Финансии / Банкарство

Одлука на ЕК: Банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со највисоките европски стандарди

Средба на гувернерката Ангеловска-Бежоска со евроамбасадорот во земјава Гир

Европската комисија донесе одлука со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со високите стандарди на Европската Унија. Со Одлуката се потврдува дека банкарската регулатива кај нас, како и начинот на вршење на супервизија на банките е еквивалента на онаа којашто се спроведува во ЕУ. Со ова нашата земја се вклучува на листата од само 26 земји во светот, меѓу кои САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, коишто ги исполнуваат овие високи стандарди.

За значењето на оваа одлука за Народната банка, како регулатор на банкарскиот сектор, но и во економијата во целина, беше разговарано на работната средба одржана помеѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.

Оценувањето беше спроведено од страна на Европскиот банкарски орган, при што во период од повеќе од една година беа проучувани домашната банкарска регулатива и супервизија од страна на европските експерти. Со оцената се утврдува дека домашната регулатива и супервизија овозможува одржување на стабилноста и интегритетот на финансискиот систем, ефикасна и соодветна заштитата на корисниците на финансиски услуги, соработка помеѓу различните учесници на финансискиот пазар, независност и ефикасност на супервизијата и ефикасно спроведување на меѓународните стандарди. Потоа, оцената на Европскиот банкарски орган беше усвоена од страна на Европската комисија.

Добивањето позитивната оцена за усогласеноста на банкарската регулатива и супервизија со таа во ЕУ е потврда на постојаните активности на Народната банка за усогласување со европските стандарди.

Добивањето еквивалентен третман е значајно од аспект на перцепциите на потенцијалните инвеститори и полесно и поефикасно поврзување на домашниот банкарски систем со меѓународните финансиски пазари. Позитивната оцена го олеснува пристапот на домашните институции до меѓународниот финансиски пазар, носи предности во водењето на монетарната политика на Народната банка и ја олеснува соработката со супервизорските органи во ЕУ.

Народната банка и во иднина ќе работи на унапредување на регулативата во однос на банкарскиот систем и преку тоа, на одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, којшто функционира во најдобар интерес на потрошувачите и целокупната економија.

Одлуката од 1.10.2021 е објавена во службениот весник на Европската унија, и е достапна на следниот линк: https://eur-lex.europa.eu/legal-content/EN/TXT/PDF/?uri=CELEX:32021D1753&from=EN

ПРЕПОРАЧАНО