Убава Македонија

ПРЕСТОЛНИНАТА НА КРАЛОТ МАРКО

Александар Матески

Стотици легенди, преданија, топоними, кои ги надминуваат нашите граници, се поврзани токму со него, Кралот Марко. Ако првата асоцијација со Прилеп е „градот под Марковите кули“, тогаш водечкото место на листата на најзначајни локалитети кои треба да се видат кога сте во Прилеп е воодушевувачкиот спој на карпестиот релјеф и ѕидините на една од најголемите тврдини на Балканот. Прегледноста од ридот кон Пелагониската рамнина, можноста да се контролираат сите поважни патни правци во тој дел, стрмните гранитни карпи што мајсторски се искористени како природни препреки во трите ѕидински појаси, го прават локалитет од стратешко значење.

На овoј рид се наоѓаат и четирите врвови: Чардак, Тапаче, Крупник и Гребник, од кои највисок е првиот и најлесно достапен по камените скали направени за време на реставрирањето на кулите. Целиот простор бележи континуитет во живеењето и тоа од периодот на праисторијата, античката населба Керамиа, средниот век, па до ден денес. Нем сведок за тоа се и бројните камени столбови и украси од постар период, што се вградени во градењето на средновековните цркви во Варош. На карпите можат да се забележат и остатоци од карпеста уметност во вид на претстави на животни и ловци, голем дел од нив непознати за македонската јавност. Најзначајната претстава на овој вид уметност е веднаш под самиот врв Чардак. Пристапот до врвот Чардак е возможен од сите страни на ридот, а најкористена е широката патека што почнува од познатата карпа Слон, скршнува североисточно и води до добро зачуваната северна порта на тврдината. За прошетка по локалитетот, најдобро е да биде издвоен минимум еден час. Под самиот врв зачувани се и резервоарите за вода преку кои биле задоволувани потребите на жителите на тврдината. На западната страна посебно впечатливи се бројните гробови исклесани во карпи, какви што има во целата околина на Прилеп, но најконцентрирани и во најголем број се на Марковите кули.

Шареноликиот релјеф од секогаш ја поттикнувал фантазијата на луѓето, што најдобро се забележува во именувањето на карпите на овај локалитет, па затоа веднаш се препознаваат карпите именувани од локалното население како: Штрк или Слон, Жаба, Волк, Трон...

Во Варош, во самото подножје на Марковите кули, од 77- те цркви за кои се верува дека некогаш постоеле, добро зачувани се црквите „Св. Никола“ од XII век, „Св. Димитрија“ од XIII век, „Св. Атанас“ од XIV век за која се врзуваат повеќе легенди во врска со паѓањето на нејзиниот покрив и други.

Манастирот „Св. Архангел Михаил“, кој е највпечатлив, е сместен во природно гнездо на југозападната страна. Она што не треба да се пропушти да се види кога се посетува овај манастир се фреските на крал Волкашин и крал Марко на двете страни од самиот влез на црквата, но и вториот по старост словенски натпис кој се наоѓа на столбот на самиот трем на црквата и за кој се претпоставува дека датира од 996 година. Најстарите фрески се наоѓаат под денешната црква, на големи навалени карпести блокови.

Овој, со Закон прогласен споменик на природата, е и местото каде што Цар Самуил според записите на Јован Скилица ја дочекал и трагичната вест за ослепувањето на војската по Беласичката битка во 1014 година.

Целиот овој импозантен релјеф нуди одлични можности за развој на алтернативниот туризам, пред сè, манастирскиот туризам, но и болдерингот, планинскиот маратон и параглајдингот. Она што, за жал, недостига на терен е подобрена инфраструктура во вид на вили, клупи за одмор од кои ќе се ужива во прекрасната панорама и информативни паноа со цел информациите за локалитетите да бидат што попристапни и да не зависат само од личните амбиции и желби нешто дополнително да се дознае и да се истражи. За повеќе информации за локалитетот и неговиот живот во минатото може да се дознае од оставените записи од д-р Бошко Бабиќ.

Заедно со новиот источен конак во манастирот „Св. Архангел Михаил“, чија изградба е во тек, со најавеното реставрирање на црквата „Св. Атанасиј“ и гробницата на јунаците од илинденскиот период погребани во нејзина непосредна близина и со подобрувањата во инфраструктурата, овој прекрасен предел ќе го добие вистинскиот лик на туристичка атракција за целиот Пелагониски регион. Марковите кули сè уште претставуваат нецелосно истражен простор, пребогат со историја. Воопшто, по многу нешта специфичен амбиент кој има значење за многу народи и затоа задолжително треба да биде посетен и доживеан.

ПРЕПОРАЧАНО