Интервјуа

Пљаковска-Аспровска: КаСис во континуитет е стабилен, иновативен и безбеден партнер на банките и на е-трговците

Филомена Пљаковска-Аспровска, претседател на Управниот одбор и главен извршен директор на КаСис АД Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

КаСис АД Скопје е компанија основана во 2001 година како прв и единствен процесор   во Република Северна Македонија, која освен за домашниот пазар прераснува и во сертифициран процесинг  центар од регионални размери. Основната дејност на друштвото опфаќа процесирање трансакции со платежни картички, управување со АТМ и ПОС-мрежа, е-трговија, персонализација на дебитни и кредитни платежни картички и на неплатежни картички, како и сервиси на дежурен центар. За достигнувањата и плановите разговараме со Филомена Пљаковска-Аспровска, претседател на Управниот одбор и извршен директор на КаСис АД Скопје.



Повеќе од две децении можете да се пофалите со континуиран раст и успешно работење. Како ја оценувате 2022 година?

Пљаковска-Аспровска: КаСис АД изминативе две децении докажа дека има капацитет и инструменти за континуиран раст и успешно работење. Со почитување и имплементација на сите домашни регулативи и стандарди од меѓународните картични шеми, КаСис е компанија која и од технички и од безбедносен поглед е подеднаква во квалитет со процесори од глобални размери.
За 2022 година може да се каже дека беше пред сè година со висока неизвесност и забавување на глобалната економска активност. За нас како компанија сето ова придонесе за висока работна и иновативна свест.
Годинава ја завршуваме со раст од 10 % во споредба со минатата година, сите инвестиции кои беа планирани се реализиран, станавме официјален сертифициран процесор и за Discover мрежата, а и имаме нови клиенти од регионот за што сме посебно горди. Бројот на е-продавници и на трансакции бележи раст од 12 % во однос на 2021 година.
Се посветуваме на работата и на креирање на новитети за сите финансиски чинители кои придонесуваат за зголемување на вработеноста, на економскиот развој на земјава и раст на нивото на конкуренција.
Посебно би истакнала дека во 2022 година заедно со банките преку промоции на е-трговија и стимулација за отворање на нови е-продавници придонесовме за раст на довербата на граѓаните во иновативните дигитални канали за плаќање.

Годинава одбележавте и 15 години од првата е-трговска трансакција. Каква е улогата на КаСис во доменот на е-трговијата?

Пљаковска-Аспровска: Првата е-трговска трансакција е реализирана на 7 ноември 2007 година со картичка издадена во Македонија, а на 7 декември со странска картичка. Во тоа време картичките сè уште беа нов инструмент за плаќање, а беа неопходни за онлајн купување. Моравме да ги едуцираме корисниците, да изградиме доверба и сигурност за онлајн купување и за слободно и масовно користење на картичките во е-трговијата.
Довербата во картичката како инструмент за плаќање беше и сѐ уште е главен императив во промовирање на секој нов сервис и иновација. Најважно е купувачите и имателите на картички да се чувствуваат сигурни при оставање на своите податоци и податоците за своите картички на интернет.
Изминативе 15 години секоја нова инвестиција и нова функционалност што ја воведувавме беше резултат на следење на светските трендови и слушање на потребите од клиентите од различни дејности и индустрии и со различни бизнис-модели. Континуирано воведувавме новитети соодветни за различните бизнис-модели, нови функционалности и иновативни решенија кои го поттикнуваат развојот на компаниите, но и на економијата.
Освен основните трансакции за купување, односно плаќање, од самиот почеток воведовме и плаќање во два чекори со предавторизација и комплетирање, што овозможува ефикасност во плаќањата зависно од залихите на страната на трговецот и плаќање на рати, што беше неопходно имајќи го предвид начинот на плаќање со чекови кои сè уште беа присутни во тоа време.
Први воведовме рекурентни плаќања исклучително погодни за трговците и бизнисите кои нудат услуги кои периодично се наплатуваат и можноста за зачувување на картичка што овозможува плаќање со еден клик.
Сите овие новитети влијаат на подобрување на корисничкото искуство, едноставност во процесот на плаќање, истовремено одржувајќи ја безбедноста на највисоко ниво.
Денес имаме изграден одличен партнерски однос со 3 банки и 2 финансиски друштва од земјава и регионот, на платформата интегриравме повеќе од 1 050 електронски продавници, месечно процесираме повеќе од 450 000 трансакции и секој ден заедно со нашите партнери и корисници растеме.

Во услови на брз развој на е-трговијата, особено во време на пандемијата и зголемен обем на трансакции и број на луѓе кои плаќаат на интернет, неминовно се поставува прашањето дали се безбедни онлајн плаќањата на македонските граѓани.

Пљаковска-Аспровска: Kако независен процесор сертифициран од страна на MasterCard, Visa и Diners International доследно ги следиме и практикуваме меѓународно прифатените стандарди за работа, како и усогласеноста со таквите стандарди со една единствена цел – обезбедување висок степен на безбедност и оперативна доверливост на своите клиенти. Како компанија продолжуваме да се стремиме кон eфективни и ефикасни капацитети за сигурност, заштита и превенција од злоупотреба на картичките, кон соработка со сите засегнати страни и заедно со банките настојуваме да обезбедиме електронската трговија и употребата на платежната картичка како медиум да се перципираат како доверливи и достапни инструменти за клиентите.
Генерално гледано можам да кажам дека нашава држава има сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување поддржано од квалитетно изградени капацитети, висококвалификувани експерти, изградено ниво на доверба, како и национална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста. Кај нас доследно се следи Акцискиот план за имплементација на Стратегија за сајбер безбедност 2018 – 2022 година и тој се развива во делот на одредени поглавја, како пример, направен е развој на национална таксономија за сајбер инциденти.
Сите чинители, банките, Народната банка, асоцијациите и ние како компанија континуирано соработуваме и го даваме својот максимум во развивање на решенија за јакнење на безбедноста.

КаСис е препознаен како работна средина во која особено се вреднуваат личните квалитети, компанијата нуди можности за надоградување на кадарот и се негува атмосфера на тимска работа и оддавање признание на сечиј придонес. Како стигнавте до таква компаниска култура?

Пљаковска-Аспровска: За сите успеси на КаСис најзаслужен е тимот на посветени и вредни колеги, експерти во својата област и вистински професионалци. Неуморно работат целата инфраструктура да функционира беспрекорно, непречено да се реализираат трансакциите за трговците да можат да ги понудат своите услуги без ограничувања во простор и време, а имателите на картички безбедно да плаќаат без просторни и временски ограничувања.
Свесни сме за предизвиците со кои жените се соочуваат на работното место, особено додека се обидуваат да се искачат на корпоративната скала до одлучувачки и извршни позиции. Глобално во светот многу се зборува за разликите во плати (salary gap), за поставувањето повисоки стандарди за жените споредено со нивните машки колеги, за соочување со постојани родови стереотипи, едноставно не е лесно за жените да се добие и да се одржи лидерска позиција.
Среќна сум што повеќе од 2 децении сум дел од компанија каде што родовиот јаз не постои. Во КаСис, од тројца членовите на Управниот одбор две сме жени. На сите, на жените и на мажите, им посакувам работно место со пријатна работна атмосфера како во КаСис каде што секогаш се нудат еднакви можности за професионален развој, секогаш се оценуваат само работата и трудот без разлика на полот, секогаш се вреднува придонесот и секогаш се препознаваат различноста, перспективите и специфичните вредности што ги носат различните луѓе со различно потекло.
Особено настојуваме сите да имаат еднакви можности за стекнување нови знаења, за надоградување на своите вештини и способности и за напредување во компанијата.

Вие сте дипломиран електроинженер, магистранд на Економскиот факултет при УКИМ, алумни на Schulich School of Business, York University Toronto CA и стипендист на Kellog School of Management USA. Неодамна бевте панелист на Годишната конференција на EWPN во Амстердам како македонски амбасадор во мрежата на European Women Payments Network (EWPN). Колку постојаното учење, себенадоградувањето и контактите ве прави подобар менаџер?

Пљаковска-Аспровска: Јас сум поборник на континуирано учење. Можеби и тоа што професијата ми е во динамична индустрија која постојано се менува и во која секогаш има нешто ново да се научи придонесува за тоа да бидам постојано во процес на учење. Од студискиот престој во САД до панелите како овој во Амстердам, сите тие активности ги гледам како можност за споделување и стекнување знаење, како можности за надоградување на моите менаџерски вештини.
Самиот поим менаџер еволуираше и сега веќе најдобрите извршни директори ја разгледуваат целта на нивната организација откако ќе се запрашаат зошто постои, препознавајќи дека мерењето на стратегијата според целта може да открие нови можности за развој. Дополнително, водењето со цел може да го зголеми задоволството и да ја зголеми лојалноста на вработените. Лидерството е поврзано со врските и односите што ги градиме со луѓето. Тоа е тоа. Извршен директор во 21 век ги става луѓето во центарот на процесот на донесување одлуки за да поттикне долгорочен успех.
Мојот ангажман во European Women Payments Network (EWPN ) е токму во насока на градење врски и стекнување на знаења кои верувам дека ме прават подобар лидер на КаСис.

Какви се плановите на КаСис за 2023 година?

Пљаковска-Аспровска: Годината ќе ја стартуваме со лансирање на новата и најсовремена платформа за електронска трговија развиена во најнови технологии, која ќе овозможи развој на нови функционалности и пресретнување на потребите на пазарот, подобрено корисничко искуство и флексибилност за нови иновативни решенија и бизнис-модели.
Нашата стратегија е насочена кон континуирано инвестирање во напредна технологија која придонесува кон врвно корисничко искуство, пред сè за нашите банки, но и за клиентите во регионот.
Имајќи предвид дека сме сертифицирани по стандардите PCI DSS, PIN PCI, PCI Card Production, ISO 27000 и ISO 20000, за нас нема пречка во светската мапа за дејствување и давање на ИТ-професионални сервиси.
Во континуитет инвестираме во хардверски и софтверски решенија за одржување на безбедноста на инфраструктурата, подобрување на капацитетите и воведување нови и современи решенија за клиентите.
Во КаСис продолжуваме да ги следиме трендовите, секогаш ќе бидеме чекор пред времето, спремни да понудиме дополнителна вредност. КаСис ќе остане стабилен, сигурен и безбеден партнер од причина што во секој чекор ги инкорпорираме нашите корпоративни вредности: транспарентност, култура на отворена комуникација, општествена одговорност и толеранција, високи професионални стандарди и висок степен на личен интегритет и посветеност.


Разговараше: Кирко Бошкоски

ПРЕПОРАЧАНО