Бизнис

Булдиоски: Иднината на корпоративните настани е хибридна

Дарко Булдиоски

darko@newmedia.mk komunikacii.net

Не, не станува збор за енергијата која ќе се употребува за да се придвижат настаните низ светот, туку за комбинацијата на каналите и алатките кои ќе донесат ново, различно, побогато искуство. 

Многумина, а тука пред сè се вклучувам и сам себе, минатата година кога не „закачи“ пандемијата ги оставивме плановите за организација на настани на пауза. Си рековме, во ред е, една година е, ќе прескокнеме, ќе преживееме и потоа сè по старо. Ова барем беше верувањето, да не речам желбата.
Добар дел од настаните минатата година се одржаа затоа што едноставно мораа да бидат одржани. Дел не се одржаа затоа што, нели, немаше логика да се одржат. Но, што правиме сега? Што правиме во 2021 година?
Факт е дека буџетите за настани оваа година не се како оние за 2020 година затоа што сега знаеме со што се соочуваме, ама пак од друга страна факт е и дека настани, од некој тип, мора и треба да има. Прескокнување две години по ред веќе не е опција, решенија мора да се бараат и да се најдат.
Ако минатата година многумина импровизиравме во òд и пробувавме различни, не баш соодветни технички и организациски решенија, сега во 2021 година не смееме да се однесуваме така. Мора да бидеме поорганизирани затоа што и решенијата кои сега ни стојат на располагање и плановите ни одат во прилог.
Јас можам, дека барем еден настан кој ние го организираме ќе се случи… Да, зборувам за AllWeb. Мината година во март прв бев кој рече, не. Нема да правиме уште еден зум-состанок или вебинар и да го викаме конференција. И не жалам за тоа, ама оваа веќе интензивно рамислуваме за нешто посериозно, нешто достојно за поводот. Welcome Hybrid Events.

Што се хибридни настани?
Хибридни настани се настани кои комбинираат физичко присуство и виртуелно, онлајн искуство. Може да бидат конференции, саеми, промотивни настани, семинари и ред други форми.
Значи станува збор за добро испланирани организациски и технички спроведени настани кои го комбинираат најдоброто од двата света. Не дека до сега и пред пандемијата не се комбинирале или не сме ги комбинирале овие работи, ама се чини некако дека тогаш ни беше полесно. Имавме физички настан, основната публика беше таму и сè што можеше од интернет да се внесе во самиот настан беше додадена вредност.
Сега е различно, сега основното јадро на публика ни е на интернет и мора да се потрудиме да им го пренесеме или обезбедиме искуството кое би го имале на настан организиран во физички простор.
Но, ова е далеку од очајна позиција, ова сега е позиција која дефинитивно ја менува природата на сите настани и начинот на кој ќе се организираат настаните во иднина, дури и по масовното вакцинирање и враќање на состојбата во некоја друга, претходна, нормала. Позитивната перспектива која ја отвораме оваа и следните неколку години всушност им отвора можност за многу поголема публика за помалку трошоци на организаторите, отвора можност за побогато искуство во кое сите ќе бидат вклучени.

Што не е хибриден настан?
Веројатно подобро ќе се разјаснат разликите и карактеристиките на хибридните настани ако ги разгледаме некои од најчестите погрешни претстави за нив...

– Виртуелниот елемент е само „livestream“ на физичкиот дел.
Ова е најчеста грешка. Ако вклучите стрим од настанот кој паралелно ќе ја пренесува содржината на различни платформи, не сте направиле хибриден настан. Хибридниот настан подразбира поголема интеракција и вклучување на публиката во самиот настан, а не само публика која ќе го гледа вашиот настан. Тука повеќе ќе мора да гледате во насока на комплетен пренос во живо со режија, сценарио и сл. Нешто налик на настаните кои ги гледаме на големите ТВ-настани како Евровизија, спортски натпревари, оскари и сл.

– Изборот на локација за настанот треба да ја земе предвид само публиката која е физички присутна.
Ова, пред сè, е важно ако немате голема или воопшто немате публика во физички простор, па врз основа на тоа може да занемарите како ќе изгледа целиот настан кога ќе се пренесе онлајн. Градење на сцена, повеќе различни агли на снимање, посебни заднини, анимации и сл. се дел од искуството кое мора да го пренесете онлајн ако сакате да ја надминете бариерата, а тоа не се постигнува во помал и несоодветен простор. Сепак, ви треба простор кој треба да може да ја прими сета опрема која ви треба за да го реализирате овој настан, да може да изградите сцена, да поставите камери или можеби различни сценографии кои ќе треба да предизвикаат различен тип на интеракција во различен сегмент од вашиот настан.

– Хибридните настани се тешки за планирање и реализација.
Ако гледам според навиките на локалната публика која обожава да се регистрира во последен момент и тоа да го направи преку телефон, тогаш дефинитивно имаме предизвик. Но, фактот дека не мора да планираме дополнителни физички ресурси и капацитети ако во последниот ден ни се пријават многу учесници кои сега се во ситуација да следат онлајн, значително го олеснува овој дел. Дополнително, се надевам, дека конечно под влијание на хибридните пристапи ќе ја подигнеме културата на онлајн регистрација и плаќање за учество на настан, а со тоа ќе се влијае и на навременото обезбедено место. Денес, особено по стартот на пандемијата, на располагање имаме голем број на сервиси и алатки кои ни овозможуваат да стапиме во интеракција со публиката и да ѝ овозможиме побогато искуство пред, за време. но и по настанот. И сето тоа го продолжува и го подобрува целосното ново искуство кое го креира самиот настан.

Да резимирам, 2021 година дефинитивно ќе е година на хибридни настани кои подоцна веројатно и нема да имаме потреба да ги викаме хибридни, ќе станат само настани и ќе си бидат тука со години. Затоа засукајте ги ракавите, најдете добри соработници и почнете да ги планирате следните искуства на вашата публика, купувачи, вработени, партнери зашто иднината на настаните е дефинитивно хибридна!

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО