Финансии / Банкарство

Цените на кои акции најмногу се зголемија и намалија на Македонската берза минатата недела?

Кирко Бошкоски | 06 06 2022г.

Неделен извештај за периодот 30.05.2022 до 03.06.2022г.

Минатата недела, во периодот од 30.05.2022 до 03.06.2022г. на Македонската берза на хартии од вредност на официјалниот и на редовниот пазар беше остварен вкупен промет од 72.7 милиони денари или околу 1.18 милиони евра, скоро половина или 48% помалку во однос на претходната недела. 48,2 % од овој промет (околу 570,9 илјади евра) беше реализиран преку акциите на Алкалоид Скопје. Втори најтргувани акции беа акциите на Комерцијална банка Скопје со 22.9 милиони денари или околу 373 илјади евра (31.5 % од вкупниот промет). Потоа следуваа акциите на Универзална Инвестициона Банка Скопје со 1.8 милиони денари или околу 30.7 илјади евра. Во топ 5 акции според прометот изминатата недела беа уште и акции на Макпетрол Скопје со 1,5 милиони денари или околу 25,6 илјади евра и акциите на Пекабеско Скопје со промет од 1,4 милиони денари или 23,9 илјади евра.
Прометот на официјалниот и на редовниот пазар беше остварен со 279 трансакции со кои се истргуваа вкупно 60 378 акции и обврзници.




Најголеми добитници изминатата недела се имателите на акции на РЖ Услуги Скопје, Универзална Инвестициона Банка Скопје и Алкалоид Скопје. Цената на нивните акции се зголеми за 47,06 %, 13,21 %, и 6,24 соодветно. Потоа следуваа акциите на Комерцијална банка Скопје и Стопанска банка Скопје со раст на цените од 4,22 % и 2,82 %, соодветно.
Намалување на вредноста минатата недела имале само акциите на НЛБ Банка АД Скопје од 0,75 %.

Истовремено беа реализирани и неколку блок трансакции со акциите на Макпетрол Скопје, Адинг Скопје, Козјак Куманово и Македонска берза АД Скопје со кои се оствари промет од 29,1 милиони денари или околу 473,5 илјади евра.

ПРЕПОРАЧАНО