Интервјуа

Н. Е. Рејчел Галовеј: Една од целите на Обединетото Кралство е стабилна и просперитетна С. Македонија

Интервју со Британската амбасадорка Н. Е. Рејчел Галовеј

E&B: Да започнеме со најгорливиот глобален проблем од март 2020 година – пандемијата предизвикана од корона вирусот. Каков ќе биде одговорот на Обединетото Кралство во врска со различните вакцини и која е очекуваната временска рамка за крајот на пандемијата?

Р. Галовеј: Вакцините ќе ја обезбедат најдобрата заштита за нашата заедница и ќе го обезбедат најбрзиот начин за елиминирање на ковид и побрзо враќање кон понормален начин на живот. Од почетокот на пандемијата, Обединетото Кралство поддржуваше иновативни истражувања додека нашиот регулаторен орган (Агенцијата за регулирање на лекови и здравствени производи) MHRA, ја одобри употребата на вакцините Pfizer-BioNTech, AstraZeneca и Moderna. Сите резултати од испитувањата кои беа прегледани и објавени покажаа високо ниво на ефективност и безбедност. Наш приоритет е да спасиме што е можно повеќе животи, колку што е можно побрзо, истовремено намалувајќи ги болничките сместувања и притисокот врз здравствениот систем.
До сега низ Обединетото Кралство се вакцинирани повеќе од 4 милиони луѓе и до средината на февруари планираме да им понудиме прва вакцина на сите во најранливите групи и да им доставиме вакцини на сите возрасни до есен. Во меѓувреме, сè уште треба да ги почитуваме правилата, да ги ограничиме социјалните контакти, да миеме раце, да користиме маски, да се држиме на дистанца и да ги следиме владините правила и препораки.
Со нетрпение ги очекувам првите испораки на вакцини преку COVAX-механизмот дизајниран да обезбеди фер пристап до вакцините за земјите во светот. Обединетото Кралство помогна да се соберат 1 милијарда долари за механизмот COVAX (Advance Market Commitment-AMC) и заедно со ветената помош од 548 милиони фунти на Обединетото Кралство ќе помогнеме во дистрибуцијата на 1 милијарда дози вакцини за корона вирус во 92 земји во развој оваа година.

E&B: Почетокот на 2021 година ја обелодени новата реалност - Обединетото Кралство ќе биде целосно надвор од ЕУ. Користејќи податоци од месечни испитувања на мислењето на британскиот електорат повеќе од една деценија, со цел да се утврди зошто Британија гласала за Брегзит, професорот Вајтли од Универзитетот во Есекс, во својата научна студија посочи неколку причини за резултатот од референдумот за Брегзит: членството во ЕУ не даваше добар резултат и многу луѓе се чувствуваа „оставени“ со промените во општеството и економијата, Обединетото Кралство не успеа ефикасно да се опорави од рецесијата во 2008 година, во тоа време најголемата во последните 70 години, ЕУ се определи за штедење што не даде ефект и го зголеми евроскептицизмот, способноста на кампањата „За излез“ да мобилизира два вида гласачи и падот на моќта на Блискиот исток што создаде бранови на имигранти во Европа. Од друга страна, тогашната премиерка Тереза Меј во говорот во јануари 2017 година зборуваше за „.. независна, самоуправувачка и глобална Британија…“. Според мене, оваа желба за враќање кон целосна слобода во донесувањето одлуки и имање целосна контрола врз сопствената судбина е вистинската основна движечка сила за Брегзит. Какво е Вашето мислење?

Р. Галовеј: Како што кажавте, имаше многу фактори кои ги убедуваа луѓето да гласаат за да ја напуштат Европската Унија. Многу од овие фактори се сведуваат на индивидуални околности и како тие го обликуваат погледот на една личност кон ЕУ и како настаните и промените во последниве неколку децении оставиле трага врз нивните животи. Во последниве години видовме луѓе кои бараат политички промени низ целиот свет и, како што поминува времето, ковид може да донесе понатамошни политички промени кога луѓето ќе се помират со личното и политичкото влијание.

E&B: Постои договор помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ во врска со меѓусебните односи, почнувајќи од 2021 година. Како јавноста во Обединетото Кралство го доживува овој договор, кои се првичните реакции? Како се проценуваат економските импликации од понатамошната соработка со ЕУ?

Р. Галовеј: Заедно со многу други меѓународни договори што ги обезбеди Обединетото Кралство во последниве неколку години, перцепцијата на јавноста е позитивна. Овие договори обезбедија континуитет за бизнисите, сигурност за жителите и патниците и нови можности за Обединетото Кралство, Северна Македонија и ЕУ. Во текот на следниве години ќе биде предизвик да се изнајде најдобриот начин за искористување на овие можности.

E&B: Каква реакција треба да очекуваме од кабинетот на премиерот Џонсон на економски фронт? Нови трговски договори со САД, Австралија и други земји во согласност со пристапот за Глобална Британија?

Р. Галовеј: Оваа година започнуваме ново поглавје во нашата национална приказна. Две илјади дваесет и прва година ќе биде можност за Обединетото Кралство да покаже што значи Глобална Британија за другиот дел од светот: склучување трговски договори со нови пазари, повторно да се поставиме како либерална и слободна трговска нација; и дејствувајќи како сила за добро во светот. Ова ќе биде висок приоритет за премиерот и неговиот Кабинет бидејќи Обединетото Кралство работи во нови услови и светот почнува да закрепнува од пандемијата.



E&B: Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека Обединетото Кралство беше вториот најголем трговски партнер на нашата земја во периодот јануари - ноември 2020 година, со надворешно-трговска размена во износ од 1.149,6 милиони евра, што претставува учество од 9,55 проценти во вкупниот износ на Македонска надворешна трговија. Што значи Брегзит за идната економска соработка помеѓу Обединетото Кралство и РС Македонија? Од 2021 година започнува да се применува новата Спогодба за партнерство, трговија и соработка помеѓу Обединетото Кралство и РС Македонија. Што значи тоа за бизнисите?

Р. Галовеј: Новата Спогодба за партнерство, трговија и соработка со себе носи рамка за континуитет, но исто така и за нови можности. Обезбедува продолжување на добро воспоставените економски текови на стоки и на услуги преку границата меѓу нашите две земји. Бизнисите работат како што работеа и пред Обединетото Кралство да ја напушти ЕУ и овој континуитет донесе стабилност кој, се надеваме, ќе донесе дополнителни инвестиции. Статистичките податоци зборуваат сами − Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство во регионот на Западен Балкан, трговијата меѓу нас во 2020 година повторно се зголеми и можам само да видам како овие бројки се зголемуваат и понатаму во следните години.

E&B: Дали има потенцијални нови инвеститори од Обединетото Кралство кои преку амбасадата се распрашуваат за можностите за инвестирање во македонската економија?

Р. Галовеј: Ние сме во редовен контакт со постојната деловна заедница, како и со новите претпријатија. Секако би ги охрабрила другите бизниси да стапат во контакт со нас за да го истражат богатството на можности кои постојат тука во Северна Македонија. Исто така би ги очекувала прашањата и од македонските компании кои сакаат да ги прошират своите деловни активности и обем во Обединетото Кралство, да се консултираат и да им помогнат преку нашиот екосистем за странски директни инвестиции (СДИ) во Обединетото Кралство. Премиерот назначи трговски пратеник на Обединетото Кралство за Западниот Балкан, пратеникот г. Мартин Викерс, кој започна со разговори за можностите во двете земји. Како надополнување на ова, неодамна вработивме и нов член на персоналот во Амбасадата, кој работи како дел од нашето Одделение за меѓународна трговија на унапредување на билатералната трговија и поттикнување на директни странски инвестиции меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.

E&B: Пред да се свртиме кон потенцијалните начини за зголемена соработка во иднина, можете ли да ни кажете нешто повеќе околу помошта на Обединетото Кралство за нашата земја во последните години, во однос на областите, проектите, износите итн.?

Р. Галовеј: Во изминативе 20 години, Обединетото Кралство ги поддржуваше реформите на Северна Македонија за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и за напредок кон поголема евроатлантска интеграција. Само во последниве три години, Обединетото Кралство инвестираше повеќе од 12 милиони фунти за поддршка на реформите во секторите правда, економија и јавна администрација. Ние продолжуваме да работиме со граѓанските организации за подобрување на нивниот ангажман со Владата и ги поддржуваме медиумите да станат поодржливи финансиски и да ја подобрат уредничката содржина.
Помогнавме во развојот на Националната стратегија за енергетика и во следната фаза работиме со Владата на 5-годишен план за имплементација кој ќе поддржи зелена, алтернативна енергија и ќе нуди можности за инвестирање. Работиме со Светска банка за поддршка на иновациите и конкурентноста на приватниот сектор, а препораките од овој проект како одговор на ковид беа усвоени од страна на Владата. Градењето човечки капитал е уште еден приоритет на Амбасадата и преку Млади хаб обучивме млади луѓе за дигитални вештини, а со новата платформа CareerHub тие можат да најдат слободни работни места кои се совпаѓаат со нивната професија во приватниот и јавниот сектор. Нашата дигитална поддршка продолжува со УНДП и нивниот проект за усогласување на вештини кој се фокусира на текстилниот и градежниот сектор. Исто така ја поддржавме Светска банка со работење на Рамката за јавно приватно партнерство и се надевам дека новиот пристап ќе обезбеди можности за нови партнерства, можеби во зелената енергија, вештини и други услуги.Во текот на изминатава година, Амбасадата обезбеди и поддршка за справување со ковид пандемијата. Преку УНИЦЕФ ја финансиравме Едуино-платформата за едукација преку интернет, која овозможи континуирано учење за децата кога им се затворија училиштата. Обезбедивме храна и здравствени пакети за ранливите семејства низ целата земја, а за потребите на жените во пооддалечените региони ги финансиравме услугите за мобилна гинеколошка клиника и обезбедивме поддршка и засолниште за преживеаните од родовото и семејно насилство.

E&B: Зборувајќи за иднината, да се осврнеме на образованието. Можеме ли да очекуваме повеќе стипендии за македонски студенти кои сакаат да студираат во Обединетото Кралство?

Р. Галовеј: Стипендиите Чивенинг се стипендии на Владата на Обединетото Кралство кои им овозможуваат на идните лидери да студираат во Обединетото Кралство, приклучувајќи се на глобалната заедница на професионалци кои создаваат позитивни промени низ целиот свет.
Во Северна Македонија, нашето Чивенинг семејство брои 250 алумни кои посетувале едногодишни магистерски студии на различни универзитети низ Обединетото Кралство. Оваа година испративме седум Чивенинг стипендисти кои учат интересни и иновативни предмети како што се: Наука и Меѓународна безбедност; Театар; Финансии; Конфликт, безбедност и развој; Меѓународна социјална и јавна политика; Еволутивна и бихејвиорална екологија и геополитика; Територија и безбедност. Бројот на апликанти од Северна Македонија се разликува секоја година и јас силно би ги охрабрила сите потенцијални стипендисти од Северна Македонија да аплицираат.

E&B: Верувам дека креативните индустрии во македонската економија имаат многу неискористен потенцијал затоа што има многу талент, но ограничени можности за првично лансирање. Обединетото Кралство е лидер во светот кога станува збор за таканаречената „креативна економија“. Можеме ли да воспоставиме некаков вид на помош, можеби во форма на трансфер на знаење од искуството на Обединетото Кралство за македонските субјекти? Можеби преку Британскиот совет, или на друг начин?

Р. Галовеј: Во последниве неколку години сме сведоци на забележителен развој во овој сектор, на пример во ИТ-индустријата во Северна Македонија. Веќе има неколку компании за развој на софтвер од Обединетото Кралство кои работат во Северна Македонија. Една од целите на Обединетото Кралство е стабилна и просперитетна Северна Македонија. Многу важен дел од нашата економска соработка е споделување вештини и експертиза во различни сектори, вклучително и во креативната економија. Британскиот Совет го поврзува Западниот Балкан со стабилни модели од креативните индустрии во Обединетото Кралство поддржувајќи ги поединците и институциите во развојот на нивните понуди за претприемништво. Инвестира во професионалниот развој на новите практичари за зајакнување на регионалниот креативен екосистем. Советот го претставува британскиот начин на споделување знаења и комуникации за да се создадат врски меѓу креативните сектори од Обединетото Кралство, Северна Македонија и земјите од регионот и да се стимулира напредокот преку креативноста.

E&B: Што се однесува до регионалните случувања, постојат иницијативи за регионот на Западен Балкан, како што е Берлинскиот процес, насочени кон нешто што се нарекува „еден регион, една економија“. Каков е ставот на Обединетото Кралство во врска со овие иницијативи?

Р. Галовеј: Обединетото Кралство е долгогодишен поддржувач како на регионалната соработка така и на Берлинскиот процес. Интерконективноста и прекуграничната соработка ќе продолжат да бидат основни области за развој на регионот. Ова стана многу јасно со тековната пандемија при што земјите соработуваа на предизвикувачки прашања во средина што постојано се менува. Иницијативите, како што се регионалните зелени патеки, им овозможија на стоките да продолжат да се движат меѓу земјите дури и за време на затворање на границите и ограничувањата кои беа широко распространети.

E&B: Веќе некое време живеете во Скопје. Што е тоа што ви се допаѓа најмногу, а што најмалку овде?

Р. Галовеј: Го обожавам пристапот до некои од најубавите предели во светот низ сезоните. Летото одевме на јавање коњи по планините во Маврово, спиејќи во шатори и будејќи се со изгрејсонцето. Викендов се вративме во Маврово да играме во снегот. Привилегија е да се живее толку близу до таквата природа.
Очигледно, како и повеќето луѓе овде, не ми се допаѓа загадувањето и фрлањето ѓубре во овие убави места. Но, за време на мојот престој тука забележав дека тоа почнува да се менува. Младите од оваа земја бараат промена на животната средина и оваа година кога се движиме кон Конференцијата за климатски промени COP26 треба да работиме заедно за да ја донесеме таа промена.

E&B: Ви благодариме за интервјуто.


Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, пачатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО