Финансии / Банкарство

ЕСГ (ESG) известување − новата обврска за македонските акционерски друштва

Александар Матески | авторот е доктор на економски науки

Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.

Влијателниот професор Мајкл Портер е на став дека целта на корпорациите мора да биде редефинирана во создавање заеднички вредности, а не само профит пер се.1 Бизнисот треба да се фокусира и на создавање вредност за сите засегнати страни (вклучувајќи заедници, вработени и клиенти), а не само кон своите акционери или сопственици. Притисокот на менаџментот да создаде профит на краток рок често може да е на штета на животната средина, да ги изложи клиентите на ризик, вработените на експлоатација и слично. Инвеститорите може да одберат да учествуваат во поздрава, попросперитетна и одржлива средина или во бизниси кои се општествено деструктивни. Во време кога економската нееднаквост се зголеми и социјалните потреби се поголеми од кога било, игонирирањето на синергијата меѓу корпоративниот успех и општествениот напредок ги охрабрува критичарите и ја става на ризик иднината на капитализмот.2 Ставови кои се спротивни од тие на Милтон Фридман се дека единствената одговорност на компанијата е да го максимизира профитот за своите акционери.3

Акронимот ЕСГ (ESG [Environmental, Social and Governance]) означува збир на квалитативни и квантитативни податоци кои го опишуваат еколошкиот статус на бизнисот, општествените карактеристики и корпоративното управување на компанијата, вклучително изложеноста, како и управувањето со ризиците.

Треба да се потенцираат промените кои се случуваа изминатава декада поврзани со ЕСГ (ESG) проблематиката. Според истражувањата спроведени во 2012 и во 2021 година на примерок од над 122 компании, евидентна е промената во приоритетите наведени во компаниските годишни извештаи.4 Додека во 2012 година акцентот е ставен на посветеноста на компаниите кон нивните акционери (повеќе од една третина), за нецела декада тој процент е намален на 17 %. За разлика од тоа, сè поприсутна е ориентацијата и фокусот кон општеството и заедницата, како и операциите поврзани со одржливоста, одговорноста, животната средина и иновациите.
Според резултатите на едно од последните истражувања спроведено на над 246 компании од различни индустрии, дури 83 % од компаниите сметаат дека фокусирањето на ЕСГ (ESG) проблематиката е добро за нивниот бизнис.5 Евидентен е и порастот на милениумците како инвеститори во одржливи бизниси (од 28 % кои во 2015 година изјавиле дека се многу заинтересирани за инвестирање во одржливи компании на 86 % во 2017 година). ЕСГ (ESG) темите стануваат сè поважни и за кандидатите за работа.
Но, како се регулирани овие прашања на македонско тло и за што известуваат македонските компании?6
Одредбата во Законот за трговските друштва (член 384, став 3) во која е дефиниран законскиот минимум на содржина на годишните извештаи на акционерските друштва кои се предмет на разгледување на годишните собранија7 согласно закон се покажа како недоволна за отчетност на акционерските друштва. Значителни квалитативни промени во насока на промовирање на транспарентноста се случија во донесувањето на Кодексот на корпоративно управување на котираните акционерски друштва од 26.10.2021 година и Водичот за ESG известување од Македонска берза.
Кодексот подетално ги предвиде обврските на акционерските друштва за изестувања за настани поврзани со засегнатите лица8, одржливоста и прашањата од општествен интерес (Environmental, Social and Governance). Така, се предвиде и обврска (согласно одредба 6.7) во својот годишен извештај друштвото да известува и за прашања поврзани со животната средина и прашања од општествен интерес засновани врз принципот на транспарентност и во согласност со релевантните законски барања и добрите меѓународни практики.
Обврска на управниот одбор е најпрво преку ефективни механизми да изврши идентификација на засегнатите лица на друштвото, па преку разбирање и почитување на нивните ставови да обезбеди услови за редовна комуникација и на крај за целокупниот процес и резултатите да го информира надзорниот орган.
Акционерските друштва треба да донесат внатрешни акти (политики, процедури) преку кои ќе ја развиваат корпоративната култура на одговорен однос кон животната средина и општеството и градење деловен модел кој ќе го земе предвид влијанието на активностите кон животната средина и пошироката општествена заедница.9 Политиките се јавни и треба да се објават на корпоративната веб-страница. Добар пример за транспарентност е корпоративната веб-страница на Алкалоид.10 Посветеноста на компанијата на заштитата на животната средина се потврдува со имплементираниот Систем за управување со животната средина во Интегрираниот менаџмент систем (IMS) согласно стандардите ISO 14001:2015, ISO 9001:2015, ISO 45001:2018 и насоките на Добра производна пракса, континуираното мониторирање на воздухот, водата, бучавата, создавањето отпад и потрошувачка на природни ресурси и енергенси. Дополнително јавно се обзнанети податоци во врска со позитивните трендови во потрошувачката на вода, електрична енергија, мазут, масло и природен гас, како и податок за предложени и прифатени мерки за остварени заштеди и намалени штетни емисии на CO2. Така во 2020 година, од предложени 34 мерки, прифатени и реализирани биле 10 и била остварена заштеда од 99 MWh енергија, 36 152 m3 вода, а емисиите на CO2 биле намалени за 6 067 тони. Политиката на интегриран систем за управување со квалитет, безбедност и здравје при работа и животна средина е објавена и на веб-страницата од Гранит ад Скопје со кратко наведување дека компанијата е посветена на усогласеност со националните политики, закони и регулативи, како и најдобрите меѓународни практики во текот на целиот животен циклус на сите проекти, одржување на ресурсите и инвестициите на најдобар можен начин, како и постојано идентификување, следење и управување со значајните аспекти на животната средина и социјалните аспекти кои се појавуваат за време на градежните активности.11
Преиспитувањето на ефикасноста на политиките и потребата од нивна корекција или надградување се врши најмалку еднаш годишно.


Се поставува прашањата кој треба да го сноси главниот товар за спроведувањето на мерките и известувањето за ЕСГ (ESG) активностите. Решенијата се различни и зависат од друштво до друштво. Така, на глобално ниво, во 40 % од компаниите тоа е обврска на тимот за одржливост (Sustainability team), а во 32 % на одделот за односи со инвеститори12 (IR department). Голем дел од одговорноста е лоцирана на корпоративниот секретар со оглед на неговите обврски за следење и информирање за сите релавантни измени во важечката законска и подзаконска регулатива, па во 17 % од компаниите тој ја има главната улога и во оваа област. Анализирано според големината на компаниите, кај најголемите акционерски друштва тоа го прави тимот за одржливост (64 %), додека кај најмалите одделот или лицето за односи со инвеститори (50 %).
Дали известувањето треба да е дел од годишниот извештај на друштвото или може да биде одделен извештај? Во светската практика се среќаваат и двата вида на известување, па на глобално ниво 42 % од компаниите имаат посебен извештај, додека кај 33 % оваа проблематика е интегрирана во годишниот извештај за работењето на друштвото. Очекувано, колку компанијата е поголема, толку почесто ова известување е во посебен извештај (58 % од најголемите компании, додека само 22 % кај најмалите).
Известувањата за остварената комуникација со засегнатите лица, прашањата поврзани со животната средина и другите релевантни прашања од општествен интерес, друштвото треба да ги направи во својот годишен извештај почитувајќи го принципот на транспарентност и во согласност со релевантните законски барања и добрата меѓународна практика. Така, Макпетрол ад Скопје глава VII од Годишниот извештај на Управниот одбор за 2021 година ја посветил на животната средина и на општествениот интерес. Наведени се информации поврзани со применувањето на Системот за управување со квалитет согласно ISO 9001, Системот за управување со животна средина согласно ISO 14001, Системот за управување со здравје и безбедност при работа согласно ISO 14001, Политиката за управување и заштита на животната средина, но и податоци за поседувањето на елаборати за заштита на животната средина и спроведување на програмите согласно Законот за управување со отпад. Применувајќи ја Директивата за енергетска ефикасност на Европската Унија, друштвото е посветено и на сукцесивно поставување фотонапонски централи за производство на електрична енергија.13 Телеком Скопје информира за спроведување иницијатива за враќање стари електронски уреди во која било продавница на Телеком. Компанијата соодветно го собира електронскиот отпад во партнерство со Нула отпад и инвестира во обновата на регионите погодени од пожарите. За 1 000 вратени стари електронски уреди, предвидено е да се засадат 1 000 дрвја.14 Компанијата во 2018 година има донесено Политика за здравје, безбедност и животна средина.
Препорака е исполнувањето на стратегијата на друштвото, почитувањето и спроведувањето на внатрешните акти и етичките стандарди на друштвото како целите поврзани со одржливоста (тука се вклучени ЕСГ [ESG] прашањата) да бидат нефинансиски критериуми за исплата на награда (бонус) како променлив дел од наградата на членовите на управниот одбор. На овој начин дополнително би се стимулирала и би се наградила посветеноста на членовите на управниот одбор за исполнувањето на овие битни цели.15
За тоа дека темите поврзани со животната средина, општествените прашања и управувањето стануваат сè позначајни доказ е сè посилното влијание и улога на ЕСГ (ESG) рангирањата на компаниите. Едно од најпознатите рангирања ги врши МСЦИ (MSCI).16 Скалата се движи од AAA до АА за најдобрите, BBB, BB и А средни резултати и CCC и B за тие со најлоши перформанси. Анализата се прави врз основа на оценка на 35 клучни области.17
Со оглед на тоа што нема унифицирано рангирање, компаниите кои се занимаваат со оваа проблематика различно и ја вреднуваат секоја област. Така, на пример, Vigeo Eiris акцентот го става на прашањата од животната средина (50 %), општествените прашања (30 %) и остатокот од 20 % е за управувањето. Методологиите за рангирање се подобруваат постојано и стануваат сè потранспарентни. Интерактив брокерс (Interactive brokers), една од најголемите платформи за електронско тргување со акции на 150 глобални пазари, нуди услуга преку која може редовно да го следите ЕСГ (ESG) рангирањето на вашето портфолио.
Сосема реално е да се очекува континуиран притисокот од инвеститорите, вработените и другите засегнати страни, вклучително и регулаторите, за обелоденувања на прашања поврзани со долгорочната одржливост и ЕСГ (ESG) практиките.18 Опсегот на друштвата кои ќе имаат обврски ќе се зголемува, а барањата за известувања ќе стануваат сè подетални. Отпорот кај дел од компаниите е очекуван, како и за секоја нова обврска. Во предност се дел од меѓународните компании во државава, како и македонските компании кои се поприсутни на странските пазари. Добрите ЕСГ (ESG) перформанси имаат и голем бенефит врз компаниите. Во Водичот за ESG известувања од Македонска берза како главни предности се посочени управувањето со детектираниот ризик, подобрување на оперативните перформанси на компанијата (пример, подобрување на енергетска ефикасност, поголема продуктивност на вработените и намалување на флуктуацијата на работна сила...), нови деловни можности, пред сè во „бизнис со бизнис“ соработка, подобрен углед, олеснет пристап до капитал, но и подобрена комуникација со засегнатите страни (вклучително и акционерите).19 Не постои униформен пристап, па менаџментот на секое акционерско друштво имајќи ја предвид дејноста и влијанието врз пошироката средина треба одговорно да пристапи кон проблематиката, да ги подобри процесите и транспарентно да информира за активностите поврзани со животната средина, општествената одговорност и управувањето.


1Creating Shared Value. How to reinvent capitalism-and unleash a wave of innovation and growth. Michael E. Porter and Mark R. Kramer
2Where ESG fails, Michel E. Porter, October 16 2019
3„there is one and only one social responsibility of business--to use its resources and engage in activities designed to increase its profits so long as it stays within the rules of the game, which is to say, engages in open and free competition without deception or fraud“. The Social Responsibility of Business is to Increase its Profits, Milton Friedman, The New York Times Magazine September 13, 1970
4Bistrova and Lace, Defining key factors to sustain maximum shareholder value (2012)
5The ESG journey to assurance, 2022 ESG survey results and analysis KPMG, https://assets.kpmg/content/dam/kpmg/sg/pdf/2022/09/the-esg-journey-to-assurance.pdf
6поради просторот кратката анализа се однесува на дел од акционерските друштва кои се дел од МБИ10 индексот на Македонска Берза: Алкалоид Скопје, Стопанска банка Скопје, Гранит Скопје, Комерцијална банка Скопје, Макпетрол Скопје, ТТК Банка Скопје, Македонски Телеком Скопје, Македонијатурист Скопје, НЛБ банка Скопје и Стопанска банка Скопје.
7Во годишниот извештај за работата на друштвото во претходната деловна година, органот на управување има обврска објективно да ги презентира и да ги објасни главните фактори и околностите коишто влијаеле на определувањето на работењето, вклучувајќи ги и промените во опкружувањето во чиишто рамки друштвото дејствува, одговорот на друштвото на тие промени и нивното влијание, политиката на вложувања за одржување и за поддршка на успешноста во работењето на друштвото, вклучувајќи ја и политиката на дивиденди, изворите на средствата на друштвото, политиката на односот на долгорочниот долг спрема основната главнина и политиката на управување со ризикот, големите зделки и зделките со заинтересирана страна со прикажани податоци за висината на износот на трансакциите кои се извршени врз основа на зделка со заинтересирана страна и начинот и постапката во која била одобрена зделката со заинтересирана страна, име, презиме и адреса на заинтересираната страна ако е физичко лице, или назив и седиште ако заинтересираната страна е правно лице, како и средствата на друштвото чијашто вредност не е одразена во билансот на состојбата според меѓународните стандарди за финансиско известување, изгледите за идниот развој на друштвото и неговиот деловен потфат, активностите во сферата на истражувањето и развојот, како и информациите во врска со стекнувањето сопствени удели или акции, во зависност од релевантните околности. Во годишниот извештај на друштвото се објавуваат и примањата на секој извршен член на одборот на директори и на член на управниот одбор (плата, надоместоци на плата, бонус, осигурувања и други права), односно надоместокот на неизвршните членови на одборот на директори и на членовите на надзорниот одбор. Во Годишниот извештај на друштвото задолжително се објавуваат и детални податоци за примањата во органи на управување во други друштва (плата, надоместоци на плата, надоместоци за членство, бонус, осигурувања и други права) за сите извршни членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор, неизвршните членови на одборот на директори и членовите на надзорниот одбор. Во Годишниот извештај на друштвото задолжително се објавуваат и детални податоци за вработувањето, односно за заснован работен однос кај други работодавачи (назив на работодавач, дејност, висина на плата, надоместоци на плата, бонус, осигурувањa и други права) за извршните членови на одборот на директори, членовите на управниот одбор, неизвршните членови на одборот на директори и членовите на надзорниот одбор
8Клиенти, добавувачи, државни органи, вработените во акционерското друштво, други заедници
9Стопанска банка АД Скопје преку одговор на Прашалникот за ККУ на Берза најави дека Политиката за ESG (environment, social and governance issues) е во изработка и ќе се усвои во текот на 2022 година. https://seinet.com.mk/Default.aspx?docID=59926
10https://alkaloid.com.mk/mk/zashtita-na-zhivotnata-okolina
11https://www.granit.com.mk/wp-content/uploads/2022/02/%D0%96%D0%B8%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B0-%D0%9F%D0%BE%D0%BB%D0%B8%D1%82%D0%B8%D0%BA%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%98%D0%A1%D0%A3_31.02.2021.pdf
12согласно македонските правила, акционерските друштва беа должни да назначат лице одговорно за односи со инвеститори. член 32 став 3 од Правила за котација на Македонска Берза
13https://www.makpetrol.com.mk/wp-content/uploads/2022/04/%D0%9C%D0%B0%D1%82%D0%B5%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BB-%D0%B7%D0%B0-XXVI-%D0%A1%D0%BE%D0%B1%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B5-%D0%BD%D0%B0-%D0%B0%D0%BA%D1%86%D0%B8%D0%BE%D0%BD%D0%B5%D1%80%D0%B8-%D0%BD%D0%B0-%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%BF%D0%B5%D1%82%D1%80%D0%BE%D0%BB-%D0%90%D0%94-%D0%A1%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D1%98%D0%B5-2022-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8....pdf
14https://www.telekom.mk/ns-newsarticle-posveteni-na-cista-i-zelena-zivotna-sredina.nspx
15точка 3.8.1 Наградување на управниот одбор, Кодекс за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонска берза
16https://www.msci.com/our-solutions/esg-investing/esg-ratings
17повеќе во MSCI ESG Ratings Methodology june 2022 https://www.msci.com/our-solutions/esg-investing/esg-ratings
18процес кој дополнително ќе се забрза со донесувањето на новата Директива за корпоративно известување за одржливост од страна на на Европскиот Парламент и Совет
19Водичот за ESG известување има за цел да им помогне на котираните компании на Македонска берза во врска со повеќе аспекти поврзани со животната средина, општествените прашања и управувањето и е објавен на веб страницата од Македонска Берза https://www.mse.mk/mk/content/31/1/2022/esg-reporting-guide

ПРЕПОРАЧАНО