Интервјуа

Мукаетов: Алкалоид е компанија за сите времиња

Живко Мукаетов

Генерален директор/Претседател на управниот одбор на Алкалоид АД Скопје

Господине Мукаетов, најпрвин честитки за големиот јубилеј што Алкалоид го прославува годинава, 85 години работење. Низ сите овие децении компанијата оствари навистина импресивен развој. Која е тајната на успехот и на кои бизнис-одлуки низ годините најмногу се гордеете?

Ж. Мукаетов: Ви благодарам за честитките! Успехот во работењето на Алкалоид се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот Алкалоид и на поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци години наназад. Во контекст на успешниот развој, можеби клучните зборови се посветеност и напорна работа. Освен 85-годишниот јубилеј, годинава се точно 15 години како сум на позицијата генерален директор на Алкалоид, во кој период спроведени се низа потфати значајни за развојот на компанијата. Ако треба да издвојам некои од клучните стратешки одлуки би ги споменал: изградбата на капацитетите за производство на цефалоспорински антибиотици, изборот на англиската агенција за лекови МХРА (MHRA) како референтна, дигиталната трансформација на компанијата, дуплирањето на бројот на отворени канцеларии надвор од базата во Скопје, формирање на Институтот за истражување и развој, Центарот за контрола на квалитет, отворањето на производен погон во соседна Србија, формирањето на Секторот за бизнис-развој и ред други кои придонесоа пласманите од 53 милиони евра во 2005 година да пораснат на 197 милиони евра во 2020 година.

Во основата на успехот на Алкалоид е визионерскиот пристап на претходниот генерален директор, Вашиот татко Трајче Мукаетов, а Вие сето тоа суштински го надградивте. Колку беше тешко да се наследи таков менаџер каков што беше Трајче Мукаетов?

Ж. Мукаетов: Дефинитивно: не беше воопшто лесно! Трајче Мукаетов беше визионерот на модерниот Алкалоид кој имаше огромен придонес за развојот и афирмацијата на компанијата, дефинирањето на нејзината деловна стратегија и долгорочна политика. Како голем стратег, тој во 1995 година ја иницираше изградбата на новите фармацевтски погони опремени со најсовремени производни линии во соработка со водечките светски финансиски корпорации, во услови на нестабилност во регионот и за првпат без гаранција од страна на државава. Трајче Мукаетов беше мој татко, учител и ментор. Во септември 1999 година ми даде шансата да работам во Алкалоид, но мислам дека му требаше одредено време за да стекне доверба која јас ја заслужив преку напорна работа, проактивен пристап во менаџирањето и креирање на квалитетен тим. Систематски, чекор по чекор, со огромни предизвици, но без нагли потреси, дојде и смената на генерации во Алкалоид. Од оваа перспектива среќен сум што оваа нова генерација на менаџмент настапи да управува со компанијата со здрави темели и база за непречен раст и развој, незадолжена компанија со огромна традиција и широко портфолио на брендови. Наследивме систем со цврсто поставени принципи на корпоративно управување, но внесовме нова енергија согласно спецификите на модерните текови, секогаш имајќи ја на ум максимата на Трајче Мукаетов: „Алкалоид е компанија за сите времиња и мора да мислиме за нашата иднина.“

Како изгледа „личната карта“ на Алкалоид денес?

Ж. Мукаетов: Алкалоид е шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа, со 1 860 вработени во базата во Скопје и 570 во подружниците надвор од Македонија; пласмани во 40 земји во светот и добро распространета маркетиншка мрежа од 20 канцеларии распоредени во 14 земји во светот, која покрива пазар од преку 200 милиони жители. Акциите на Алкалоид се едни од најтргуваните акции на Македонската берза за хартии од вредност, а друштвото има регистрирани над 5 100 акционери. Компанијата важи за еден од најголемите плаќачи на данок во државава, со платени даноци кон државава во 2020 година во износ од над 18,25 милиони евра и во моментов има активни 1 130 домашни доставувачи.
Во 2007 година, Алкалоид ја формираше Фондацијата „Трајче Мукаетов“ за целите на поддршка на македонското здравство и фармација, а вложувањата во македонскиот спорт, културата и генерално во заедниците во кои функционираме се на врвот на листата на наши приоритети.

Живееме во време на пандемија. И покрај лошите околности, Алкалоид постигна фасцинантни резултати во 2020 година. Како успеавте во тоа?

Ж. Мукаетов: Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 16 години. Ако во 2019 година имавме раст на продажбите од 13 % и нето-добивка од 18 % споредено со 2018 година, во 2020 година истите параметри беа 9 % раст на продажби и 15 % кај нето-добивката. Уште на почетокот на здравствената криза, ние како индустрија ги намаливме цените на 158 наши производи кои се клучни за потрошувачите во услови на пандемија и покрај енормното покачување на цените на суровините. Осигуривме континуитет во производството и покрај недостигот на репроматеријали и застојот во транспортните коридори. Оваа криза сите нас нѐ потсети на огромното значење на домашното производство во стратешки важните индустрии за една држава како што се фармацевтската и прехранбената.

Што беше најголемиот бизнис-предизвик минатата година?

Ж. Мукаетов: Како и целиот свет, така и нашата компанија мина низ трансформација на целокупното работење на сите нивоа. Поради огромната непредвидливост и бројните непознаници, на почетокот нашите одлуки беа базирани на принципот на обиди и грешки што, всушност, нè натера да излеземе од зоната на комфорот, да го подигнеме оперативниот менаџмент на највисоко ниво, темелно да ги пресметаме сите ризици и да дејствуваме паметно. Бевме свесни дека требаше да изнајдеме алтернативни начини да ги задржиме нормалните залихи на производи и да останеме во контакт со нашите колеги, соработници и сите засегнати страни. Како дел од здравствениот систем, нашата одговорност беше и сè уште е огромна. Фармацевтската индустрија и во нормални околности налага строги регулативи, но одржувањето на безбедна средина и процеси во услови на пандемија е огромен предизвик кој бара високи предострожности. Особено ми е драго што во ниеден момент не потфрливме. Чувавме големи волумени од клучните суровини, пренаменивме производни линии, направивме сѐ да ги заштитиме вработените и да осигуриме безбедност на процесите. Заеднички покажавме солидарност, мобилност, адаптибилност и високо ниво на емпатија. Свесни бевме дека ова е здравствена криза за која треба човечки одговор.

Пандемијата ќе трае подолго одошто иницијално се мислеше. Но, и од досегашниот период можат да се извлечат одредени бизнис-поуки. Која е Вашата порака за претприемачите и помалку искусните менаџери во поглед на управувањето на компанија во услови на ваква или слична непогода? На што да внимаваат и како да постапуваат?

Ж. Мукаетов: Како и секоја криза, ниту оваа не може да трае вечно... Изминатава година беше сериозен стрес-тест за сите, но предавањето не треба да биде опција. Ништо не е лесно, ниту за компаниите ниту за поединците, но тешките времиња бараат тешки одлуки, а јунаците обично на мака се познаваат. Соочувањето со фактите на суровата реалност е неминовен процес, но рационалноста и присебноста треба да преовладуваат кај секој менаџер и во секој бизнис. Преформулирање на процесите, изнаоѓање алтернативни начини за стигнување до потрошувачите и комуникација со потрошувачите, одржливо прилагодување кон промените, упорност, се неколку од препораките кои вреди да се применат.

И во тешките пандемиски времиња Алкалоид не запре со активностите што ја покажуваат општествената одговорност на компанијата. Посочете ни што сè направи компанијата на тој план во изминатиов период.

Ж. Мукаетов: Во услови кога сите светски економии се борат за ублажување на ефектите од здравствената криза, ретки се компаниите кои може да помогнат во вакви тешки времиња. Алкалоид беше прва македонска компанија која донираше износ од 200 000 евра на посебната наменска донаторска сметка на македонското Министерството за здравство формирана за целите на справување со здравствената криза.
По разни основи, Алкалоид АД, Алкалоид КОНС и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа дополнителен износ од преку 1 милион евра, од кои 125 000 евра беа наменети за донации во земјите од регионот. На листата на приматели на донациите заведени се голем број на здравствени и образовни установи, институции, здруженија и бројни поединци.

Успехот на Алкалоид се должи на извозот. Каква е структурата на извозот на компанијата, набљудувано по земји? Каде успевате да направите најголем пробив? Дали пандемијата го промени начинот на однесување на потрошувачите на вашите производи во странство?

Ж. Мукаетов: Изминатава година 35 % од вкупните консолидирани продажби на Алкалоид се реализирани на домашниот пазар, а 65 % беа пласмани на странските пазари од кои: 33 % беа на пазарите во Југоисточна Европа, 20 % во Западна Европа, 10 % во Русија и ЗНД и 2 % во останати земји.
Најголеми растови беа регистрирани на пазарите во: Чешка, Албанија, Грузија, Унгарија, Ерменија, Бугарија, Романија, Србија итн. Особено сме горди на првите пласмани на наши фармацевтски производи на пазарот во Канада. Ако пред 5 години соодносот на домашните и извозните пласмани беше 40 %, односно 60 %, во изминативе 3 години тој сооднос оди повеќе во полза на извозот. И во 2020 година извозните пласмани го задржаа својот континуитет и покрај отежнатата комуникација со постоечките и потенцијалните партнери.

Влезот на нови пазари не запира. Најнов е влезот на пазарот во Обединетото Кралство. Какви се очекувањата од тој пазар?

Ж. Мукаетов: Велика Британија е особено пробирлив пазар на кој, освен што владее огромна конкуренција, влезот е особено тежок, пред сѐ поради високите критериуми кои мора да ги исполнат производителите на најстрого регулираната категорија на производи во светот. Во моментов, тамошните пласмани на наши фармацевтски производи изнесуваат близу 5 милиони евра, но овој пазар за нас е од стратешка важност земајќи го предвид излегувањето на Велика Британија од Европската Унија.

Опстанокот на странските пазари бара континуирани вложувања во истражување и развој. Познато е дека други земји помагаат и ги поттикнуваат инвестициите во истражување и развој на домашните компании извозници, како и нивните инвестиции во нови производни капацитети. Треба ли на тој план и нашава држава да помогне повеќе? А, и воопшто, имате ли некоја сугестија во однос на економските политики на државава?

Ж. Мукаетов: Посветеноста на континуираниот раст и развој и одржувањето чекор со најновите достигнувања во сферата на фармацијата беа главните причини поради кои во изминативе 20 години Алкалоид вложи преку 200 милиони евра во производствени капацитети, опрема, лаборатории, технологија, софтвер, кадар и слично. Инвестициите во истражување и развој се неопходен предуслов за градење на модерно и конкурентно производно портфолио кое придонесе за глобално позиционирање на брендот Алкалоид.
Во 2018 година, Алкалоид доби помош од државава врз база на договорот за доделување на финансиска поддршка за пораст на инвестициите и приходите. Со оваа програма, домашните инвеститори за прв пат беа испочитувани како и странските, а за нас како компанија поддршката од овој тип претставува дополнителен стимул за вложувањата во Македонија од кои бенефит ќе имаат обете страни: Алкалоид, во насока на зголемување и осовременување на капацитетите, но и Владата во насока на нови вработувања и посилна економија зашто во секоја здрава економија треба да постои синергија меѓу владата и стопанството.
Од друга страна, пак, хендикепирани сме во однос на меѓународната конкуренција во поглед на поддршката на иновациите и развојно-истражувачките активности. Во оваа насока сметам дека државава што побрзо треба да ја активира поддршката на иновации и за големите компании затоа што тие не само што имаат капацитети, вештини и знаење за иновативен развој туку со себе носат и голем број на помали домашни кооперанти.

Клучен ресурс за одржлив развој е и квалитетот на кадарот. Успевате ли да најдете кадар со соодветни квалификации за компанија од рангот на Алкалоид?

Ж. Мукаетов: Имиџот на секоја компанија, нејзините вредности и кредибилитет се рефлексија на организациската култура и луѓето пред сѐ. Алкалоид е и ќе остане пример за врвен квалитет на процесите, обучен и мотивиран кадар, стандарди кои се компатибилни со светските регулативи во индустријата и производи кои се високо конкурентни и достојни да бидат присутни секаде во светот. На пазарот на труд ги регрутираме најдобрите кадри кои поминуваат низ неколку циклуси на селекција. Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни во регрутирањето, а одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадри од стручните сфери. За жал, во блиското минато имавме многу ситуации каде што на повеќе наврати на разни огласи се јавуваа кандидати кои отпаѓаа уште во првиот циклус на селекција. Ситуацијата стана алармантна во 2017 година кога решивме да ги воведеме програмите за практикантство. Веќе во 2018 година потпишавме меморандуми за соработка со неколку факултети и средни училишта во државава согласно кои нашата Служба за човечки ресурси и респективните едукативни институции заеднички планираат, адаптираат и структурно усогласуваат програми за едукација и развој на практиканти согласно заемните потреби. Ова го правиме со цел да ја поттикнеме креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Во процес на преговори сме за формирање на паралелка за дуално образование во средното медицинско училиште под закрила на македонската и германската влада, соработуваме со Амбасадата на Швајцарија на Програмата „Образование за вработување“, а размислуваме и за формирање на академија во рамките на компанијата за градење на дополнителни знаења и вештини. Интересно е колку малку мотив им е потребен на младите луѓе за постигнување на одлични резултати, а едукативниот систем, за жал, не ги насочува кон пошироки хоризонти. Државните статистики укажуваат на кусок од струки во однос на потребите на пазарот на труд, недоволна обученост и мотивираност на кадрите, но ние целиме да направиме одржлива позитивна промена во однос на горливите општествени теми барем во нашето непосредно опкружување.

Многу од работите што ни се случуваат во општеството не се од инцидентна природа. Тоа значи дека во подолг период во општествово ни е потребна суштинска промена. Кој е Вашиот став?

Ж. Мукаетов: Од осамостојувањето наваму, Македонија континуирано минува низ разни предизвици. Настрана пандемијата, мислам дека во општествово генерално недостасува критичка мисла, давање приоритети на интереси, а сѐ почесто среќавам декаденција на духот и системот на вредности кај луѓето. Чинам дека живееме во премногу политизирано општество каде што дури и секојдневната вообичаена комуникација се сведува на политиката, па створена е атмосфера на апсолутна поларизација и поделби. Доколку ја оставиме политиката на страна и се почитуваме меѓусебно пред сè како луѓе, сограѓани или сожители, сметам дека би биле многу попродуктивни. Чест на исклучоците, но во општествово владее атмосфера на непрепознавање на таленти, успешните примери не се потенцираат, а од друга страна, на цена се, незаслужено, лажни идоли. Но, критичкото расудување и почитта се учат од раното детство, а сѐ почесто сме сведоци на испади на агресија кај младите кои обично се резултат на наталожено незадоволство, и тоа во основната клетка на општеството – семејствата. Ако децата се огледало на родителите, а младите се слика за приликите во општеството, тогаш неминовно би ја потенцирал важноста на домашното воспитание и формалното образование почнувајќи од најбазичните нивоа: градинки, основни училишта, едноставни воншколски активности, па и понатаму... Но, повторно, неиздржаните и често пати партиски поврзани решенија доведуваат до слаби резултати. Младите заминуваат поради разочараност и подобри економски шанси надвор од нашава држава, додека домашната економија, доколку би излегла од маргините, би дала надеж за многу подобри перформанси. За мене не е важна формата, туку содржината, а содржина каква што ме исполнува имам во моето семејство и во компанијата која ја водам.

Ви благодарам за интервјуто.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО