Финансии / Банкарство

Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка посветена на културното наследство претставено на македонските банкноти

07.07.2022г.

Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.

Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.

Изложбата е поддржана од страна на седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари.

На свеченото отворање ќе се обратат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, академик Абдулменаф Беџети и професорот на Архитектонскиот факултет, Митко Хаџи-Пуља. Настанот ќе биде пренесуван во живо на следнава врска: https://youtu.be/OiNk7Ka9NgY

Изложбата ќе биде отворена за јавноста од утре, 8 јули, и ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен. Повеќе детали за посетите прочитајте на следнава врска: https://www.nbrm.mk/poseta-na-muzejot.nspx

ПРЕПОРАЧАНО