Финансии / Банкарство
Ангеловска-Бежоска: За нас, централните банки, инфлацијата ќе биде сѐ уште во центарот на вниманието
Што очекувате од 2022 година?
Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на Народна банка
Во 2022 година се надевам дека пандемијата ќе стивне, а ние ќе дејствуваме во окружување со помала неизвесност. На економски план очекувам дека ќе продолжи закрепнувањето, со што економијата би се вратила на преткризното ниво, а заканата од новите форми на вирусот и натаму ќе претставува битен ризик. За нас, централните банки, инфлацијата ќе биде сѐ уште во центарот на вниманието. Глобално инфлацијата се зголемува, но речиси секаде растот е оценет како привремен. Пазарите на примарни производи би се стабилизирале, а тековните несовпаѓања на понудата и побарувачката би се стесниле со што инфлацијата во текот на следната година постепено би се намалила. Ние и натаму ќе бидеме доследни на одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, одржувајќи стабилен курс на денарот заснован на историски високото ниво на девизни резерви. Следната година за нас ќе биде и година на други, конкретни чекори кон обезбедување одржливост. Ќе се продолжи со спроведувањето активности за финансиска писменост и за поддршка на инклузивниот финансиски систем. Проактивно ќе се работи на дигитализација и поддршка на иновативните финансиски решенија. Предвидени се и конкретни активности за подобро управување со ризиците од климатските промени и развој на „зелените“ финансии. Со ова продолжуваме со дејствување како општествено одговорна институција која се приспособува кон барањата на новото време.