Финансии / Банкарство

Карактеристики и потенцијал на криптовалутите – со посебен осврт на биткоинот

Дејан Граорковски

дилер во Дирекција за тргување и пазари на капитал во Охридска банка

Во првите неколку месеци од 2021 година, како и во изминатава година, целокупната светска и домашна јавност е сведок на вртоглавиот раст на цените на најголемите криптовалути во однос на нивната пазарна капитализација. Најстарата и најпопуларната криптовалута биткоин (Bitcoin) во 2020 година достигна раст од 600 %, a само од почетокот на оваа година нејзината ведност се зголеми за дополнителни 80 %. Дополнително и вредноста на другите најтргувани криптовалути како што се Ethereum, Litecoin и XRP пораснаа за 1 010 %, 350 % и 230 %, соодветно.

Како резулат на овој вртоглав пораст на цените, пазарната капитализација на криптовалутите достигна износ од 1,6 трилиони американски долари при што биткоинот има учество од 68 %. Ваквите бројки не ги оставија рамнодушни дури ниту најголемите критичари на криптопазарот.

Имајќи ги предвид овие случувања, на почетокот на текстот ќе се обидеме да ги обjасниме карактеристиките на криптовалутите и целта за нивно креирање. Дополнително, во понатамошниот дел од текстот, ќе ги анализираме потенцијалот и идните перспективи на овој пазарен сегмент со цел да добиеме појасна слика во која насока би се движел истиот тој сегмент.
Криптовалута може да се дефинира како ‘облик на дигитална сопственост која се користи како средство за размена на стоки и на услуги’. Начинот на обезбедување на сигурност на трансакциите е овозможен преку користење на технологија наречена блокчејн (blockchain). Воедно преку оваа технологија се врши и контрола на креирање дополнителни парични единици, како и потврда за трансферот на валутата. Најпознатата и највредна валута, мерено по пазарна капитализација, е биткоинот.
Биткоин настанува во почетокот на 2009 година од група на програмери позната под псевдонимот Сатошти Накамото. Тие го опишуваат како „peer-to-peer електронски готовински систем“. Овој систем е целосно децентрализиран, односно не е издаден и контролиран од страна на некоја земја или централна банка. Овој вид валути (криптовалути), исто како и оние во традиционална форма, може да се користат како средство за размена на производи и на услуги. Меѓутоа, за разлика од „обичните валути“, криптовалутите се шифрираат со користење на блокчејн (Blockchain) технологија.Тоа е така бидејќи секоја дигитална информација може лесно да се размножи, да се измени и е многу едноставно да се манипулира со неа.

Блокчејн (Blockchain) претставува сложена база на податоци која во себе ги содржи сите направени трансакции и ги дели сите страни кои учестуваваат во системот базиран на биткоин протокол. Сѐ се чува во мрежата на серверите, а таа функционира како база на податоци така што секој индвидуален сервер ги содржи сите податоци за трансакциите, односно е децентрализиран. За споредба, кај „обичните валути“, конвенционалната мрежа е базирана на централизирана мрежа каде што главни учесници се авторитарни центри како што се банки или државни агенции.

Зошто биткоинот и останатите криптовалути се популарни? Постојат повеќе причини за тоа:
– Поддржувачите на биткоинот го гледаат како валута на иднината и се во налет да го купат сега, под претпоставка дека ќе им донесе значајна добивка во иднина.
– Криптовалутите се пренесуваат меѓу договорните страни врз принципот peer-to-peer, односно без посредници (финансиски институции или платни системи) и со минимални провизии.
– Паричниците со криптовалути не можат да се контролираат однадвор, па затоа никој нема право да ги замрзне или пак да наметне ограничувања на износот на трансферот.

И покрај тоа што на пазарот моментално постојат околу 7 000 криптовалути, биткоинот е најпопуларен и има најголема вредност според пазарната капитализација. Оттука се поставува прашањето зошто е тоа така.

Една од причините е затоа што има изградено јака репутација како прва криптовалута на пазарот, односно предноста на пионер и со тоа добива голема медиумска застапеност и доверба кај инвеститорите. Понатаму, многу интересен и важен фактор е тоа што оваа криптовалута има ограничена понуда. До сега во циркулација се околу 18,5 милиони биткоини, а предвидениот максимум е да се создадат 21 милион до 2140 година. Имајќи го предвид ова, ограничената количина во комбинација со зголемена побарувачка би влијаело врз значаен пораст на цената во иднина. Останатите криптовалути како што се Еthereum, LiteCoin и XPR во моментов немаат ограничена понуда, што ги прави помалку атрактивни.

Ако се навратиме во 2017 година, биткоинот исто така имаше голем раст на вредноста како и оваа година. Но, што е разликата? Во тој период растот беше предизвикан од големата побарувачка на индивидуалните инвеститори. За разлика од тој период, денес главни двигатели на побарувачката и на цената се институционалните инвестори, пред сè во САД. Инвестициите во биткоинот од страна на компанијата Тесла во износ од 1,5 милјарди долари придонесоа за огромен пораст на цената. И други компании како Мајкрософт и Сквер инвестираа солиден износ на средства. Морган Стенли стана првата голема банка во САД која им понуди на своите имотни клиенти пристап до фондовите на биткоин.

Сите овие случувања не можеше да останат незабележани од страна на централните банки на најголемите светски економии од аспект на тоа каде би се движела цената во иднина. Во една анализа направена од страна на Дојче банк се предвидува дека биткоинот ќе остане „ултра нестабилен“ поради ограничената трговија на оваа криптовалута.Тоа би значело дека само неколку големи набавки или излези на пазарот би можеле значително да влијаат на рамнотежата меѓу побарувачката и понудата. Во истата анализа, како голема пречка беше истакната неликвидноста на оваа валута.

Во едно свое неодамнешно обраќање, претседателот на ФЕД Џером Пауел изјави дека криптовалутите и понатаму остануваат нестабилни чувари на вредноста (што е едно од основните својства на парите). Тој ги окарактеризира како шпекулативни средства кои никако не можат да бидат замена за американскиот долар или други резервни валути.

На крајот ќе го поставиме прашањето кое сигурно е најактуелно периодов:
Дали да инвестирам во биткоин или во некоја друга криптовалута?
Одговорот би бил ДА. Меѓутоа, ако и само ако имате вишок на средства и голема толеранција кон ризикот.


 

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО