Финансии / Банкарство

Кои се најголеми добитници на Македонската берза минатата недела?

Кирко Бошкоски

авторот е економист | 11.04.2022г.

Неделен извештај за периодот 04.04.2022 до 08.04.2022г.


Според вредноста на остварениот промет, минатата недела, во периодот од 04.04.2022 до 08.04.2022 година, на Македонската берза на хартии од вредност најтргувани беа акциите на Комерцијална банка АД Скопје. Со нивното тргување беше остварен промет од 104,5 милиони денари или околу 1,7 милиони евра (61,8 % од вкупниот промет). Втори најтргувани акции измината недела беа акциите на Алкалоид со вкупен промет од 18,7 милиони денари или околу 304,6 илјади евра (11 % од вкупниот промет). Потоа следуваа акциите на Стопанска банка Скопје Скопје со 16,9 милиони денари или околу 274,9 илјади евра (10,1 % од вкупниот промет). Во топ 5 акции според прометот изминатата недела беа уште и акции на Гранит Скопје со 7,5 милиони денари или околу 122 илјади евра и акциите на Макпетрол Скопје со промет од 6,4 милиони денари или околу 105 илјади евра.

Во истиот период беше остварен вкупен промет (на официјален + редовен) од 169,2 милиони денари или околу 2,75 милиони евра, двојно повеќе во однос на претходната недела. Овој промет беше реализиран преку 551 трансакции од кои 547 беа на официјалниот пазар, а 4 трансакции беа остварени на редовниот пазар.

Најголеми добитници изминатата недела се имателите на акции на Макстил Скопје, Реплек Скопје и Гранит Скопје. Цената на нивните акции се зголеми за 24,55 %, 7,08 % и 3,95 %, соодветно. Потоа следуваа акциите на НЛБ Банка АД Скопје, со раст од 3,57 % и Комерцијална банка Скопје со раст на акциите од 2,29 %.

Намалување на вредноста минатата недела имале само акциите на Македонски Телеком Скопје од 0,82 %.

Според количината на истргувани акции, најтргувани акции минатата недела беа акциите на Макстил Скопје со 38.825 акции, Стопанска банка Скопје со 11.543 и Комерцијална банка Скопје со вкупно 8.065 истргувани акции.

ПРЕПОРАЧАНО