Финансии / Банкарство
Шопова: Економските и неекономските мотиви кај одлуките за инвестирање на финансиските пазари
Љубица Шопова
Авторот е самостоен консултант за финансии
Финансиските пазари како место на кое тргуваат економските чинители со широк спектар на инвестициски и финансиски производи имаат една од најважните улоги за непречено и витално функционирање на сите економии без разлика на степенот на нивната развиеност. Одлуката во што ќе се инвестира и колку ќе се инвестира во најголем дел зависи од приносот што го носи избраниот производ (акција, обврзница, паричен депозит итн.), цената на избраните финансиски производи, доходот со кој располагаат потенцијалните инвеститори и аналогно на тоа и подготвеноста да се прифати ризикот што го носи сетот на избраните финансиски производи. Оттука може да се види дека станува збор за комплексна одлука на која ѝ претходи сериозна анализа на трендот на движење на цените и на приносите во одреден временски период. Ваквите анализи во најголем број случаи не би претставувале голем проблем за финансиските аналитичари, брокерите и финансиски едуцираните инвеститори бидејќи тие секојдневно ги следат најновите информации поврзани со трендовите на финансиските пазари и имаат на располагање алатки и софтвери со кои им се олеснува ваквиот процес.
Од друга страна, обичните инвеститори кои немаат соодветна финансиска едукација и пристап до софистицирани алатки, иако ги имаат на располагање сите информации како и економски поткованите инвеститори, одлуките за тоа колку и во што ќе се инвестира ги носат на сосема поразличен начин. Тие резонираат и ги процесираат информациите поврзани со промените на финансиските пазари врз основа на својата интуиција и лично искуство и се многу сензитивни на краткорочните флуктуации на цените и на приносите на финансиските производи. Делумното разбирање на информациите поврзани со цените на финансиските пазари и одлучувањето да се инвестира во избраниот финансиски инструмент врз основа на анализа на моменталната состојба се можеби главните причини од неекономска природа кои ги наведуваат обичните инвеститори да донесат погрешни одлуки. Па така, кога тие се соочуваат со голем избор на можности за инвестирање, обично се одлучуваат да инвестираат подеднакво во секоја од опциите, на пример по 50 % во две акции или по 1/3 во три различни инвестициски фондови без да направат детални пресметки за тоа колкав принос ќе остварат, а верувајќи дека на тој начин го минимизираат ризикот од направената инвестиција. Друга честа грешка со која се соочуваат обичните инвеститори е во однос на тајмингот кога тие купуваат или продаваат одреден финансиски производ. Како што е познато, тие ги носат одлуките интуитивно и врз основа на анализа на моменталните движења на пазарите одлучуваат да купат акции, обврзници, опции или некој друг финансиски производ кога цените растат и се високи и сметаат дека таквиот тренд ќе продолжи во иднина. Притоа тие не ги земаат предвид историските движења на цените на односниот производ, не ги анализираат останатите економски фактори како што се стапката на инфлација, трендовите во индустријата во која е компанијата во која инвестираат и слично, а кои имаат големо влијание врз финалната заработка. Во обратен случај, кога цените на финансиските инструменти паѓаат, за разлика од професионалните инвеститори, обичните инвеститори тогаш ги продаваат инструментите од своите портфолија бидејќи се многу посензитивни на т.н. ефект на загуба и едноставно не се подготвени да преземат ризик на подолг рок да чуваат такви инструменти. Друг неекономски фактор кој доаѓа до израз со своето влијание и треба да се има предвид кога се носат одлуките за инвестирање и кој сè повеќе се истакнува од бихејвиоралните економисти се приказните. Недоволно упатените инвеститори кога ќе слушнат или прочитаат информација/приказна за потенцијално високите заработки што ги остварил некој друг, на пример од некоја хартија од вредност, од крипто валутите или без посредник на нерегулираните платформи за тргување со хартии од вредност, тоа ги привлекува да се впуштат во високоризични инвестиции без да бидат свесни за тоа. Иако не знаат кој стои зад таа валута, дали некој гарантира за безбедноста на тргувањето на таквите алтернативни платформи, водени од приказната за висока заработка, обичните инвеститори влегуваат во ризични инвестиции. Појавата на финансиските иновации како што се крипто валутите, алтернативните платформи за тргување со нерегулирани финансиски инструменти ги прави одлуките за инвестирање уште покомплексни за сите учесници на финансиските пазари. Со цел да се избегнат несаканите ефекти кои можат да настанат од погрешно донесени одлуки за инвестирање на финансиските пазари, многу е важно информациите кои се пласираат од страна на надлежните органи и учесници да бидат дизајнирани на начин кој правилно ќе ги насочува потенцијалните инвеститори во смисла на ризикот кој го преземаат во однос на она во што вложуваат. Понатаму потребно е вклучување на финансиските иновации во регулативна рамка на која се подложни и веќе постоечките финансиски инструменти бидејќи на тој начин ќе се редуцираат потенцијалните загуби за сите учесници на финансиските пазари и ќе се овозможи дизајнирање и структурирање на понудата на инвестициски можности на начин кој ќе биде разбирлив не само за професионалните туку и за обичните инвеститори.
Сепак, обичните инвеститори учествуваат на финансиските пазари и со својот начин на резонирање и дејствување влијаат врз нивните движења. Затоа неекономските мотиви кои ги определуваат во најголема мерка нивните инвестициски одлуки треба да бидат анализирани и интегрирани во дизајнирањето на инвестициските понуди на финансиските пазари.
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г.)