Интервјуа

Ахим Тругер: Клучниот атрибут на Советот на економски експерти на Германија (СЕЕГ) е да бидат критичен и конструктивен глас во економско-политичката сфера

Ахим Тругер

член на Советот на економски експерти на Германија (СЕЕГ)

Професоре Тругер, вие сте член на Германскиот совет на економски експерти . Може ли да ни објасните подетално за начинот на кој функционира овој модел на Совет, кој ги номинира кандидатите, како се избираат и назначуваат членовите, колку им трае мандатот и слично?

A. Тругер: Советот на економски експерти на Германија (СЕЕГ) е независно тело сочинето од пет члена кои се специјалисти во полето на економските теории и економски политики. Тие не мора да се вработени во владини или јавни институции во времето или непосредно пред нивното назначување. Мандатот им трае пет години, со можност за повторен избор, а ги назначува сојузниот претседател по предлог на Сојузната влада. Во просек секоја година се потврдува (повторува) изборот на еден нов член. Исто така има неформално правило еден од експертите да го номинира Германското здружение на работодавачи, а еден да биде на предлог на синдикатите со цел да се вклучат мислења на експерти блиски до социјалните партнери.

Советот е основан во Германија во 1963 година и оттогаш функционира. Која беше мотивацијата за формирање на едно вакво тело? Како на него гледаат креаторите на политиките, политичките партии и германското општество?

A. Тругер: Советот СЕЕГ е основан и дејствува како независна група на експерти која има советодавна улога, кои нудат мислења и предлози на креаторите на политиките во Германија и на општата јавност. Идејата е тие да помогнат да се донесуваат информирани одлуки и да дискутираат за можностите и импликациите на донесените решенија. Клучниот атрибут на СЕЕГ е да бидат критичен и конструктивен глас во економско-политичката сфера. Извештаите и соопштенијата на СЕЕГ често се отворени за критики и коментари на политичарите и општеството. Ова е одраз на независноста на ова тело.

Кој е опфатот на активностите на Советот на економски експерти на Германија, неговите овластувања и задолженија? Тука не станува збор само за тие пет члена на Советот затоа што тие добиваат поддршка и од т.н. научен персонал.

A. Тругер: Надлежностите на СЕЕГ се да обезбедува експертско мислење во форма на периодични оценки на макроекономските трендови и движења во Германија. Законот изречно пропишува одредници во однос на кои се оценуваат идните макроекономски движења: ценовна стабилност, висока стапка на вработеност, рамнотежа меѓу надворешната трговија и плаќањата и последно, но еднакво важно, стабилен и соодветен економски раст. Советот има задача да укаже на несакани состојби кои претставуваат ризик по наведените цели и да идентификува начини како да се избегнат тие ризици.
СЕЕГ изготвува и објавува годишен извештај во средината на месец ноември секоја година. Тој издава и повремени специјални извештаи каде што се третираат конкретни теми и прашања. Последниот таков извештај беше објавен во пролетта 2020 година, посветен на пандемијата со корона вирусот. Од 2005 година, СЕЕГ издава тематски извештаи на одбрани теми по барање на Сојузната влада, од кои последниот беше за климатските политики, издаден во 2019 година. Од 2014 година, секоја пролет СЕЕГ исто така редовно ги ажурира своите економски прогнози.
Во своите извештаи, СЕЕГ со поддршка од научниот персонал ја користи постојната академска и применета литература како основа за изведување на сопствениот дискурс и заклучоци. Со поддршка на својот научен персонал, СЕЕГ спроведува и сопствени емпириски анализи базирани врз макроекономски податоци или податоци од истражувања.

Во ноември минатата година Советот го издаде својот редовен Годишен економски извештај, па кои беа клучните заклучоци и поенти на овој извештај?

A. Тругер: Како што претходно спомнав, ние создаваме преглед на економските состојби и макроекономскиот развој. Во овој извештај направивме оценка на ефектите на пандемијата со корона вирусот врз германската економија за 2020 и 2021 година и на нејзините последици за Европската Унија. Во овој извештај ја анализиравме дигитализацијата, индустриската политика од аспект на климатските промени и демографските промени.
Несомнено во извештајот е изразена големата загриженост поради корона вирусот и Советот заклучува дека брзата и изразито експанзивна реакција на германската влада, како и Фондот за опоравување на ЕУ дава силна и соодветна поддршка на германската економија.

Според Вас, дали го препорачувате германскиот модел на Совет на економски експерти за другите земји? Дали постои нешто слично во другите земји, дури и со некои варијации?

A. Тругер: Постојат неколку други економски совети во Европа и во други делови од светот, на пример во: Белгија, Канада, Данска, Финска, Франција, Грција, Ирска, Италија, Холандија, Шпанија, Јужна Кореја и САД. Еднаш годишно, СЕЕГ организира средба на претставници на овие совети за економски политики од целиот свет. Сепак, колку што ми е познато, ниеден од овие совети ја нема таа политичка независност која ја има нашиот германски совет и повеќето од нив, помалку или повеќе, зависат од владејачките структури. Она што е најважно според мене е советот да има доволно персонал и ресурси за да може соодветно да ги спроведе анализите и предвидувањата. Според мене, независноста не треба да биде врвен приоритет, туку поважно е да се инвестира во ресурси за економски анализи. Во однос на независноста, плурализмот и правото да се изразуваат и малцинските ставови е од огромна важност за демократското донесување на одлуки. Со оглед на сложеноста на економскиот свет, може да биде многу опасно ако се презентира само една конкретна опција или политика. Затоа Германскиот совет на економски експерти има право да ги објавува ставовите на малцинските групи и Советот, според закон, треба да предлага повеќе опции како решенија, а не само поединечни мерки или политики.

Неодамна се произнесовте по однос на научната студија насловена како „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“ на настанот посветен на нејзината промоција. Кој беше Вашиот став по однос на овој документ?

A. Тругер: Јас мислам дека студијата е подготвена внимателно и таа нуди интересен и избалансиран поглед на македонската економија и различните мерки и политики кои можат да се преземат. Таа дополнително и со право третира низа важни социјални прашања. Според мене, оваа студија е успешен пример на економски извештај кој солидно ја информира јавноста.

Многу ви благодарам на овој разговор.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО