Убава Македонија

МАНАСТИР „СВЕТА ПРЕЧИСТА КИЧЕВСКА“ И КАРБУНИЦА

м-р Александар Матески

Манастирот „Благовештение Богородично“, односно „Света Пречиста Кичевска“, основан уште во XIV век, се наоѓа на падините на планината Врвои и е оддалечен од Кичево на околу 12 километри. Манастирот е лоциран на левата страна кога се движите по патниот правец Кичево – Демир Хисар. Познат е и како Крнински манастир, наречен според селото Крнино, што некогаш се наоѓало во близина на денешниот манастир. Според преданијата селото било опустошено во XIX век. Манастирот ужива голема почит како од христијанското, така и од муслиманското население. Од конаците на манастирот има широк поглед кон врвовите на Илинска Планина, Бистра и Стогово, како и кон реката Треска што извира од селото Извор, под планината Лопушник, јужен разгранок на планината Бистра. Црквата „Благовештение Богородично“ изведена од делкан камен-варовник потсетува на црквата во село Лазарополе со оглед на тоа што е градена од истите мајстори, а внатрешниот фрескоживопис е изработен од познатиот зограф Дичо од Тресонче, еден од најталентираните мијачки иконописци. Денес во тек се градежни активности во манастирот по што тој добива нови конаци од западната страна, со што манастирот повторно ќе биде од затворен систем со бројни објекти како и во минатото кога покрај конаци имал келијно училиште, трпезарија, маѓерница, фурна итн. Манастирот е место во кое се собираат голем број верници за манастирската слава секоја година на 21 септември и тогаш се чини е најдобриот период за посета. Манастирот е женски и е во составот на Дебарско-кичевската епархија на чие чело е митрополитот г. Тимотеј. Интересни и подробни податоци за манастирот дава и Ѓорѓи Трајчев од Прилеп, во неговото дело „Манастирите во Македонија“ објавено во 1933 година во Софија.


Од манастирот, за оние кои сакаат да уживаат во природните убавини, убава можност за прошетка е патеката кон селото Карбуница што се наоѓа над патниот правец Кичево–Македонски Брод. Патот води низ месноста „Ѓурѓејца“, позната по една од најкрвавите битки од Илинденското востание. Токму на тоа место, што се наоѓа меѓу селата Карбуница и Кладник, на 4 август 1903 година се одигрува една успешна битка на востаниците предводени од страна на Арсо војвода и Јордан Пиперката, од една страна и Сефер ага, кој во борбата го загубил животот. Денес на местото стои спомен-плоча и востаничко знаме во спомен на храброста и на непокорот на македонските востаници, од кои триесетина ги дале своите животи токму во таа борба во екот на Илинденското востание. Местото и настанот се добро познати и многу почитувани од локалното население.

 


Селото Карбуница, според последниот попис на населението направен пред повеќе од една декада, брои четириесетина жители, број кој е десеткуван во споредба со бројот на население пред околу 100 години. Во центарот на селото постои спомен-плоча на загинатите соселани во борбата против фашистичкиот режим. Во селското училиште, што е во лоша состојба, се наоѓа и просторија, мал музеј посветен на херојското минато на тоа населено место, па на ѕидовите од училницата се наоѓаат фотографии на кои е прикажана славната борба од илинденскиот период, шеми на тактиката при водењето на борбата, но и фотографии од загинатите партизани во борбата со фашистичкиот окупатор. Посебно потресно при посетата пред 4 години беше и сведоштвото на еден возрасен човек за неговата семејна трагедија, кој по неговото кажување на десетина години со неговиот татко бил приморан да ги собира од планината Лопушник посмртните останки од неговиот масакриран брат кој на 21 година се приклучил во партизанските чети во Кичевско. Секоја ваква ретка средба со овие живи сведоци води кон изразување на почит кон оние кои животот и младоста ја дале за подобро утре, но и потсетник за постојаната потреба од градење и одржување на соживотот и слободата.


Покрај прекрасниот манастир, немирното минато, бројните трагедии и непокор на населението како во илинденскиот, така и во периодот на Втората светска војна, крајот е познат и по тоа што изобилува и со многу природни убавини. Исклучително е богат со шума и со вода, додека во пониските делови има доволно простор и за земјоделие. Проблемот со миграцијата е многу видлив, па очигледно е дека крајот во минатото бил многу пожив. Од животинскиот свет посебно атрактивни се дивите свињи, што според трагите ги има во голем број, па оттука и причината зошто пределот е често посетуван од ловџии.

ПРЕПОРАЧАНО