Финансии / Банкарство

Ангеловска-Бежоска: Ефектите врз нашата економија ќе зависат во голема мера од европската економија

Нашата економија, како мала и отворена е високо зависна од случувањата во европската економија. Засега не се очекува рецесија во Европската Унија. Европската централна банка, и покрај новонастаната ситуација со Украина, очекува годинава ЕУ да има раст, иако помал од првично очекуваниот. Сепак, ризиците се присутни и тие зависат од развојот на настаните, санкциите и времетраењето на кризата, посочува во интервју за МТВ, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

„Ние сме отворена економија со многу силни врски со европската. Европската економија е наш најзначаен трговски партнер, каде извезуваме 77% од вкупниот извоз. Европската централна банка излезе со три прелиминарни сценарија, во зависност од развојот на тековните случувања во Украина. Сепак, би потенцирала дека оваа состојба е навистина неизвесна и тешко е било која централна банка да ги прави проекциите тековно, токму поради голема неизвесност“, посочува Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката вели дека засега се зборува за три канали преку кои руско-украинската војна би можела да ја погоди европската економија.

Првиот канал е потрошувачката, поради нагорните придвижувања на цените на примарните производи - енергенсите и храната. Повисоката инфлација ќе значи понизок реален расположив доход на домаќинствата кој би се одразил врз приватната потрошувачка. Сепак, според некои аналитичари овој ефект може да се ублажи преку акумулираното штедење во пандемискиот период, посочува Ангеловска-Бежоска.

Вториот канал преку кој руско-украинскиот конфликт може да влијае на европската економија е преку инвестициите. Во услови на висока неизвесност, по правило има поголема воздржаност на инвеститорите. Од друга страна се смета дека овој ефект би можел да биде ублажен со поголеми инвестиции во енергетскиот сектор, поради намалување на изложеноста кон руската економија - инвестиции кои би значеле зголемување на енергетската ефикасност и вложување во обновливи извори на енергија.

Третиот канал на влијание на тековната криза врз европската економија е трговскиот, посочува Ангеловска-Бежоска. Сепак, трговската поврзаност на европската со руската економија низ годините е значајно намалена, особено по анектирањето на Крим во 2014 година. Тековно, извозот на ЕУ кон Русија учествува со само 3%.

Нашата економија нема директна изложеност кон руската и украинската економија. Сепак, постојат ризици преку нашата поврзаност со европската економија.

ПРЕПОРАЧАНО