и една од главните услуги кои ние ги нудиме на пазарот на недвижнини. Големите бизнис-центри капитализираат на концептот на изнајмување на големи деловни единици чија големина не им е потребна на малите фирми, а истовремено цените се високи. Малите компании имаат високи почетни расходи за изнајмување и поради тоа поголемиот дел од нив користат станбени простории кои ги претвораат во канцеларии. Има голем недостаток на современи, корпоративно уредени, бизнис-објекти кои би нуделе флексибилност при избор на големина на простор, прифатливи цени, техничка поддршка и пријатна работна атмосфера. Токму ова е и следниот чекор на ФрстФорт Груп − дизаjн и изведба на модерен бизнис-центар кој ќе биде наменет за малиот и среден пазар, а истовремено ќе ги нуди условите кои сега можат да си ги дозволат само големите компании.

Втората област во која нудите услуги се инвестициите. За каков вид финансиски инструменти станува збор и од каде доаѓа мотивацијата за нивна примена?

С.Попева: Концептот кој ние го нудиме е базиран на заедничко учество во проекти. Претходно ги спомнавме термините Project Joint Venture и Functional Joint Ventures. Tерминот „партнерство“ најчесто се сфаќа во традиционална смисла, односно косопствеништво. Нашите инвестиции се насочени кон поддршка на конкретни проекти на нашите клиенти кои имаат идеја и визија, но им недостигаат капитал, услови или искуство. Со формирање на проектно партнерство, ние ги обезбедуваме финансиските средства за опрема, персонал или друг аспект од проектот, активно се вклучуваме во организацијата, контролата на ликвидност, маркетингот и понатамошниот развој на производите или услугите кои резултираат од тој проект, како и самата интеграција на производите и услугите на пазарот. Моментално нашиот инвестициски план предвидува инвестиции до 30 000 евра по проект од сопствен капитал, за период до 3 години. Во идните 5 години ќе го тестираме овој модел и доколку пазарните и економски фактори дозволуваат ќе преминеме кон формирање на друштво за управување со фонд и отворен инвестициски фонд кои ќе имаат регулиран статус врз основа на Законот за инвестициски фондови. Поради интернационалното искуство на нашиот извршен тим, веќе имаме понуди за инвестиции од интернационални инвеститори, меѓутоа настапуваме постепено, ги анализираме реалните услови, стабилноста на самиот пазар и ризиците кои постојат.

Вие го преземате целиот ризик за Вашите инвестиции и Вие не станувате косопственици таму каде што инвестирате, туку се работи за партнерства. Како функционира ова во пракса преку конкретен, хипотетичен пример?

С.Попева: Инвестициите во проектни партнерства се всушност флексибилен концепт за остварување на заедничка цел без да се менуваат структурата, функцијата и плановите за стратегиски развој. Првенствено треба да појаснеме дека постои разлика меѓу термините косопственици (shareholders) и заинтересирани страни (stakeholders). Косопствениците се истовремено и заинтересирани страни, а заинтересирани страни може, но не мора да бидат косопственици. ФрстФорт Груп, во овие проектни партнерства, ја има функцијата на заинтересирана страна. Нашите партнери се компании кои најчесто се на почетокот на својот развоен циклус, имаат производи и услуги кои планираат да ги пласираат на пазарот, меѓутоа им недостигаат финансиски средства, немаат своја интерна маркетинг, ИТ- или некоја друга функција или едноставно немаат искуство како да се справат со конкуренцијата и генералните препреки во бизнис-работењето. Со склучување на проектното партнерство, ФрстФорт Груп им овозможува капитал за развој, пристап до современ деловен простор, маркетинг или ИТ-тимови кои се веќе дел од ФрстФорт Груп или пристап до сопствена информатичка инфраструктура. За тоа време, стартап компанијата се концентрира само на производството и на продажбата. Приходите од проектот на компанијата ќе ѝ овозможат постепен развој, стабилизација и идна независност, а на ФрстФорт Груп ќе ѝ донесат приходи од кои ќе се врати дадената инвестиција. Проектното партнерство завршува без сложени трансакции на сопственост или нарушување на односите на партнерите.
Нашиот извршен тим во изминативе пет години учествуваше во повеќе од 20 слични проекти во САД, Обединетите Арапски Емирати и Полска и концептот се покажа многу успешен, со просечена заработка од 21 % по проектно партнерство и инвестициски циклуси од 3 години. Успешноста на овие партнерства, вклучувајќи ја и финансиската профитабилност, како и искуството во конкретната индустрија во која се реализираат проектите, се бенефитите кои ја оправдуваат инвестицијата без да се биде косопственик.

Третата област во која давате услуги е консалтингот. За каков тип на консалтинг станува збор?

С.Попева: Пред сè, станува збор за две групи на услуги. Првата група е стратегиски консалтинг преку кој обезбедуваме долгорочни проценки на бизнис-климата и ризиците на пазарот, геополитички анализи, длабински анализи и советување на извршните и надзорните нивоа на големите компании. Втората група е оперативниот консалтинг кој се однесува на самото работење на нашите клиенти, односно анализи на пазарот, подготовка и управување со маркетинг-стратегии и маркетинг-микс, трансформација на организациската структура, оперативен менаџмент и поддршка во областа на јавните набавки. Оваа линија на услуги е всушност директно вклучена и во процесот на инвестирање во проектни партнерства, меѓутоа во првите неколку месеци од нашето работење оваа линија на услуги ја насочивме кон странски клиенти со кои веќе имаме активни проекти.

Четвртата област е дигиталната технологија. Што вклучува Вашиот пакет услуги во оваа област?

С.Попева: Оваа група на услуги првенствено беше замислена како елемент за внатрешна поддршка на нашето работење. Имавме потреба од изработка на веб-страници, бази на податоци, посебен софтвер и дата центар за заштита на сите податоци и проекти. Имавме опција сите овие услуги да ги доделиме на надворшни економски оператори, меѓутоа по анализата на цените на пазарот заклучивме дека со релативно мала инвестиција добиваме наш сопствен ИТ-тим и инфраструктурни капацитети кои можеме да ги нудиме и како услуги на пазарот. Сега веќе имаме развиен процес преку кој нудиме дигитална трансформација, оптимизација и интеграција на технологија за подобрување на процеси, хостинг на безбедни мемориски носители на податоци од iStorage-програмата, изработка на веб-страници и дигитален маркетинг.

Набљудувано во поширок контекст, во која насока очекувате да се развива бизнис-секторот во земјава? Дали најголемиот потенцијал лежи во големите компании или во малите и средни фирми и во стартапите?

С.Попева: Несомнено е дека вo блиска иднина, посебно со перспективите за отворање на нашиот пазар кон европска економска зона, малите и средни компании ќе бидат најважниот елемент во бизнис-секторот и истовремено ќе бидат носител на најголемите фондови за поддршка кои ќе бидат доделени за развој на малиот и среден пазар. Исто така факт е дека без услови за развој и поддршка на малиот и средниот пазар, нашите идни претприемачи ќе ги реализираат своите идеи надвор од земјава. Личната визијата и желбата да се успее на бизнис-план се два аспекти кои државните граници не можат да ги сопрат и доколку нашата земја не е подготвена да вложи поголеми напори во поддршка на малите и средни компании, има многу други земји кои се спремни тоа да го направат. Во изминативе 5 години нашиот извршен тим инвестирал во 12 мали и средни компании во САД, Полска и Дубаи, од кои 9 биле компании формирани од наши иселеници и моментално сите се успешни бизнисмени. Крајно време е вакви успешни стории да се случуваат сè почесто и кај нас.

Како ја оценувате состојбата на пазарот во сегментот во кој Вие дејствувате?

С.Попева: Домашниот инвестициски пазар кај нас е многу ограничен. На почетокот на 2021 година, Македонската берза има повеќе од 200 отворени инвестициски фондови кои се контролирани од вкупно 8 големи компании. Овие фондови се концентрирани кон пазарот на хартии од вредност така што кај нас речиси и да не постои сегментот на приватните инвестиции, популарно наречени private equity и venture capital. Државните мерки за поддршка на малите и средни бизниси се лесно пристапни, меѓутоа ова решение за идните претприемачи не е повеќе популарно посебно поради фактот што кредитните линии кои се користат за поддршка имаат ригорозни процеси на одобрување. Исто така факт е дека доколку еден претприемач веќе пробал да ги искористи овие достапни мерки и не успеал со првата бизнис-идеја, а при тоа оставил или ги задоцнил финансиските обврски за враќање на кредитот, тој не може повеќе да ги користи истите можности. За разлика од нас, во сите соседни држави овој пазар функционира веќе 20 години и имаме голем број на примери на private equity фирми од Западна Европа кои се длабоко навлезени во малиот и среден сектор кај нашите соседи, меѓутоа поради различни причини го избегнуваа македонскиот пазар. Меѓутоа, очекуваме дека за 5 години концептот на private equity инвестиции кај нас ќе има голем успех.

Какви се плановите на ФрстФорт Груп за иднината?

С.Попева: Прво, враќање на работа во канцелариски услови. Нашиот тим веќе 3 месеци работи од дома со цел да се заштитат сите вработени и веќе на сите ни недостига канцеларијата, утринско кафе и партија пикадо. Следната цел е почеток на изградбата на нашиот бизнис-центар со површина од 2 000 м2 кој ќе биде модерен бизнис-инкубатор со опција за флексибилен избор на големина на работни простории од нашите клиенти, со целосна техничка и функционална поддршка, вклучувајќи и интерен хостинг центар и веќе во 2022 година планираме да почнеме со постепена подготовка за влез на странски инвеститори од кои веќе имаме понуди за соработка.

Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО