Интервјуа
Петровска: Нашата примарна цел е задоволни купувачи со кои заедно ќе пренесеме убава цветна порака
Елена Петровска
Основач на Цветна Порака стартап компанија во цветната индустрија
Од неодамна во нашава држава во доменот на е-трговија се појави Цветна Порака, стартап компанија во цветната индустрија која го применува концептот на одржливост. Можете ли на почетокот, како основач на Цветна Порака, малку поопширно да ни го претставите самиот концепт?
Е. Петровска: Приказната за Цветна Порака започна пред половина година, иако концептот се градеше подолго време. Зачетоците се во долгогодишната фамилијарна посветеност кон одгледување на цвеќе, љубовта кон природата и желбата да се пренесе посебна порака. Сите овие аспекти кои се надополнуваат меѓусебно придонесоа да ја развиеме визијата за цветно уживање применувајќи го концептот на одржливост. Идејата се базира за достапност на цвеќето во својата природна форма, спакувано во одржливи материјали и испорачано до крајниот корисник. Истовремено имаме цел поттикнување на креативноста и кај најмалите, овозможувајќи преку нашите креативни пакети да ја изразат својата имагинација и да бидат во допир со природата. Производите се стандардизирани во категории, со можност цветниот дизајн да биде усогласен според преференциите на купувачите за индивидуални и корпоративни настани.
Како се разликува вашиот концепт од останатите во цветната индустрија?
Е. Петровска: Пристапот на нашата компанија се базира на примена на концепт на одржливост. Понудата опфаќа производи и креативни пакети од природно сезонско цвеќе претежно од локални доставувачи. Еден од основните критериуми за квалитет при креирање на производите е испорака на цвеќе во својата најсвежа форма. Токму затоа испораката се врши 48 часа од моментот на потврда на нарачката за да го задржиме квалитетот на високо ниво. Исто така при креирање на нарачката на официјалната веб-страница постои можност купувачите да наведат иден датум на испорака на производите со опција да бидат нарачани како подарок. Преку поврзување на технологијата со долгогодишното искуство стекнато во цветната индустрија имаме цел да понудиме нешто ново и различно, задржувајќи ја едноставноста и природноста во својата суштина.
Имаме навистина позитивно искуство во реализирање на нашата замисла со компании во бизнис-секторот, со дизајн и изработка на пакувања од картон и хартија, како и додатоци за пакувања кои понатаму може повторно да се употребат или да се рециклираат. Во креирањето на концептот бевме водени од замислата да овозможиме секој од нас да има придонес во процесот на селекција и заштита на животната средина.

Како дојдовте до идејата за Цветна Порака и како го направивте преминот од идеја до реализација?
Е. Петровска: Од оваа перспектива можам да кажам дека Цветна Порака навистина помина повеќе фази на прилагодувања пред да дојде до финална реализација на идејата.
Моето формално образование и професија е во доменот на економијата, но восхитот од природата и креативноста како неисцрплив извор на среќа придонесоа да ја развиеме идејата во посакуваната насока во цветната индустрија.
Со нашата одлука за е-трговија, каде што производите се широко достапни и се стандардизирани во начинот на кој се спакувани, сакавме да се задржи автентичноста и уникатноста на секој производ одделно. Оттаму е Цветна Порака – пораката која може рачно да се напише или нацрта и да се даде персонална нишка на секое цветно уживање. Користејќи модерни алатки со помош на технологијата и размислувајќи во насока производите да бидат достапни на територија на целава држава, се одлучивме за е-трговија каде што нарачките се прават на нашата официјална веб-страница со предвидено време за испорака. Во таа насока пристапивме кон изработка на веб-страница на која е овозможено плаќање преку виртуелен пос терминал користејќи систем на е-банкарство и достава на производите до крајните корисници.
Кои се досега вашите најголемите бизнис-предизвици со оглед на тоа дека се работи за стартап компанија?
Е. Петровска: Водени од примарната цел, квалитет на производите и задоволство на купувачите, можам да кажам дека инвестиција во услови на нова неизвесна реалност претставува предизвик за кој е потребна голема посветеност, упорност и истрајност во реализирање на идејата.
Со поставените основи во рамките на бизнис-планот, но соочени со новата економска состојба се стремиме преку рационална употреба на средствата да донесеме оправдани одлуки во насока на исполнување на бизнис-планот во тековното работење.
Истовремено сме насочени кон оптимизирање на трошоците со кои би го ублажиле ефектот од зголемувањето на цената на суровините и енергенсите кои директно влијаат на зголемување на трошоците на финалните производи и нивна испорака.
Велите дека вашата идеја се темели на достапност на цветните производи на територијата на целава држава. Какво е вашето искуство досега со купувачите вклучени во е-трговијата?
Е. Петровска: Да, нашите производи се достапни за испорака на територијата на целава држава. Достапноста која ја нуди е-трговијата овозможува нарачките да бидат креирани во кое било време и на кое било место. Она што нѐ радува и истовремено нѐ прави горди како стартап компанија е што нашиот концепт е широко препознаен и прифатен со искуство на процесирани нарачки од купувачи во земјава и од странство. Со големо внимание ги земаме предвид предлозите од купувачите и од досегашното искуство ги детектираме потенцијалните критични точки, ги разгледуваме можностите за подобрување и воспоставуваме чекори за надминување на предизвиците. Во услови кога сме соочени со новите околности, навистина сме среќни што купувачите секојдневно ни ја укажуваат довербата во реализирање на нашата визија.

Колку придонесува дигиталниот маркетинг во развојот на овој сегмент?
Е. Петровска: Од самиот наш почеток до сега имаме навистина многу голема поддршка од корисниците на социјалните медиуми, како и многу значајни примери од инспиративни претприемачи кои со своето споделено искуство, предлози и насоки навистина нѐ мотивираат да го поставиме нашиот бренд на цврсти постулати и да го унапредиме нашето работење во вистинската насока. Со сѐ поголемата присутност на технологијата во секојдневното живеење, моќните алатки за дигитален маркетинг значајно помагаат и ја олеснуваат работата во насока на промоција и прифаќање на бизнис-идејата. Како стартап компанија која е вклучена во онлајн трговијата, несомнено нашиот фокус во претстојниот период ќе биде насочен кон користење и вклучување на сите можности кои ги нуди дигиталниот маркетинг.
Според вас, кои се основните предуслови за купувачите да бидат повеќе насочени кон е-трговија?
Е. Петровска: Со новонастанатата состојба ја согледавме предноста од користење на интернетот како платформа за онлајн купување, забрзувајќи го процесот на широко прифаќање од страна на купувачите. Воспоставено високо ниво на безбедност во процесот на онлајн трансакциите е еден од примарните предуслови кој влева доверба кај купувачите да ги користат придобивките од користење на технологијата. Исто така обезбеден квалитет кој соодветствува на производите претставени во каталогот, како и ефикасна и професионална испорака до крајниот корисник придонесуваат за задоволство на купувачите. Во исто време потребно е компаниите да бидат отворени за предлози, совети и повратни информации од страна на купувачите воспоставувајќи заемна комуникација и доверба на која ќе се темели растот на е-трговијата во целина.
За крај, кои се плановите на Цветна Порака за 2022 година?
Е. Петровска: Следејќи ги трендовите и иновациите во цветната индустрија, во претстојната година нашата цел ќе биде насочена кон зголемување на понудата во каталогот која ќе придонесе за зголемување на базата на купувачи. Би биле особено горди доколку нашиот раст се темели на исполнување на очекувањата на купувачите, со задржување на поставените стандарди од страна на нашата компанија.
Со примарен фокус за квалитет на производите и професионален однос кон нашите купувачи, ќе се посветиме кон унапредување на вештините за користење на дигиталниот маркетинг со цел информирање на купувачите за сите новини и активности кои ќе ги спроведува компанијата.
Верувам дека со соодветно прилагодување, истрајност и иновативни решенија ќе придонесеме кон реализација на нашата примарна цел − задоволни купувачи со кои заедно ќе пренесеме убава цветна порака.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г.)