Интервјуа
Грмовшек: Зголемена важноста на Империјал Тобако ТКС во групациската структура
Томаж Грмовшек
Директор на пазарите на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово на Империјал Тобако ТКС
Империјал Тобако е една од најголемите тутунски компании која е присутна на 120 пазари во светот. Во променливото деловно окружување и во специфичниот контекст на тутунскиот бизнис компанијата се трансформира за да ги пресретне новите потреби и разновидните навики на потрошувачите во светот. Империјал Тобако има развиено портфолио и на производи од т.н. производи од новата генерација – несогорливиот тутун и производите на пареа. Во нашата земја, преку Империјал Тобако ТКС А.Д., таа е водечки производител, лидер на пазарот и сигурен и посветен партнер кој придонесува во развојот во локалната економија.
Империјал Тобако минува низ глобални организациски промени кои ги засегаат сите региони, вклучувајќи го и македонскиот пазар. Која е суштината на овие структурни промени и како тие ќе влијаат на позицијата на ТКС?
Т. Грмовшек: Овие значајни промени се резултат на изменетата стратегија на компанијата која го поставува во своето средиште потрошувачот и неговите потреби. Исто така ја поедноставивме организацијата и на тој начин ги зголемивме ефикасноста и можностите за реинвестирање. Воведовме и поригорозно управување и следење на резултатите што ни овозможи подобро оптимизирање и користење на ресурсите. Вака променетиот начин на работа го става потрошувачот во центарот на сите одлуки на компанијата. Од друга страна, овие суштински зафати ја создадоа потребата за промена на групирањето на земјите на регионално ниво преку кластерирање на пазарите според слични карактеристики во однесувањето на потрошувачите.
Така, македонскиот пазар повеќе не е дел од јадранскиот кластер, туку спаѓа во регионот на Југоисточна Европа, заедно со 12 други пазари меѓу кои Грција, Италија, Малта, Романија, Бугарија, Србија, БиХ, Косово итн. Ова овозможува прилагоден пристап за секој пазар притоа користејќи ги предностите и силата на регионалното работење. Тоа значи дека, покрај другите активности, планираме да ставиме поголем акцент на локалните популарни брендови кои имаат исклучителна позиционираност на одредени пазари. Ова е релевантно и за македонскиот пазар каде што Империјал Тобако ТКС има значителен удел токму со локалните брендови. Како лидер на пазарот и единствен производствен капацитет на Империјал Тобако во регионот на Југоисточна Европа, Империјал Тобако ТКС ја зголемува својата важност во групацијата, а паралелно со тоа и можностите за унапредување на резултатите од работењето.
Каква е моменталната пазарна позиција на Империјал Тобако ТКС и во кои сегменти планирате да ги насочите вашите напори и инвестиции за натамошна надградба на таа позиција?
Т. Грмовшек: Империјал Тобако ТКС е најголемиот производител на цигари на пазарот. Компанијата има придонес за националната економија, па така во 2020 година, само по основ на платена акциза од продажбата на цигари, учествувала со 63,1 милион евра во државниот буџет.
Досега инвестиравме над 35 милиони евра во модернизација, во спроведување на највисоките стандарди во индустријата и во зголемување на производствените капацитети.
Паралелно со овие активности, ние сме посветени на тоа конструктивно да придонесеме во процесот на дефинирање на соодветна законска регулатива за областа во која работиме со цел да се овозможи соодветно утврдување на стапките на акцизата така што ќе се создадат услови за стабилен натамошен развој на индустријата и, паралелно, соодветен придонес за домашната економија.

Пазарите за кои сте одговорни се „светски лидери“ во потрошувачката на цигари. Гледате ли промени во навиките на потрошувачите и за какви новини во понудата се подготвувате во следниот период?
Т. Грмовшек: Намалувањето на потрошувачката на тутун е глобален тренд и пазарите за кои зборувам во овој момент се на почетокот на истиот процес. Таканаречените производи од новата генерација се достапни и во нашиот регион, иако во моментов не играат значајна улога. Сепак, ние во Империјал Тобако го следиме развојот и во вистинско време ќе одговориме и на овие потреби на потрошувачите со производи од новата генерација какви што се несогорливиот тутун, таканаречените е-цигари и други.
Кои се вашите општи очекувања за следната година и генерално за периодот што следува и во тој контекст кои предуслови треба да се исполнат за да продолжи растот на домашната тутунска индустрија и пазарот на тутунски производи во земјава?
Т. Грмовшек: Наредниот период носи нови предизвици и ние подготвено ги пресретнуваме. Во следната година очекуваме да ја зајакнеме водечката позиција на пазарот, а со тоа да создадеме долгорочна основа за новите иницијативи. Сепак, предусловите за развој на целата индустрија и нејзиното позитивно учество во развојот на економијата остануваат исти – стабилно политичко и предвидливо економско и акцизно окружување. Токму затоа сме целосно посветени на поддршката на националните регулаторни власти во унапредувањето на условите кои ќе овозможат придобивки за индустријата, за економијата на државата и на општеството во целина.
Кои се светските трендови во тутунската индустрија и какво влијание имаат тие врз развојните планови на Империјал Тобако Груп?
Т. Грмовшек: Потрошувачката на тутун постепено се намалува и се очекува овој тренд да продолжи. Овој фактор, во комбинација со променливото деловно окружување, ги насочи тутунските компании да се свртат кон истражување и воведување на алтернативни производи кои ќе одговорат на новите барања на потрошувачите. Во тој поглед, Империјал Тобако е посветен да даде свој значаен придонес преку нашата фокусирана стратегија за производи од новата генерација на оние пазари кои го бараат тоа.
Нашиот нов пристап на потрошувачите им нуди поголем избор. Така, пазарните тестирања за нашите несогорливи тутунски производи − Pulze и iD-патроните се во тек на два одбрани пазара каде што несогорливиот тутун е веќе солидно воспоставена категорија. Истото ова важи и за подобрената верзија на нашиот производ на пареа, Blu.
Друг исклучително важен аспект што влијае на деловната стратегија и развојните планови на Империjал Тобако е нашето глобално еколошко влијание. Климатските промени се глобално прашање и ние направивме напори да примениме правилен пристап и да придонесеме кон нивно решавање. Империjал Тобако неодамна се обврза да има нето-нула емисии до 2040 година. Веќе имаме цели кои се во согласност со намалувањата потребни за ограничување на затоплувањето на климата на 2 °C, кои се одобрени од Иницијативата за научно засновани цели (SBTi). Оваа заложбa ги дефинира нашите одговорности како бизнис. Таа е вклучена во сите наши активности и планови вo светот и има значително влијание врз нашето работење.
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021г/јануари 2022г)