Финансии / Банкарство

Аргир: Очекувам дигитализацијата да продолжи со уште позасилено темпо во банкарскиот сектор

Што очекувате од 2022 година?

Антонио Аргир, извршен помошник на УО на НЛБ Љубљана

Завршува уште една пандемска година во која светот влезе со релативно поголема самодоверба за разлика од 2020 година кога за прв пат се соочивме со здравствената криза. Од економски аспект, растот на потрошувачката на населението и засилените инвестициски активности на клиентите од корпоративниот сектор, како и растот на извозот предизвикаа зголемена побарувачка за кредити, што е еден од клучните фактори за одличните резултати на банкарскиот сектор кој работеше во текот на целата година со висока ликвидност, стабилност и солвентност.
Последниве две години беа силен тест за нашиот банкарски систем кој се покажа стабилен и подготвен да се соочи со наметнатите предизвици. Во 2022 година не очекувам ништо помалку во однос на резултатите и поддршката која успеавме да ја дадеме на населението и на бизнис-секторот. Она што особено ме радува е фактот дека и покрај кризата 2021 година бележи континуиран раст на кредирањето, и тоа во двата сегмента, и очекувањата се таквиот тренд да продолжи и следната година. Зголемената инфлација претставува предизвик за граѓаните и за компаниите, но фактот дека е предизвикана од факторите на понудата очекуваме таа да забави на среден рок. Актуелната монетарна политика е стабилна и подготвена да реагира на евентуалните ценовни шокови, а преку капиталните барања од Народната банка банкарскиот сектор е соодветно капитализиран и подготвен да дејствува. Следствено на ова можеме да очекуваме раст на економската активност со што во земјава конечно ќе можеме да зборуваме за враќање на претпандемиски нивоа.
Во следната година очекувам дигитализацијата да продолжи со уште позасилено темпо во банкарскиот сектор, но и во останатите индустрии што, несомнено, ќе придонесе кон поинакви потрошувачки навики, потреби и барања. НЛБ Банка е подготвена да одговори на овие предизвици со целосна техничка поддршка за идна имплементација на иновативни и дигитални финансиски решенија. Воедно очекувам унапредување на понудата на банките со напредни финансиски небанкарски производи, како и развој на кредитната понуда фокусирана на „зелени“ проекти со цел поддршка и заштита на животна средина, развој на енергетиката и обновливите ресурси.

ПРЕПОРАЧАНО