Интервјуа

Пилатин: Нашата цел е да го продаваме златото како македонски производ

Ф’рат Пилатин

Во последно време читаме многу за „Менора-Енкиду“. Која е основната дејност на компанијата и која е вашата улога во Македонија?

Ф. Пилатин: Се викам Ф’рат Пилатин, млад претприемач со работно искуство и образование во повеќе земји како Израел, Полска, Германија, Шведска и Турција. Мојата лична заднина и искуството на моето семејство придонесоа да дојдам во Македонија каде што видов можност за имплементација и проширување на моите способности при што ја презедов позицијата на економски советник во компанијата „Менора-Енкиду“ (Menora-Enkidu L&C), што се поврзува и со зачленувањето на земјава во НАТО што, според мене, не значи само членство во организација што гарантира слобода и безбедност на своите членки, туку нуди и огромни економски можности за земјата.
„Менора-Енкиду“ е компанија составена од млад и високостручен кадар, насочена кон прераснување во интернационална компанија со високопоставени вредности и цели за зајакнување, промовирање и развивање на бизнисот во Македонија и балканските земји, како средина подготвена да одговори на сите светски трендови и предизвици во деловниот свет. Нашата примарна дејност е трговијата со инвестициско злато и дијаманти во секаков облик, тежина и количина, што како бизнис-можност е многу атрактивно за нашава земја бидејќи сè уште сме пионери во оваа важна гранка од светската бизнис-заедница. Дополнително, важен дел од понудата на „Менора-Енкиду“ се и консултантските услуги и тргувањето со железо, нафтени деривати и многу други дејности на нашите партнери во светот. Нашата главна цел е да ја повишиме свеста за оваа неискористена можност на нашиот пазар и, како држава, да станеме значаен дел од трговијата со инвестициско злато и дијаманти во Европа и во светот. Сите производи што можеме да ги понудиме на пазарот во Македонија потекнуваат од различни пазари во светот од веќе етаблирани компании што се наши партнери и соработници. Веруваме дека имаме одлични предуслови за развивање на оваа исклучително перспективна гранка во бизнисот и дека со нејзиното активирање ќе имаме можност да придонесеме за подобрување на бизнис-климата во земјава. Светската раширеност, активностите и искуството што ги поседува нашата компанија во меѓународната трговија се од големо значење за нашиот пазар и ние сме подготвени несебично да им помогнеме на сите наши сегашни и идни клиенти и партнери во развивањето на нивните бизнис-стратегии и долгорочни планови.

Дали законите во Македонија овозможуваат трговија со овој вид суровини?

Ф. Пилатин: За разлика од поразвиените земји како што се САД, Израел, Англија, Германија, Франција и други држави, во Македонија сè уште нема берза за злато, односно не е законски регулирана трговијата со необработено злато што нè прави една од ретките држави без можност за тргување со берзанско злато и тргување злато со хартии од вредност. Нашите можности на ова поле се огромни за што ние, како компанија, сме подготвени во претстојниот период да поднесеме иницијатива за регулирање на ова прашање и носење законска регулатива во најкраток можен рок. За жал, во нашава држава постои понуда на инвестициско злато, но со цени над 20 % од цените на берзата, што е неатрактивно за тргување. Нашата цел е да увеземе необработено злато и тука да го претвориме во готов производ со тоа што истото злато ќе се означи како македонски производ и ќе се продава по берзанска цена, а луѓето ќе имаат можност да инвестираат во злато како и секаде во светот.

Дали постои можност златото да се продава како македонски производ?

Ф. Пилатин: Како што напоменав претходно, во Македонија недостасува трговија со необработено злато бидејќи златото на нашиот пазар засега е присутно само како готов производ. Законски ја немаме регулирано трговијата со необработено злато; единствено ако е готов производ имаме можност готовиот производ да го жигосаме во Бирото за метрологија, меѓутоа нашата цел е необработеното злато да го претвориме во прачки во лиценцирана рафинерија, како и да го отпечатиме македонскиот жиг и да го продаваме златото како македонски производ. Доколку се регулира, постапката за македонски жиг би била многу едноставна. Пред сè, финоста на златото се одредува со печат што ги покажува степенот на чистота и производителот. Производите од благородни метали (злато, сребро, платина) може да се пласираат на пазарот само доколку е наведена нивната финост. Покрај финоста, треба да се регулираат и останатите услови како текстурата, ознаката за одговорност, регистрацијата, тестирањето, печатот, прописите за извршување на дејност, увозот, извозот и слично. Понатаму треба да се регулира и производството на производи од топење благородни метали за што е потребно издавање лиценци на поединци или трговски друштва што би ја вршеле оваа дејност, а крајниот производ задолжително треба да има печат од носителот на лиценцата. Заради контрола на пазарот, потребно е да се формира тело сочинето од стручни лица, кое ќе биде надлежно за утврдување на квалитетот на производот (финоста), како и проверка на лиценците за работа и веродостојноста на печатите.
Оваа можност е, всушност, една од главните и водечки цели на „Менора-Енкиду“ – да ја промовираме Македонија како земја во која може да се тргува со злато во прачки и златото да се понуди како домашен производ по атрактивна берзанска цена. Нашата цел, исто така, е покрај македонскиот жиг да побараме вметнување на македонски симбол кој ќе ја промовира и одбележи македонската култура, било тоа да е знамето или некое од нашите историско-културни обележја, едноставно одредена знаменитост што би сакале да ја истакнеме како народ. Во моментов изработувам теза поврзана со инвестициското злато, која ќе може да ја искористи централната власт за отворање на патот за ваков вид инвестиции преку носење нови законски решенија.

Зошто да се инвестира во злато и кои се придобивките?

Ф. Пилатин: За да се добие целосна слика во однос на целта за поседување на злато, потребно е прво да се погледне назад кон почетокот на самиот пазар со злато. Имено, додека историјата на златото е започната некаде 2000 години пред нашата ера, некои извори тврдат дека за вредноста на златото се знаело и порано. Сепак, почетокот на дејството како валута на овој благороден метал датира од 560 година п. н. е., кога старите Египќани започнале да оформуваат накит од злато. Токму во тоа време трговците сакале да создадат стандардизирана и лесно пренослива форма на пари како општоприфатено средство што би служело за размена на производите, за чување на вредноста и за плаќање на долгот, што имало цел да ја поедностави трговијата. Се чини дека одговорот е најден во создавањето на златник запечатен со уникатен жиг бидејќи златниот накит веќе бил широко прифатен и препознаен низ различни краишта на земјата. Низ вековите до денес народите продолжиле да поседуваат злато од многу различни причини. Општествата, како и економиите во модерно време ја имаат зацементирано вредноста и овековечено вредноста на златото како благороден метал. Тоа е метал на кој секогаш се навраќаат особено кога другите форми на разменски валути се нестабилни или не функционираат, што практично секогаш златото носи одредена вредност за осигурување во сите тешки и нестабилни времиња. За разлика од дамнешните времиња, поседувањето злато денес се одликува со неколку практични причини меѓу кои, за разлика од хартиената валута, монетите или другите средства, златото својата вредност ја одржува низ вековите, што практично игра улога на метод за пренесување и зачувување на своето богатство од една генерација кон друга при обезвреднувањето на доминантните светски валути, намалувајќи ги ризиците од инфлација и служејќи како заштита од дефлација. Накратко, доколку треба да се употреби еден збор за да се дефинираат перформансите на златото во изминатава деценија, тоа е зборот „постојаност“ – постојаноста е извор на сигурноста, а сигурноста носи здрава социјална и економска средина.

Видовме дека пандемијата донесе големи последици врз светската економија. Какво влијание има пандемијата врз цената на златото?

Ф. Пилатин: Пандемијата, во светски рамки, создаде голема нестабилност во секоја сфера, почнувајќи од здравството, па сè до економијата. Со оглед на тоа што човештвото не се соочува прв пат со пандемија, започнувајќи од шпанскиот грип, па сè до ковид-19, во однос на трговијата со злато бевме подготвени со искуства и увиди од минатото. Светот можеби полека закрепнува од пандемијата, но една од главните економски последици е инфлацијата, порастот на цените на различните стоки и услуги се должи на преголемиот оптек на пари, на климатската криза, на неурамнотеженоста меѓу понудата и побарувачката. Инфлацијата веќе ги зафати речиси сите светски пазари, па во 2021 г. забележителен е големиот пораст на цените на добрата што се носечки во модерните економии како нафтата, недвижностите, но раст на цените се бележи и во различните суровини како храна, пченка и други. Имено, растот на цените започна да се пренасочува кон цените на потрошувачките добра. Во новонастанатата ситуација нагло се зголеми интересот за купување злато во светот, како најсигурна имотна категорија, бидејќи на секоја нестабилност или неизвесност златото реагира со пораст на својата вредност. Во просек, цената на златото се зголемува околу 8,3 % годишно, многу над стапката на инфлација. Познато е дека цената на златото најмногу расте во кризни времиња, а добар пример за тоа е големата рецесија во која цената порасна за повеќе од 200% за само неколку години. На почетокот од минатата година, златото го помина прагот од 2 000 американски долари за унца, ниво што не е забележано од септември 2011 г. Од сите анализи сосема јасно може да се забележи дека, во текот на изминатава деценија, приносот од злато е повеќе од задоволителен. По некои проценки, златото бележи принос во 8 од 10 години. И за оние кои го купија со намера да го избегнат катастрофалниот пресврт на настаните во глобалната економија, тоа се покажа како „стар и доверлив пријател“ затоа што навистина не ги изневери тие што нему му ја доверија својата заштеда.

Што ја разликува „Менора-Енкиду“ од останатите компании во областа на консалтингот и меѓународната трговија?

Ф. Пилатин: Најбитната алка во дејствувањето и функционирањето на „Менора-Енкиду“ е, бездруго, тимот што ја сочинува нашата компанија. Нашиот тим е составен од високоедуцирани, искусни и посветени вработени кои ја перципираат нашата компанија како свое семејство, вршејќи ги своите работни задачи максимално одговорно и надминувајќи ги тимски сите препреки што се јавуваат во нашето тековно работење. Континуирано инвестираме во надградувањето на знаењето и на компетенциите на нашите вработени, фокусирајќи се на поттикнувањето иновациски дух. Основен двигател на нашата компанија е практикувањето на системско управување во кое секој наш вработен има активно учество во советувањето за начинот на работа во компанијата. Се залагаме за еднаквост и рамноправност, со исклучување на секаква можност за дискриминација на вработените по каква било основа. Во таа смисла, нашите вработени се лицето на компанијата, а соработниците се наши амбасадори кои достојно ја претставуваат „Менора-Енкиду“ насекаде низ светот.
Пример за тоа се неколкуте меѓународни договори што ги потпишавме изминатиов период со компании од Индија, Франција и неколку земји од Западна Африка со дејност во различни области. Во преговори сме со уште неколку компании од повеќе држави и континенти со кои ќе бидат склучени договори кои се од голема важност како за нашата компанија, така и за нашава држава и регионот. Со овие договори нашите компании ќе имаат можност да го прошират своето работење во земјите во кои дејствуваат овие компании, а истовремено ќе се отвори можност да понудиме на македонскиот пазар производи од овие земји. Важно е да се напомене дека нашата компанија соработува со повеќе од шеесет и три земји што ги почитуваат меѓународните трговски договори, но не соработуваме со компании од земји носители на ембарго од Обединети нации, САД и ЕУ.
Дополнително организираме едукативни програми и работилници и подготвени сме да направиме трансфер на добри примери и знаења, давајќи нова перспектива преку конкретни совети и насоки за размислување и дејствување на младите со цел врвни резултати во работењето со што ќе придонесат за развој на економијата и повишување на бизнис-стандардите. Секој поединец или група на млади претприемачи кои имаат цел да креираат стартап или да се развијат од стартап до голема компанија можат слободно да ни се обратат и да ја добијат нашата поддршка. Како што веќе напоменавме, целта на „Менора-Енкиду“ е да биде пример, поттик и соработник на младите компетентни претприемачи и компании, следејќи интелигентен систем на работа што води до успех на светско ниво.

Како експерт од област на меѓународната трговија, кои се вашите препораки?

Ф. Пилатин: Можностите за работа се големи, но постојат одредени ограничувања за ширење на бизнисот. Во одредени држави каде што државата нема дипломатски претставништва, како голем број на држави во Јужна Америка, Азија и Африка, се јавуваат тешкотии при остварувањето на контакти со компании од различни области. Нашата препорака е да се остварат што повеќе дипломатски односи со голем број држави со што би се зголемиле можностите на македонските компании за нови инвестиции и трговија на производи од секоја категорија, а со самото тоа би се постигнал пораст на економијата во Македонија. Сметам дека остварувањето реформи и носењето нови законски решенија, како оние за кои стана збор, ќе го доближи патот на Македонија кон ЕУ, што ќе има големо влијание за подобра иднина на државава во целост.


(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО