Интервјуа

Бомгартнер: Франција ја поддржува европската перспектива на С.Македонија

Интервју со Сирил Бомгартнер, aмбасадор на Франција

Ни претставува задоволство што го реализираме ова интервју со Вас, како продолжение на она што го започнавме со претходните амбасадори на Франција, Н. Е. Оер и Н. Е. Тимоние. Да почнеме со најголемиот предизвик со кој се соочува светот во овој момент, пандемијата ковид 19. Како се справува Франција со ситуацијата, кои се мерките што ги преземаат властите и како се одвива процесот на вакцинација?

С. Бомгартнер: Задоволство ми е и мене да ја продолжам традиционалната соработка што ја има вашиот магазин со Амбасадата на Франција и да одговорам на вашето интервју во кое, покрај амбасадорите, е вклучен и регионалниот директор на Француската агенција за развој (ФАР), кој се подготвува за почеток на активностите во Северна Македонија. Што се однесува до здравствената состојба, како во Франција така и во сите други земји од европскиот континент, таа и понатаму е главна преокупација. Актуелната состојба, релативно земено, може приближно да се спореди низ повеќе аспекти со таа во Северна Македонија. Инциденцата е 308 заразени лица на 100 000 жители во текот на седум дена, а бројот на смртни случаи се искачи на над 92 000. Покрај тоа, притисокот врз болничкиот систем и болничкиот персонал е голем: зафатеноста на местата во одделите за реанимација од пациенти со ковид-19 е близу 90 %.
Се чини дека и во Северна Македонија овој нов бран што се појави по периодот кога беа регистрирани охрабрувачки параметри, со пристигнувањето и проширувањето на новите соеви, особено британскиот што во моментов е идентификуван речиси кај три од четири нови инфекции, се покажа како особено вирулентен. Во тој контекст, Владата на Франција неодамна донесе нови одлуки кои претставуваат комбинација на мерки што ги земаат предвид разликите во состојбите на локално ниво врз основа на искуството стекнато од појавата на овој вирус досега. Меѓу мерките што се преземаат може особено да го наведеме полицискиот час кој започнува во 19:00 часот, потоа затворањето на несуштинските деловни субјекти, одржувањето настава главно со физичко присуство, ограничената слобода на движење и, секако, строгото почитување на мерките кои можат да нè заштитат од вирусот, почнувајќи од носењето маска. Паралелно со овие мерки, кампањата за вакцинација добива интензитет. Два и пол милиони луѓе се вакцинирани, а вкупно околу шест и пол милиони ја примиле барем првата доза од вакцината. Целта на Владата е да се стигне до бројка од 10 милиони лица што ќе бидат вакцинирани до средината на април. Тоа значи дека во наредниот многу краток период состојбата и понатаму ќе остане тешка, но треба да започне да се подобрува и да се овозможи постепено враќање во еден „понормален“ живот.
Во исто време, Франција интензивно работи на европско ниво затоа што, како и повеќето најголеми предизвици на современиот свет (почнувајќи од климатските промени, преку тероризмот, до миграцијата и дигиталната технологија итн.), овој вирус ги надминува границите и бара колективен одговор кој најнапред поминува преку Европската Унија. Предизвикот, од една страна, е во тоа Европа да биде поефикасна, поавтономна и поотпорна, а од друга страна да биде пообединета. Системите за солидарност донекаде задоцнија со процесот на вакцинација, како што задоцнија и локалните кампањи за вакцинација во земјите членки на Унијата, но и тука тие постепено се воспоставуваат и ќе ги надополнат веќе постоечките финансиски системи за солидарност за кои веќе има донесено одлуки и кои, особено во поглед на земјите од Западен Балкан, вклучуваат значителни количини, неспоредливи со остатокот од светот.

Еден од приоритетите на земјите од Западен Балкан е влезот во Европската Унија. Како ЕУ гледа на процесот на проширување? Кое е чувството што преовладува меѓу земјите членки на ЕУ во врска со ова прашање? Промените во методологијата на процесот на преговори, од иницијативата на претседателот Макрон, обезбедуваат шанса за побрз пристап за земјите што ќе ги реализираат потребните реформи. Но, наспроти очекувањата, нашата земја влезе во многу чувствителна фаза од процесот на пристапни преговори поради блокадата од Бугарија. Како гледате на тоа? Треба ли билатералните прашања да бидат исфрлени од процесот на преговори со ЕУ?

С. Бомгартнер: Европската интеграција на земјите од Западен Балкан е вистински приоритет, односно станува збор за стратешки приоритет, што значи дека тој е одржлив, долгорочен, а не привремен, што пак произлегува од визијата насочена кон иднината. Се работи за заеднички приоритет кој е од интерес за Унијата исто како што е од интерес за земјите од Западен Балкан. Денес регионот на Западен Балкан го претставува непосредното соседство на Унијата. Во тој поглед, европската интеграција има цел да ги исправи неправедните поделби низ историјата, a истовремено да ја зајакне стабилноста на континентот и да ѝ помогне на Европа како целина, по проширувањето, да се наметне како автономна моќ во светот што станува сè повеќе и повеќе несигурен. Верувам дека сите земји членки и сите институции на Европската Унија во одредена мера ја споделуваат оваа анализа. Од таа причина, да одговорам на последниот дел од вашето прашање, уверен сум во можноста да се надмине сегашната блокада на патот кон европската интеграција на Северна Македонија. Влоговите и предизвиците се премногу големи, ми се чини, за да се ризикува трајна блокада. Тоа подразбира да се најдат решенија за билатералните прашања покренати меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во таа насока сметам дека германското претседателство со ЕУ корисно го подготви теренот, разграничувајќи ги различните теми и временските рамки карактеристични за секоја од нив. Врз основа на тоа, доколку се создадат политички услови и постои политичка волја кај двете страни, би требало брзо да се постигне договор, почнувајќи од периодот на португалското претседателство со ЕУ, кое веќе е во тек.
Пред да завршам ќе се навратам на прашањето за Европа како автономна моќ. Ова е главно прашање што нè засега сите нас, Европејците, ако сакаме да останеме горди на тоа што сме, продолжувајќи и понатаму да бидеме креатори на нашата заедничка иднина. Токму во таа насока беше ревидирана методологијата за европската интеграција; за процесот да биде помалку формален и да поттикнува вистински и трајни реформи и промени со цел подобро да им се овозможи на идните земји членки на Унијата да дадат корисен придонес кон овој заеднички потфат за колективна афирмација.

Во врска со билатералната соработка меѓу нашата земја и Франција, каде гледате најголем простор за проширување на нашата соработка? Кои се областите што се сметаат за приоритети?

С. Бомгартнер: Генерално односите меѓу нашите две земји се добри и постои традиција на соработка што се одвива низ годините и се изразува особено во областа на јазикот, на културата и на вредностите. Основната база е солидна и широка, а предизвик е врз неа да се подигне градба што ќе ги исполнува очекувањата на нашите две земји. Некои простории на таа градба може да бидат пошироки од другите, но сите се меѓусебно поврзани и доколку се занемари макар една од нив, тогаш таквата градба би имала архитектонска мана.
Конкретно, нашиот политички дијалог мора да се интензивира; ние работиме на тоа и веќе постои охрабрувачки развој на настаните во таа насока. Нашите економски односи мора да се зајакнат за што, во перспектива, исто така има голем потенцијал. Сè поголем и поголем број француски компании покажуваат конкретен интерес за македонскиот пазар, додека големата Француска агенција за развој (ФАР), по потпишувањето на рамковниот договор во февруари оваа година во Париз, ќе може во иднина да има активна улога во поддршката на економскиот, социјалниот и еколошкиот развој на Северна Македонија. Регионалниот директор на ФАР, г. Доминик Отберг, кој за таа цел неодамна ја заврши својата тридневна посета на земјата, детално зборува за тие аспекти во своите одговори на прашањата што следуваат.
На јазичен и културен план, состојбата е сосема јасна, а предизвик претставува да се консолидира тоа што веќе го имаме воспоставено, да се прилагоди нашата понуда за настава на француски јазик во земја која легитимно се стреми да стане сè поактивна членка на франкофонијата и мултилатералниот систем и да се обидеме да промовираме нови полиња за соработка, особено во рамките на културното и историското наследство, како и животната средина и одржливиот развој. Во однос на безбедноста, се соочуваме со исти предизвици, почнувајќи од тероризмот и тука нашите односи се одлични, но повторно предизвик е да се зачува постигнатото и да утврдиме заедно како да го прошириме опсегот на нашата соработка. Работиме на тоа. Сите овие напори мора да се спроведуваат паралелно и тие се вклопуваат во пошироката перспектива за членство во ЕУ. Франција ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, го поддржува отворањето на пристапните преговори, како и напорите што денес се прават во таа насока за што побрзо напредување во процесот. Франција ќе ги поддржи на ист начин, со внимание и пријателство, сите напори што ќе се направат за придвижување во вистинската насока, кон членството како конечна цел..


Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО