Интервјуа

Трајчев: За да можат компаниите да остварат раст тие мора да бидат извозно ориентирани

Гоце Трајчев, претседател на групација на производителите и преработувачи на месо

Кажете ни накусо за „личната карта“ на здружението (релативното значење на конкретната индустрија за македонската економија, составот на здружението итн.).

Г. Трајчев: Во Република Северна Македонија земјоделството, заедно со прехранбената индустрија, вработува 10 % од вкупно вработените кај правните лица, а во вкупниот БДП учествува со 18 %, од кое само земјоделството и рибарството со 12 %, а со 6 % прехранбената индустрија. Со производство и преработка на храна во Македонија се занимаваат 7 100 претпријатија.
Здружението за земјоделство е едно од шеснаесетте здруженија кое функционира во рамките на комората. Компаниите кои членуваат во него, согласно својата поконкретна дејност и интереси, во рамките на нивната асоцијација − здружението, организирани се во посебни организациски форми – групации кои ги застапуваат интересите од гранката на која ѝ припаѓаат, меѓу кои:
• даваат предлози и ги застапуваат интересите на членките од својата дејност при донесувањето на мерките на економската политика од страна на државните органи,
• учествуваат во изработката на законодавната регулатива во земјоделството и прехранбената индустрија преку давање на мислење, на предлози за нивно изменување или дополнување во процесот на нивното донесување,
• иницираат и предлагаат одредени системски мерки и законски решенија во функција на унапредување на условите за производство на храна,
• организирано заеднички настапуваат на одделни саеми, бизнис-форуми и други пропагандни активности во земјава и во странство,
• меѓусебно се помагаат во одделни практични зафати (заеднички извоз, заедничка набавка на одделна суровина од увоз и др.) во интерес на унапредување на производството и пласманот на домашниот и на странскиот пазар.
Во делот на месната индустрија егзистираат околу триесетина современи производствени капацитети за преработка на месо и производство на сувомесни производи, чии капацитети во потполност можат да ја задоволат побарувачката на домашниот пазар. Денес домашната месна индустрија се карактеризира со големи вложувања, нови објекти, машини, технологии за преработка. Таа работи профитабилно за разлика од други гранки кои генерираат загуби, вработува и обучува луѓе и има свој тим технолози така што, освен консултативна помош, не се ангажираат странски технолози. Според тоа може да се заклучи дека во земјава егзистира месна индустрија која во ништо не заостанува зад месните индустрии од соседните држави, а во одредени сегменти дури и ги надминува. Самите производители си наметнаа повисоки стандарди свесни дека со отворање на пазарот треба да се подготват за конкуренцијата што доаѓа.

Како ја оценувате тековната состојба во земјоделството и во прехранбената индустрија?

Г. Трајчев: Актуелната економска состојба во земјава и во светот сериозно влијае врз состојбите во домашната економија, конкретно во преработувачката индустрија. Врз општите услови за работа во индустриската дејност поврзана со преработки на месо и производство на сувомеснати производи, во изминативе години влијаеја повеќе настани врз кои домашната месна индустрија нема влијание, а кои сериозно се одразија врз условите во кои функционира таа. Имено, појави како африканската свинска чума, пандемијата ковид-19 предизвикана од корона вирусот, ограничувањата на извозот на животни, логистичките ограничувања, затворањето на кланиците, рестораните и услугите за храна, раст на цените на свинското месо и други, негативно влијаеја на сите алки во синџирот на снабдување, вклучително и врз дејноста поврзана со преработки на месо и производство на сувомеснати производи. Имајќи предвид дека состојбите во делот на обезбедување на суровини и на репроматеријали се непроменети, а дополнително економско-политичката состојба во светот станува сè посложена, во континуитет растат цените на енергентите, а особено ако се земе предвид актуелниот воен конфликт во Украина и неговото влијание врз обезбедувањето на земјоделски производи и сериозните импликации врз цените на земјоделските производи, производството и потрошувачката на земјоделски производи, вклучително и на свинско месо и производи од свинско месо во светот и во соодветни региони, неопходно е натамошна претпазливост од страна на креаторите на политиките со цел одржување на конкурентноста на овој сектор во нашава држава.

Кои се клучните успеси и предизвици? Како се справувате со порастот на цената на енергентите?

Г. Трајчев: Клучните предизвици и ризици, поврзани со производството и трговијата на свинско месо и преработки од свинско месо во Република Северна Македонија произлегуваат од две групи на фактори: глобални услови, ризици и закани врз кои не може да се влијае и од состојбата во домашната економија врз која делумно може да се влијае.
Од факторите поврзани со глобалните услови врз кои домашната економија не може да влијае се цените на храната на светските берзи, вклучително и храната на свинското месо која се формира на берзите и која е во постојан пораст, болестите кај луѓето (ковид-19 и други потенцијални заразни болести) и животните (конкретно, првенствено африканската свинска чума [African swine fever-ASF]) кои предизвикуваат нарушувања и шокови на пазарите, раст на цените на енергентите кои влијаат врз трошоците за работа на компаниите и врз цените на финалниот производ, рестрикциите за извоз кои произлегуваат од регулативата со кои одредени пазари се штитат од конкуренција, како и други рестрикции кои доведуваат до нарушување на синџирите на снабдување.
Дополнително, конкретно за македонската преработувачка индустрија за преработка и конзервирање на месо, значајно е да се истакне дека нашите компании имаат ограничен пристап до странските пазари. Имено, според регулативите на Европската Унија, а со цел да се заштити заедничкиот европски пазар, постои ограничување на трговијата со живи свињи, како и со свежо и замрзнато свинско месо од трети земји во земјите членки на Европската Унија. Во таа насока постои ограничување за извоз на живи свињи, како и на свежо и замрзнато свинско месо и преработки од свинско месо од Република Северна Македонија во земјите членки на Унијата (согласно регулативата на Европска комисија од 2010 [Commission Regulation (EU) 206/2010]). Имајќи го предвид претходново, Европската Унија која претставува традиционален пазар за останатите економски гранки и претставува најголем трговски партнер на Република Северна Македонија останува затворена за компаниите од оваа дејност.
Во делот на групата фактори кои влегуваат во групата предизвици и ризици со кои се соочува оваа индустрија, покрај генералните услови, во прв ред актуелниот раст на цените на енергентите кои значително влијаат на трошоците на компаниите и на цената на финалните производи, може да се истакнат и ограничениот пристап до соодветни количини на суровини и репроматеријали за производство на преработки од свинско месо, што ги прави увозно зависни и неминовно ги насочува кон доставувачи од странските пазари, како и нелојалната конкуренција од домашни нерегистрирани производители, како и од компании од странски држави, односно силна конкуренција од увоз. Имено, покрај континуираниот раст на производство на свинско месо, на домашниот пазар можат да се набават исклучително мали количини за преработка кои воопшто не го задоволуваат капацитетот на преработувачката индустрија по квалитет и по динамика на пристап до суровините, односно во одредени периоди недостига суровина со соодветен квалитет со што се доведува во прашање континуитетот на производство на преработки од свинско месо. Од друга страна, пак, домашниот пазар е под притисок на нелојалната конкуренција од домашни нерегистрирани производители и од конкурентски производи од увоз кои доаѓаат најчесто во нашава држава од земји кои имаат конкурентски предности поради полесен пристап до суровини на домашните пазари, како и поради ниска царинска заштита при увоз во Република Северна Македонија.

Како ги оценувате можностите за извоз и конкуренцијата на тој план?

Г. Трајчев: За да можат компаниите да остварат раст, покрај на македонскиот пазар, тие мора да бидат извозно ориентирани. Затоа домашните компании неопходно е да бидат конкурентни на светскиот, а не само на македонскиот пазар. Улогата на домашниот пазар е многу помала за развојот на македонската економија, а регионалните и останатите странски пазари имаат поголемо значење за економскиот развој, зголемување на извозот и следствено отворање на нови работни места. Месната индустрија во Република Северна Македонија е увозно зависна не само од аспект на техника и технологија туку и од аспект на суровини и на репроматеријали. Оттука нивото и структурата на царинската заштита има круцијална улога во развојот на оваа индустриска гранка.
Бидејќи производството кај домашните компании во повеќе дејности е силно условено од увоз на суровини и на репроматеријали кои не се произведуваат во нашава држава, увозот на истите се врши согласно основното правило на Светската трговска организација - на еднаков третман на сите останати земји преку примена на принципот за најповластена нација, што значи дека во отсуство на специфичен трговски договор (договор за слободна трговија или царинска унија) увезените суровини се предмет на исти царини, исти царински проверки и исти бариери во трговијата, која во наши услови за одредени репроматеријали е висока.
Промената во царинската политика во насока на утврдување на соодветно ниво на царинска заштита на нашава домашна економија може да придонесе за наша подобра позиционираност на светската економска мапа. Затоа заштитната и развојната функција на царините во наши услови мора да се пред фискалната функција на царините и не смее да се гледа единствено како на извор на приход во државниот буџет, туку како на „алатка“ која можат да ја употребат креаторите на политиките за зголемување на конкурентноста на домашната економија.
Конкретно, во делот на царинската заштита на свинско месо и негови преработки, доколку се направи проста аритметичка средина на соодветните царински стапки, може да се заклучи дека просечната проста номинална царинска стапка за увоз на замрзнатото свинско месо изнесува 26,5 %, односно е за 54 % повисока од просечната проста номинална царинска стапка за увоз на сите видови месо која изнесува 17,2 %.
Поради оваа состојба, а по барање на домашната индустрија, Владата на Република Северна Македонија донесе повеќе автономни мерки за укинување на увозните давачки при увоз на замрзнато свинско месо и други суровини. Согласно регулативата, односно врз основа на член 19, став (7) од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/05, 4/08, 48/10, 158/10, 44/11, 53/11, 11/12, 171/12, 187/13, 15/15, 129/15, 154/15, 192/15 и 23/16), Владата по предлог на министерот за економија во согласност со министерот за финансии, а по претходно мислење од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, пропишува автономни мерки за намалување или укинување на увозните давачки од ставот за стока која не се произведува во државава или не се произведува во доволни количини или не одговара на посебните потреби на домашната индустрија. Автономните мерки за намалување или укинување на увозните давачки се определуваат за определен или неопределен временски период, како и за ограничена или неограничена количина на стока.
Бесцаринскиот увоз на замрзнато свинско месо во изминативе години доведе до позитивни резултати во 2018 година и 2019 година, кои се рефлектираа преку зголемен извоз во вредност и во количина на преработки од свинско месо, додека под влијание на мерките поврзани со заштита од вирусот ковид-19, односно поради пандемијата предизвикана од него, во 2020 година доаѓа до намалување на извозот.

Што може да се направи за да се подобрат амбиентот за работа и успешноста во земјоделството и прехранбената индустрија?

Г. Трајчев: Поаѓајќи од анализата на состојбите во дејноста и очекувањата за движењата на светско ниво и во државава, како и врз основа на претходно наведените констатации, неопходно е домашната индустрија за преработка на месо системски долгорочно да се поддржи.
Домашните производители на свинско месо ниту по вид на производ ниту по количина не можат да ги задоволат потребите на месната индустрија со свинско месо, особено поради непостоењето на корелација меѓу побарувачката на домашните преработувачи за конфекционирано замрзнато свинско месо, од една, и понудата на свежо свинско месо од страна на домашните фармери и кланици, од друга страна. Континуираното носење на автономни мерки за бесцарински увоз на замрзнато свинско месо од страна на Владата на Република Северна Македонија ја потврди својата економска оправданост за домашните преработувачи без последици за домашното фармерско производство на свинско месо.
Имајќи го предвид претходново, неопходна е подготовка на предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за царинска тарифа со кој ќе му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да воведе дополнителни тарифни ознаки со кои ќе се овозможи за целите на преработувачката индустрија да се увезува свинско месо во нови тарифни подброеви со царинска стапка нула (царинска стапка „сл.“).
Конкретниов предлог на кус рок нема да предизвика дополнителни фискални импликации бидејќи последниве четири години стоките кои се увезуваа во посочените тарифи се увезуваа без царински давачки, а тој долгорочно овозможува позитивни резултати кај компаниите кои произведуваат преработки од свинско месо, кои ќе придонесат индиректно за позитивни финансиски буџетски ефекти како резултат на приливи по основ на данок на додадена вредност, данок на личен доход за вработените, како и данок на добивка.

Што ќе ја подобри конкурентноста на вашите компании членки?

Г. Трајчев: Еден од основните проблеми со кои се соочува месната индустрија во Македонија е недостатокот на суровини за преработка. Производството на свинско месо е недоволно за да ги задоволи потребите на пазарот за свежо месо поради што домашните производители се принудени да увезуваат свежо месо како суровина при што се изложени на високи царински давачки. Сите видови свежо или замрзнато месо за преработка од увоз се оптоварени со царини, иако земјава е дефицитарна по таа основа. Од друга страна, постои бесцарински увоз на готов производ од страна на земји со кои се склучени билатерални договори како што се Србија и Црна Гора, Хрватска и БиХ, од кои во земјава влегува 1 900 тони готов производ секоја година без царина. Со тоа домашните производители се ставени во нерамноправна положба, па наместо македонските производители да станат извозници, тие се борат за задржување на домашниот пазар.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано