Интервјуа
Аргир: За НЛБ нашиот регион е нашиот дом и местото каде се луѓето кои најмногу ни значат
Антонио Аргир
Претседател на УО на НЛБ Банка АД Скопје и иден извршен помошник на УО на НЛБ Љубљана
Неодамна објавивте за Вашето унапредување во НЛБ Групацијата, кое не е изненадување имајќи ги предвид успесите на НЛБ Банка Скопје под Ваше раководство. И покрај тоа што во земјава дејствуваат и други банкарски групации, до сега не е забележан трансфер на банкар кој потекнува од оваа средина во нивното највисоко централно раководство. Како дојде до оваа одлука на НЛБ Групацијата?
А. Аргир: Во право сте, факт е дека банкарските групации во земјава вообичаено „увезуваат“ раководен кадар што е добро за размена на интернационални знаења и искуства и унапредување на корпоративната култура, но да, спротивното досега не беше практика во земјава. Оттука мојот трансфер на раководна функција во седиштето на НЛБ д.д. во Словенија е огромно признание за мене, за Банката, но и за нашето банкарство дотолку повеќе што за прв пат во историјата на оваа меѓународна банкарска групација на високораководна функција доаѓа човек од некоја од банките членки, и тоа не од која било, туку од македонската членка − НЛБ Банка Скопје.
По цели 22 години во НЛБ Банка Скопје, од кои последните шест на позицијата претседател на УО на банка членка со извонредни резултати, мојот трансфер во седиштето на НЛБ д.д. е логичен чекор. Дополнително и стратешката определба на Групацијата е во насока на интензивирање на внатрешната мобилност и интернационализација на тимовите, особено кога станува збор за позиции на кои можат да одговорат кадри со широка експертиза, докажани лидерски способности и професионализам и луѓе кои покажале резултати во својата работа. А кога зборуваме за резултатите, НЛБ Банка Скопје континуирано бележи одлични резултати во сите сегменти од работењето. Таа е една од водечките банкарски институции во земјава, втора системски најзначајна банка на пазарот, стабилна финансиска институција која воедно, по резултатите во изминатите години, е и најдобра банка во Групацијата и најдобро перципиран бренд на пазарот со високо ниво на углед и доверба, достапност и квалитет на услуги. Ова се практично аргументите на кои Групацијата ја темели одлуката за моето унапредување, што за мене е голема чест, но и огромен предизвик и одговорност.
Кога пред повеќе од една година дојде понудата и почнаа првичните разговори за моето унапредување од првите луѓе на НЛБ Групацијата, немав дилема дека сега е вистинскиот момент да направам кариерен исчекор. Тука мислам пред сè на професионалниот потенцијал имајќи предвид дека по повеќе од две децении во Банката и НЛБ-системот, личен хоризонтален и вертикален развој до претседател на УО на НЛБ Банка Скопје, со своето искуство и професионална зрелост, можам да дадам огромен придонес во реализација на стратешките цели на Групацијата. Во меѓувреме следуваше период на усогласување и пред сè обезбедување континуитет и моја замена, па затоа конечната објава дојде откако поминаа сите одлуки на ниво на Групација и на ниво на нашата Банка.

На функцијата извршен помошник на Управниот одбор на НЛБ д.д. стапувате на почетокот на 2022 година. Поконкретно, кои ќе бидат Вашите задолженија?
А. Аргир: Да, на новата функција стапувам на почетокот на 2022 година, а до крајот на оваа, што се сведува на без малку десетина дена, ја извршувам функцијата претседател на УО на НЛБ Банка Скопје и заедно со тимот заокружуваме уште една успешна година.
Што се однесува до Вашето прашање, пред сè, би сакал накратко да ги запознаам читателите со неколку значајни факти за НЛБ Групацијата. НЛБ Групацијата е водечка банкарска и финансиска групација во ЈИЕ со одлично корисничко искуство. Присутни сме во шест држави − Словенија, Сeверна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина и претставуваме единствена банкарска групација со ваков географски отпечаток. Покрај НЛБ д.д., НЛБ Групацијата се состои од седум банки ќерки во ЈИЕ, неколку компании за помошни услуги (управување со средства, управување со недвижен имот итн.). НЛБ д.д. е друштво чии акции котираат на Љубљанската берза, а глобалните сертификати за депозит на Лондонската берза. Ние сме институција од системско значење, со повеќе од 10 % пазарен удел на сите пазари, имаме една од првите топ три пазарни позиции во земјите каде што сме присутни и вкупна актива од повеќе од 21 милијарда евра, а нашите банки членки се важни даватели на финансиски услуги на пазарите во ЈИЕ и лидери во различни бизнис-сегменти.
Групацијата опфаќа пазар со население од околу 17,4 милиони луѓе, над 540 експозитури и повеќе од 2,6 милиони активни клиенти. Минатата, 2020 година, Групацијата оствари нето-добивка од 268,9 милиони евра според неревидираните резултати. Одличните деловни перформанси ѝ овозможија на НЛБ д.д. да предложи дополнителна распределба на расположливата добивка за 2020 година и со поддршка на акционерите да исплати дивиденда од 92,2 милиони евра со што се потврдува успешното спроведување на деловната стратегија на Банката. Неодамна Групацијата ги објави и резултатите за третиот квартал од годинава. Благодарение на економското закрепнување поттикнато од здравата приватна потрошувачка, побарувачката на кредити, но и силните перформанси на сите банки членки, НЛБ Групацијата оствари 205,5 милиони евра добивка по оданочување, 100,9 милиони евра или 96 % повисока споредено со истиот период лани и е на добар пат да ги надмине проекциите за 2021 година во главните категории. Накратко тоа е „личната карта“ на Групацијата од чие раководство станувам дел.
Делокруг на моето работeње ќе биде корпоративното управување на членките, обликување и екипирање на управувачките тела − управни и надзорни одбори, а пред сè дефинирање и реализација на нивните плански цели, дизајн и унапредување на бизнис-моделите. Ќе бидам одговорен и за нивниот перформанс, како и за реализација на догорочната стратегија на Групацијата во делот на проширување на нови географии и во нови индустрии преку формирање, аквизиција или партнерство со нови ентитети. Под моја надлежност ќе бидат и регионалните менаџери и координаторите за компетентни линии преку кои директно се управува и се усогласува работењето на банките членки и останатите компании членки на НЛБ Групацијата.
Каква е Вашата оценка за пазарите во земјите каде што функционираат членките на НЛБ Групација во чие управување ќе учествувате?
А. Аргир: За мене новата функција не претставува целосно нова средина. Јас одлично ги познавам НЛБ Групацијата и НЛБ системот, како и спецификите на пазарите каде се наоѓаат банките членки и останатите небанкарски членки на нашата Групација.
Мојата генерална оценка е дека и покрај тоа што сме еден регион и споделуваме историја, менталитет, култура и лесно можеме да се разбереме на јазиците на кои зборуваме, сепак шесте земји каде што дејствуваат членките на НЛБ се наоѓаат на различни нивоа во развојот на финансискиот и банкарскиот систем. На пример Словенија, која е членка на ЕУ, претставува лидер во примена на различни иновативни финансиски услуги и концепти имајќи ги предвид сите предуслови кои го овозможуваат тоа − зрелоста и потребите на пазарот, законската рамка, финансиската и дигиталната писменост на населението и секако високиот стандард. Кај останатите пазари во регионот овие предуслови се во различен стадиум на развој, но секаде гледам огромен потенцијал за раст и унапредување. Би ги споменал македонскиот и српскиот пазар кај кои во изминатиов период забележуваме значителен прогрес овозможен преку поволните регулаторни промени, но и засиленото користење на дигиталните сервиси делумно наметнато од ковид кризата, но и од растечките потреби на населението. Ова покажува висок потенцијал за натамошно развивање не само на традиционални банкарски услуги туку и на нови, иновативни финансиски услуги кои ние како Групација можеме да ги понудиме сo искористување на искуството и знаењето од матичната банка, но и експертизата и практиките од поединечните банки членки како наша предност и јака страна.
Ние во Групацијата знаеме да кажеме дека за нас овој регион не е само точка на мапата. Овој регион е нашиот дом, а домот е местото каде што се луѓето кои најмногу ни значат. И тоа е нашата уникатна карактеристика и конкурентна предност во однос на останатите банки и групации кои имаат свои банки членки на овие пазари. Она што нѐ одвојува од останатите е што НЛБ се перципира во сите земји од регионот како домашна, не како странска банка. И тоа е така затоа што ние добро ги познаваме нашите клиенти, нивните навики, нивниот квалитет на живот и потреби и секогаш знаеме како да им го овозможиме она што навистина им треба.
Наша цел е да бидеме секогаш тука за нашите клиенти, вработени, да бидеме тука кога сме најпотребни, за секоја прилика, за сè што следи и воедно да придонесеме за подобрување на квалитетот на животот во нашиот регион.

Главниот извршен директор на НЛБ Блаж Бродњак за Вас ќе каже дека ова е првпат во историјата на Групацијата човек кој започнал како кредитен референт во банка членка да стигне до највисока функција во Групацијата. Како гледате на сопствениот успех и на што најмногу се гордеете?
А. Аргир: Јас целата моја досегашна кариера ја градев во НЛБ Банка Скопје. Во Банката се вработив во 1999 година како кредитен референт за корпоративни клиенти, долгорочни и инвестициски заеми по што следуваа неколку години на раководни позиции во Секторот Деловна мрежа. Во 2015 година станав член на УО на Банката, а на почетокот на 2016 година Надзорниот одбор ми го додели првиот мандат за претседател на УО на НЛБ Банка Скопје.
Кога ќе се осврнам на изминативе години, јас сум исклучително горд на она што го постигнавме, со многу труд, постојана надградба и доусовршување. Но, кариерата е патување, не дестинација. Моето патување сега продолжува во Групацијата која докажува колку е вредно да се биде дел од НЛБ, каде што секој кој ќе се вложи и ќе покаже резултат може да напредува по скалилата на успехот.
Има многу нешта на кои сум горд. На врвот на листата би ги издвоил вработените во Банката. Неизмерно се гордеам со целокупниот човечки капитал кој го поседува, би рекол, мојата Банка. Мојата нова функција е признание за севкупниот успех на НЛБ Банка Скопје кој го градевме тимски, со посветеност на сите поранешни и сегашни колеги. Понатаму, без сомнение, е фактот што Надзорниот одбор двапати ми ја дава довербата да раководам со Банката. Моето заминување на новата функција се случува практично на половина од вториот мандат, па унапредувањето во Групацијата исто така би го ставил на врвот на моите достигнувања.
Горд сум на сите проекти и иницијативи во кои сум дал личен придонес за градење и развој на мојата, НЛБ Банка. Нескромно ќе кажам дека сме еден од банкарските лидери кои придонесуваат за развојот на македонското банкарство. Нашето Retail банкарство е едно од најдобрите во земјава, кое во изминативе 15-тина години од скромно ниво прерасна во лидер со високо пазарно учество, а во некои категории и најголемо. Први го воведовме еднственото стандардизирано лично банкарство, го развивме банкоосигурувањето, првиот електронски асистент, лидери сме во мобилното и електронското банкарство и дефинитивно лидери во иновациите. Горд сум што со нашето корпоративно банкарство сме еден од главните партнери во развојот на македонските компании. Нашата Банка, покрај учеството како кредитор, е и организатор и агент банка во синдициран заем од 72 милиони евра одобрен за изградба на Ист гејт мол. Воедно Банката во изминатиов период, самостојно или како учесник во други синдицирани заеми, финансиски поддржа најголем дел од инвестициските проекти во земјава, особено во сегментот на обновливи извори на енергија со што ја потврди својата улога на моќен поддржувач на домашните и странските инвеститори, но и на растот на македонската економија.
Секако, тука е и јубилејот, 35 години од постоењето на Банката, бројните награди и признанија − шесте ЕМЕА-признанија за „Најдобра банка“ во земјава и 10-тата по ред престижна награда „Банка на годината“ од реномираниот финансиски магазин „Банкарот“ (The Banker).
Неизбежно е да го споменам и управувањето со НЛБ како една од системски најзначајните банки во земјава во услови на пандемија при што, во такви услови, ја прилагодивме оперативата, обезбедивме деловен континуитет, воведовме нови производи и услуги, овозможивме мораториум за клиентите, континуирано, дури и засилено даваме кредитна поддршка на компаниите и на физичките лица, а воедно остваривме и одлични резултати.
Во шесте години од кога сум на чело на Банката, НЛБ Банка Скопје оствари добивка од речиси 180 милиони евра, акцијата на Банката на Македонската берза ја зголеми вредноста за речиси 5 пати, клиентската база е зголемена за повеќе од 180 000 клиенти. Банката е лидер во растот на кредитирање на населението со речиси 70 % пораст на кредитното портфолио или околу 280 милиони евра во изминативе шест години. Ја издигнавме Банката на лидерската позиција по воведување дигитални производи и услуги и остваривме раст на корисниците на дигиталните канали и плаќања преку нив за повеќе од 100 %. Горд сум и благодарен на секој од нашите 813 000 клиенти, правни и физички лица кои ни ја даваат својата доверба!
Горд сум и на сиот придонес кој го даваме во заедницата, проектите за добросостојба на вработените, унапредување на културата, спортот, музиката, здравството, образованието, животната средина. И, секако, горд сум на моето семејство кое секогаш ме следи и ми дава поддршка во реализацијата на моите кариерни планови.
Во изминативе шест години, НЛБ Банка Скопје бележи незапирлив раст и одлични резултати. Ја оставате Банката во одлична кондиција, која и натаму останува во делокругот на Вашето работење. Како гледате на тимот кој ќе продолжи да ја управува Банката?
А. Аргир: Тимот на НЛБ е составен од врвни професионалци со големо знаење и искуство. Впрочем, одличните резултати на Банката во изминативе години се резултат токму на работата на овој тим. Вработените се нашиот највреден капитал и ние стратешки вложуваме во човечките ресурси, нивна професионална надградба и стручно доусовршување, препознавање на таленти и интерно градење на наследници на високи раководни позиции. Целта е да изградиме идни членови на УО од внатрешниот потенцијал за што веќе се започнати одредени активности преку назначување на сениорски менаџерски позиции со дефинирани развојни планови за нив.
Верувам дека под раководство на мојот колега Бранко Грегановиќ кој има огромно меѓународно искуство во банкарството, но и во реалниот сектор, заедно со останатите членови на УО, исклучителни професионалци и одлични колеги, Петер Зелен, Гинтер Фриедл и Игор Давчевски и целиот менаџерски тим, Банката ќе продолжи да остварува одлични резултати и ќе остане силно посветена на задоволството на клиентите, поддршка на инвестициските проекти, вработените и позицијата на посакуван работодавач и придонесот во општеството.

НЛБ ја аквизираше Комерцијална банка Белград со што уште повеќе ја зацврсти својата позиција на водечка финансиска институција во регионот. Можете ли да споделите кои се плановите за развој на Групацијата?
А. Аргир: НЛБ д.д. ја купи Комерцијална банка Белград во декември 2020 година со што постигнавме уште една пресвртница во стратегијата да станеме водечка финансиска институција во регионот на Југоисточна Европа. Тоа беше комплексен процес кој сè уште не е завршен, всушност, активностите за спојување во Србија се во полн ек, се одвиваат според планот и ќе завршат веројатно до крајот на април 2022 година. Комерцијална банка Подгорица е успешно споена со НЛБ Банка Подгорица, додека Комерцијална банка Бања Лука е продадена на Поштенска штедилница. Во меѓувреме, нашата визија останува непроменета − посветени сме на изградба на модерна, дигитализирана и ефикасна банкарска групација. Наша цел е да станеме регионален шампион, да ја одбраниме и зацврстиме силната позиција на пазарот и да ги искористиме можностите и потенцијалот на синергијата на Групацијата.
НЛБ Групацијата има амбициозни планови за раст и развој. Органски раст, преку зголемување на пазарните удели каде сме присутни, користејќи ги можностите кои ги носат новите иновативни банкарски практики и примат во иновациите и трансформацијата од готовинско во безготовинско банкарство. Воедно, насочени кон целта да станеме регионален шампион, го анализираме потенцијалот во нашиот матичен регион, не исклучувајќи можности за експанзија на Групацијата преку аквизирање на банки и/или портфолија на нашите постоечки пазари, но и на други пазари во регионот, како и можности за ширење во други индустрии, пред сè во финтек индустријата. Во контекст на деловното работење, дигитализацијата и зголемувањето на продуктивноста остануваат највисок приоритет, што ќе биде фокус на сите банки-членки, вклучително и адресирање на новите трендови на отворено банкарство и финтек трендовите.
Тука би ја нагласил и групациската посветеност кон одржливоста, вградена во нашиот деловен модел. Ние сме промотор и имплементатор на политиките за управување со животната средина и општествените прашања со цел градење на висок животен стандард и задржување на младите во државава и регионот како основен предуслов за добри компании во иднина. Како потписник на принципите за одговорно банкарство на ООН, во нашето работење ги применувамe и застапуваме целите за одржлив развој и Парискиот договор за климатски промени.
Заминувате во Љубљана со семејството што сигурно е голема животна промена. Што најмногу ќе Ви недостасува?
А. Аргир: Одлуката е голема и на професионален и на личен, семеен план. Без огромната поддршка на сопругата и на синовите, веројатноста за поинаква одлука беше висока. Преселбата е голема промена, но од друга страна ја перципирам како ангажман во нашиот регион, во нашата Групација, а себеси како човек на регионот, човек на НЛБ Групацијата.
Ќе бидам искрен и ќе кажам дека како човек со големо семејство, огромен круг на другари и пријатели, лични и семејни, активен социјален и општествен живот, ќе ми недостасува животот во Македонија. Ќе ми недостасуваат луѓето, семејството, другарите, пријателите, клиентите. Факт е дека ќе ми недостасува и Банката, пред сè колегите и секојдневната комуникација и интеракција. Знаете како, ние во Банката велиме „нашето НЛБ семејство“ и тоа е така бидејќи по толку години поминати заедно неизбежно е да се поврзеш и да ги чувствуваш колегите како семејство. Но, иако физички заминувам од земјава, јас и натаму останувам поврзан со НЛБ Банка Скопје која практично ќе биде во мојот делокруг на работење, па така и приватно и професионално ќе доаѓам често дома.
На крај би сакал да истакнам дека ангажманот во НЛБ д.д. Љубљана е дел од мојата лична визија. Како човек кој се стреми да придонесува, а со тоа и лично да напредува, логично е да размислувам за ангажман на ниво на Групацијата по највисоката позиција во нашата Банка. Јас често велам дека секој човек треба да има сопствена лична визија, да цели кон тоа, но истовремено да не биде опседнат со неа. Само така секојдневните активности и чекорите кои ги правиме ќе бидат позитивно насочени кон остварување на таа лична визија.
Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021/јануари 2022г)