Финансии / Банкарство

НБ доби уште речиси една година пристап до девизна ликвидност од 400 милиони евра преку репо-линијата на ЕЦБ

29.03.2022г

Дополнителната девизна ликвидност од 400 милиони евра ќе ѝ биде на располагање на Народната банка преку репо-линијата на Европската централна банка (ЕЦБ) уште речиси една година. ЕЦБ донесе одлука со која се продолжува можноста за Народната банка за користење на репо-линијата до 15 јануари 2023 година. Репо-линијата е само уште еден заштитен слој, имајќи го предвид високото ниво на девизни резерви и високата ликвидност на банките, коишто ја гарантираат стабилноста на денарот и макрофинансиската стабилност.

Репо-линијата обезбедува брз пристап на Народната банка до дополнителна ликвидност во евра, директно од ЕЦБ, во замена за соодветен колатерал деноминиран во евра, а за потребите на банкарскиот систем. Народната банка доби можност да ja користи репо-линијата во 2020 година, на почетокот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Тогаш ЕЦБ им дозволи пристап до ваков инструмент на централни банки надвор од еврозоната, со цел да се ублажат негативните ефекти од пандемијата предизвикана од корона-вирусот. Токму Народната банка беше лидер и иницијатор меѓу централните банки од регионот за обезбедување пристап до репо-линијата, за зајакнување на заштитните механизми, и покрај стабилното ниво на девизните резерви и солидната ликвидност на банките.

Минатата година беше продолжена можноста за користење на репо-линијата заклучно со март годинава, а сега таа можност е продолжена за уште речиси една година, имајќи го предвид продлабочувањето на геополитичките тензии поттикнати од руската инвазија на Украина. Досега, и покрај кризниот период изминатите две години, Народната банка немала потреба да ја користи репо-линијата.

Народната банка изрази благодарност до ЕЦБ за продолжување на важноста на репо-линијата, бидејќи на овој начин се добива и потврда за спроведуваните политики.

ПРЕПОРАЧАНО