Бизнис

Мицковски: Неуспехот на Супер лигата не значи дека фудбалот е спасен

Ивор Мицковски

Авторот е политиколог

Првата фудбалска сецесионистичка војна заврши во рок од 48 часа со срамен пораз за 12-те клубови еретици. Елитните клубови ги изгубија натпреварот и образот, но проблемите во фудбалската индустрија и нејзините регулаторни тела како УЕФА и ФИФА остануваат нерешени.

Пандемијата ја турна на колена фудбалската индустрија која и пред тоа пливаше во опасни економски и финансиски води. Кога бродот тоне сите пробуваат да се спасат како што знаат и умеат. Овој пат, за разлика од претходните кризи, особено настрадаа големите клубови оставени без приходите од стадионите, вклучувајќи го и мерчендајзингот. Потоа речиси сите имаат проблем со ликвидноста, особено загрозена од астрономската потрошувачка на пазарот на играчи што пак драматично ги влоши нивните билансни состојби. Врвните светски клубови мислеа дека можат да се спасат со тоа што ќе формираат своја алтернативна лига и на тој начин ќе ги дуплираат или триплираат приходите кои веќе им ги гарантира Лигата на шампиони.
Супер лигата со наводно баснословните суми гарантирани од ЈП Морган им изгледаше како спас на големите кои заборавија на помалите. Но, меѓу бонусите за влез во елитниот клуб и годишните премии, и онака опасно накосената финансиска пирамида на европскиот фудбал ризикуваше да се претвори во вертикален ѕид од кој сите ќе се излизгаат. Дури и клубовите да ги дуплираа своите приходи, не постоеше никаква гаранција дека нивното трошење или пак дека цената на Меси и на Роналдо во иднина нема да се триплира. Сепак, Супер лигата не пропадна поради тоа.

Елитните клубови според богатство, трофеите и задолженоста беа поразени поради две фундаментални причини: одлучната акција на политиката и на владите, особено онаа на Борис Џонсон и реакцијата на навивачите. Покрај промашениот тајминг и лошата комуникациска стратегија, големиот превид на елитата на европскиот фудбал покажа дека нивниот дилетантизам испадна еднаков на нивната ароганција.

Причината зошто оваа шизма на 12-те клуба не произведе една нова религија треба најмногу да се бара во реакциите на владите, на ЕУ и на моќните регулаторни тела, а потоа и кај помалите европски клубови. Голем дел од англиските клубови имаат странско сопствеништво, па оттука на британскиот премиер не му беше претешко да ги потсети газдите дека се гости кои имаат најголеми обврски спрема Премиер лигата. Тоа е потврда дека и големите правни канцеларии, банки или фондови малку што можат против премиерот и Парламентот. Потоа следуваа и силните реакции на ЕУ и на францускиот претседател Макрон, додека финалниот удар го зададоа Цеферин и Бобан од УЕФА заедно со брзата и жестока реакција на помалите европски клубови.

Ако реакцијата на политиката не беше толку лесно предвидлива, останува мистерија како 12-те клуба не ја предвидеа реакцијата на своите навивачи. Има и нешто „робинхудовско“ во малата револуција од долу на навивачите кои не прифатија раководствата на нивните омилени клубови да ги третираат како бездушни консументи и клиенти. Навивачите ги потсетија клубовите дека иако фудбалот е претворен во индустрија и спектакл, сè уште е спорт и игра која длабоко е вкорената во страста на заедницата и во срцата на луѓето.



Надвор од стриктно економските или политички резони, неуспехот на Супер лигата има своја морална и демократска димензија. Сецесијата на 12-те клуба наликуваше на предавство на самата идеја на која се базираат западните либерални демократии, демократии кои од филозофска гледна точка се потпираат на еден непроменлив столб: индивидуалната слобода, слобода која треба да се интерпретира не само од аспект на социјалните права туку и од аспект на економските. Зборуваме за можноста секој да има право да оди нагоре по „социјалниот лифт“ согласно сопствените заслуги, а не според рентата од претходно освоената позиција: меритократија наспроти рентиерство. Зборуваме за тој прекрасен филозофски и уставен концепт дека секој заслужува еднаква почетна можност и шанса наспроти неправедноста на хоризонталниот егалитаризам.

Најголемата грешка на 12-те клубови е што сакаа со еден потег да го уништат тој меритократски и натпреварувачки дух и на негово место да изградат едно стерилно и елитистичко квази натпреварување резервирано само за оние со сина крв, за оние кои мислат дека нешто им следува според Божјата волја.

Интересно е дека самата идеја за Супер лигата, иако комплетно се коси со идеалите на американскиот сон, всушност е инспирирана од американските лиги, особено од НБА. Но, идејните творци на проектот испуштиле два фундаментални принципи на функционирање: „reverse-order-player draft“ и буџетски лимит (salary cap). Без испаѓање од лигата, со цел да се избегне постојано едни исти екипи да се натпреваруваат за победа, така убивајќи го и интересот на гледачите, последните во првенството имаат приоритет во изборот на најдобрите играчи од колеџ кошарката. Овој систем би бил безначаен доколку најбогатите тимови имаат право веднаш да ги купат најдобрите играчи од послабите екипи, нудејќи им неодоливи понуди. Во НБА за таа цел влегува во игра вториот механизам, односно селари кепот или буџетскиот лимит. Ниедна екипа не може да потроши повеќе од одредена фиксна сума.

Но, постои и трета системска маана зошто фудбалската Супер лига не може да го имитира американскиот модел. Во американските екипни спортови, пред сè во кошарката, но и во рагбито, хокејот или бејзболот – се постигнуваат многу поени. Како последица на тоа, за овие спортови е лесно да се примени еден вид на „закон на големи броеви“, па оттука е незамисливо дека многу слаба екипа од пониска лига ќе ги победи на пример Лејкерси. Фудбалот е спорт во кој нема многу погодоци и затоа големите изненадувања се возможни: екипа од Ц-лига може да го елиминира еден Реал Мадрид во Кралскиот куп, Македонија може да ја победи една Германија, Грција може да го освои Европското првенство, Аталанта може да стигне речиси до полуфинале на Чемпионс, една Стеауа Букурешт може да ја освои. Исходот на еден натпревар во фудбалот никогаш не е тотално предвидлив. Тоа објаснува и зошто во фудбалот може да има многу компетитивни клубови и покрај лимитираниот буџет: Аталанта, Наполи, Лестер, Шахтјор, Севиља, Динамо Загреб трошат три, четири или десет пати помалку од Сити, Реал, Интер или Манчестер и сепак со години се меѓу кремот на светскиот фудбал.

Токму оваа непредвидливост, понекогаш и едноставност на фудбалот, направи тој да е најпопуларниот и најиграниот спорт на светот, и токму овој уникатен квалитет ќе беше анулиран со Супер лигата поради што и неизбежно ќе станеше здодевен за публиката.

Креаторите на Супер лигата тврдеа дека таа е единствениот спас од финансискиот колапс на фудбалот. Тоа изгледа многу наивно и лицемерно. Дури и споменатите суми да беа реални, без буџетскиот лимит селари кеп, растечките приходи само дополнително би ги збогатиле фудбалерите, особено суперѕвездите и нивните агенти. За некоја година проблемите би останале, а можеби и би се влошиле. Доколку премијата за победа би се зголемила, тогаш и поттикот сè да се ризикува за победа би пораснал. Крајниот исход би бил една уште покрвава и трошаџиска трка по најдобрите играчи. Вистината е дека сите 12 клуба веќе беа во катастрофална финансиска состојба и пред пандемијата и затоа решенијата не треба да се бараат во само повеќе пари и сè поголеми приходи.

Сето ова не значи дека треба да се остане на актуелниот статус кво каде што клубовите безмилосно трошат, додека фудбалските влади се занимаваат со додавање на сè повеќе натпревари и отворање на нови пазари без каква било грижа за човековите права или за интересите на играчите. Ефектите од корона вирусот ќе продолжат и во годините што следуваат доколку сите инволвирани, од лигите, федерациите, регулаторните институции, играчите и тренерите не се заложат за корективни мерки и коренити промени во фудбалската индустрија.

Прво што мора да се направи е да се стави лимит на перверзната потрошувачка и да се прифати дека актуелната динамика на трошоци-приходи повеќе не е одржлива. Доволно е да се погледне нивото на задолженост. Првите 15 клубови според заработката (7 милијарди евра) се обременети со 6 милијарди евра нето-долг. Воведувањето плафон на сите трансфери, плати и проценти за агентите е неизбежно.

Второ, меѓу обврските кон лигите, репрезентациите и куповите, најчесто поради различните и преклопувачки интереси на УЕФА, на ФИФА, на националните лиги и на федерациите, се играат премногу натпревари без никаква хармонизација на датумите и тотална пренатрупаност на фудбалската агенда, нешто што не е добро ниту за здравјето на играчите ниту за квалитетот на производот кој се нуди на публиката. УЕФА дури и го зголеми бројот на тимови и на натпревари за идната Лига на шампиони од 2024 година без никакво намалување во националните лиги.

Креаторите на Супер лигата колку што беа во грешка да понудат модел кој не одговара на европската фудбалска култура, толку се во право дека фудбалот сè помалку е примамлив за азијатската или американската публика. Нив ги интересираат големи натпревари меѓу големи клубови. Оттука мора да се пронајде начин како да се зголемат таквите дуели без тоа да биде на штета на националните првенства.

И конечно, тука е реалниот проблем дека уште долго време нема да може да се искористи целиот потенцијал на бизнисот од стадионите и сè што е поврзано со посета на навивачите. Потоа тука е проблемот на бегството од фудбалот кај помладите генерации. Тоа значи дека треба да се пронајдат нови алтернативи за пренос на настаните во живо, потпирајќи се на дигиталната еволуција. Ако младите меѓу 16 и 24 години повеќе не ги интерсира да гледаат цел натпревар, можеби треба да се размисли за самиот формат на натпреварите. Тоа се постигнува со подигање на степенот на спектаклот и преку додавање вредност низ дополнителни содржини. Тоа не значи да се уништат традиционалните фудбалски ритуали, туку да се прифати реалноста на новите промени.

Супер лигата беше погрешна реакција на многу точни и прецизни проблеми. Останува фактот дека од сега, па натаму ништо нема да биде исто како и порано. Постковид светот мора одново да се обмисли, вклучувајќи го и фудбалот. Но, за тоа е потребно да се смири егоистичката ескалација и топката да се спушти на центарот на игралиштето. Срцебиењето на навивачите е душата на овој спорт, но без решенија за индустријата, бизнисот и технологијата на фудбалот, секое одложување на системските решенија, наместо да се слави преку ослободувачкиот крик на „Гооол“, ќе се претвори во поразителен автогол.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО