Бизнис

Азески: Работата од дома навистина функционира

Дејан Азески

Авторот е историчар, новинар и публицист

Најголемата заблуда која ни ја руши ковид-19

Деновиве кај нас најактуелно е враќањето на работа во полн обем. Како во старите добри времиња на вработените им се наредува во 8:00 без минута задоцнување да се појават во своите канцеларии и да продолжат онаму каде што застанале некаде во април 2020 година. Ваквиот однос кон човечкиот капитал отсликува дека воопшто не сме ги следеле светските трендови и промените кои во меѓувреме настанале во светот. А тие промени се поврзани со кршење на едно старо верување дека само са камшик робот може да се натера да биде понизен и работлив. Веројатно многумина свесно забораваат дека робовладетелството во Европа е искоренето уште во средниот век, а идејата на современиот капитализам е работните односи постојано да еволуираат што, кај нас нормално, оди со задоцнување. Светот, за среќа, не функционира така, а за тоа најдобро говорат следниве анализи.

ИЗНЕНАДУВАЧКИ ПОЗИТИВНИ СТАТИСТИКИ ЗА РАБОТАТА ОД ДОМА
Сите ние влеговме во пандемиското затворање со очекување дека економијата набрзо ќе пропадне бидејќи таа не може да се базира на луѓе кои работат од удобниот амбиент на нивната дневна или спална соба. Но, светските статистики покажуваат дека ова не само што може да функционира туку и ќе продолжи да опстојува и по крајот на пандемијата бидејќи ваквиот принцип на работа покажува одлични разултати. Според проценките на Апворк (најголемата светска мрежа на фриленсери), 1/4 или 26 % од американската работна сила е очекувано да продолжи да работи од дома низ целата 2021 година.
Неколку научно засновани студии објавени во последниве месеци покажуваат дека продуктивноста е навистина поголема додека вработеното лице поминува повеќе време во својот дом отколку во канцеларијата. Според овие студии, лицата кои работат од дома се минимум за 10 минути попродуктивни на ден од оние кои работат во канцеларија, работат цел еден работен ден повеќе во текот на неделата и со тоа нивната целокупна продуктивност е поголема за неверојатни 47 %.
Ова на многумина им звучи неверојатно бидејќи се коси со сите досега познати теории на менаџментот и корпорациски верувања кои ни беа наметнувани.
Според студијата на престижниот Стандфорд изведена врз 16 000 работници во период од 9 месеци, продуктивноста кај сите кои работат од дома несомнено е зголемена, а заедничкиот просек изнесува 13 %. Тие ја објаснуваат оваа статистика со фактот дека човекот во мирот на својот стан може да направи многу повеќе телефонски повици и ефективно да одработи повеќе часови без потреба од паузи, одмори и боледувања. Во истата студија се констатира и поголемо задоволство при извршувањето на работните задачи на овој начин, а процентот на оставки е намален за дури 50 %.
Според студија на компанијата „Конект солушнс“, дури 77 % од оние кои работат од дома барем неколку пати месечно покажале зголемена продуктивност. Тие завршувале и до 30 % повеќе работа за помалку време или просечено 24 % работа за истото време.
Сите овие светски статистики и анализи во комбинација со она што и самите го гледаме во реалноста веројатно треба да нè натера да размислиме подетално пред да се вратиме во старата работна реалност која од денешна перспектива изгледа еквивалентно на каменото доба.

КАКО ИЗГЛЕДАШЕ ТОА ПРЕД КОВИД-19 ПАНДЕМИЈАТА?
Веројатно не е за изненадување отпорот кој и ден-денеска го имаат компаниите кон промените ако се знае дека тоа беше еден од најголемите стравови и пред пандемијата. Тогаш се веруваше дека работата од дома повеќе од сигурно носи непродуктивност. И навистина постоеја објективни аргументи за тоа според кои се тврдеше дека степенот на дистракција дома знае да биде многу повисок отколку во канцеларија.
Според истражувањето на Американското биро за работни статистики од 2019 година, 24 % од вработените во САД во тој момент завршуваат дел од работите дома. Истата студија открива дека работниците вработени во финансии, човечки ресурси и менаџмент се покомпатибилни за нивната работа да ја завршуваат од дома.
Студија спроведена во 2012 година покажува дека оние канцелариски работници на кои им биле доделени досадни задачи ја извршувале својата работа подобро и побрзо во редовно деловно опкружување. Нарушувањето на домашниот живот е поверојатно да спречи продуктивна работа кога не уживате во работата. Оваа студија покажала попродуктивни резултати кога работата била покреативна. Истата студија исто така покажува дека цела „канцеларија“ ќе има лош ефект доколку сите работат од дома. Секоја индивидуа ќе инвестира иста количина на работа како и следната. Значи, ниеден поединец не сака да инвестира повеќе работа, а тоа да остане незабележано.
Друго истажување од истиот период наведува дека колку повеќе часови работи поединец од дома, станува помалку продуктивен. Оние кои работеле со полно работно време (8 часа на ден) дома биле 70 % помалку продуктивни од оние кои не работеле од дома.


Дали од дома треба да сме достапни 24 часа?

Засега единствен нерешлив проблем со работата од дома е што флексибилното работно време често знае да се претвори во вистински кошмар за работниците бидејќи тие тогаш несвесно стануваат 24 часа достапни за сите потреби на работата.
Според искуствата на вработените, работодавците кои нудат ваков тип на работа настојуваат максимално да ги искористат работниците. Тие се веројатно и во право. Во денешно време кога електронската пошта е достапна и преку мобилниот телефон, дури и кога сте на одмор, сигурно се забележувате себе си дека ја прегледувате бизнис електронската пошта.
По осумчасовната работа, многу шефови очекуваат нивните вработени сè уште да се достапни за доколку се потребни да сработат уште нешто и, како што покажува резултатот од истражувањето, шефовите сметаат дека тие што се дома веќе се наградени со таа можност, па чесно е од нивна страна да вратат за услугата со „малку“ повеќе работа.
Затоа во иднина треба јасно да се утврди работното време, а за тоа треба дополнително созревање на свеста.


 

КАКО РАБОТИТЕ НАГЛО СЕ СМЕНИЈА ПО ПАНДЕМИЈАТА?
Сепак, нешто се смени од 2012 година. Работата од дома стана полесна, а комуникацискиот софтвер подобар. Извештаите од анкетите спроведени во последниве неколку месеци покажуваат дека работата од дома носи подобра ефективност во проектите и ја зголемува продуктивноста.
Ако се спореди продуктивноста на вработените од март до август 2020 година со истиот шестмесечен период во 2019 година, продуктивноста на вработените од дома е дупло зголемена. Prodoscore известува за 47 % зголемување на продуктивноста од март 2020 година (во споредба со март и април 2019 година).
Во извештајот се наведува дека работниците се најпродуктивни во вторник, среда и четврток; меѓу 10:30 и 15:00 часот. Просечниот работен ден, сепак, го рефлектира распоредот од 8:30 до 17:30 часот, а сè повеќе работници користат софтвер за испраќање по е-пошта и управување со односите со клиентите за да останат во контакт со соработниците.
Студија од Стенфорд откри дека само 65 % од Американците имаат доволно брз интернет за да можат да се справат со видеоповиците.
Истражувањето на Airtasker од март 2020 година покажува дека вработените од дома поминувале помалку време избегнувајќи работа (разлика од 15 %), минувале 1,4 дена повеќе на работа секој месец и правеле помалку паузи.
Работниците во домашното опкружување велат дека нивните колеги помалку го одвлекуваат вниманието, поминуваат 30 минути помалку разговарајќи за неработни теми и поминуваат 7 % помалку време разговарајќи со раководството.
„Њујорк тајмс“ на оваа тема го интервјуираше Натан Шулц, извршен директор на „Чег“.
Неговиот прв импулс логично бил постојано да ги проверува вработените. Но, кога тој се откажал од ова застарено верување, продуктивноста се зголемила и вработените почнале да ги завршуваат проектите пред предвидениот рок.
Сепак, во овие истражувања не е земена предвид долгорочната социјална осаменост која, според некои предвидувања, може да има катастрофални последици на психичката стабилност и на задоволството на луѓето.


(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО