Интервјуа

Петровски: Со луѓето мора стручно и континуирано да се работи

Интервју со Дарко Петровски, претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси

Дарко е претприемач, деловен и менаџмент консултант, менаџер и експерт за човечки ресурси, предавач, тренер и ментор со долгогодишно искуство од речиси три децении во бизнисот. Тој е основач на Талент бизнис инкубаторот Степап (STEPUP). Автор е на книгата „Стратегиски пристап кон управувањето со таленти“ и на неколку научни и истражувачки трудови. Како еден од основачите и актуелен претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси, со него поразговаравме за случувањата на домашниот пазар на работна сила, односно заминувањето на значаен број на лица во странство, за најновите светски трендови во сферата на управувањето со човечките ресурси, за вештачката интелигенција и како таа ќе влијае врз во работните процеси итн.


Вие сте претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси. За почеток, кажете ни нешто повеќе за „личната карта“ на Асоцијацијата, за вашите членки и досегашните активности.

Д. Петровски: Македонската асоцијација за човечки ресурси се формираше пред точно 14 години во Скопје. Јас бев еден од педесетината професионалци во областа менаџмент со луѓе кои со поддршка на Американската агенција за развој (УСАИД) ја основаа МАЧР и учествував во нејзиниот постојан раст во различни улоги како член на Управниот одбор, претседател на Надзорниот одбор, генерален секретар, а во 2018 година бев избран за нејзин претседател. Основањето на асоцијацијата беше поврзано со потребата за афирмација на професијата менаџмент со човечки ресурси и за поддршка на развојот на менаџерите, на професионалците и специјалистите, како и на носителите на промените и на развојот на македонските организации.
Од своето основање постојано се развиваме, што се гледа од бројот на членови кој до денес надминува 500/600 индивидуални членови, а од 2019 година воведовме и корпоративно членство кое е во постојан пораст и очекуваме оваа година да го достигнеме бројот од триесет реномирани македонски компании со изразена ориентација кон луѓето и своите вработени. За да го постигнеме овој интерес, на годишно ниво нудиме услуги и редовно организираме специјализирани работилници и образовни програми, настани за вмрежување и размена на искуства, саемски манифестации и го издаваме двапати годишно нашиот специјализиран весник „Човечки капитал“.
МАЧР е членка на Европската асоцијација за менаџмент со луѓе (EAPM) и слободно можам да кажам дека сме едни од најактивните и најпрогресивните во нашиот регион на Јужна и Југоисточна Европа, што беше и потврдено во септември минатата година во Истанбул со мојот избор за член на Управниот одбор.

Како ја оценувате перцепцијата на бизнис-секторот во земјава за значењето на управувањето со човечките ресурси? Познавам сопственици на бизниси и врвни менаџери кои велат дека независно од технологијата човекот е највредниот ресурс во бизнисот. Кое е вашето мислење?

Д. Петровски: Речиси 30 години го следам економскиот развој, а и самиот сум дел од важната професија за менаџирање со луѓето половина од мојот работен век. Врската меѓу човекот и технологијата стануваат клучни за натамошниот развој на човештвото. Морам да забележам дека како земја значително доцневме во однос на развиените економии. Затвореноста на македонската економија, големата стапка на невработеност и немањето неопходност од конкурентност ги постави сопствениците и врвните менаџери во компаниите во супериорна положба наспроти работната сила. Но, состојбите се изменија, особено во изминативе 7 до 8 години.
Се согласувам со вашата констатација дека сѐ повеќе сопственици и врвни менаџери во македонските компании ја препознаваат вредноста на човечкиот капитал, пред сè како резултат на промените на пазарот на труд, но и на развојот на технологијата. Дури сметам дека тие, особено малите и средните компании без капацитети за управување со луѓе, кои во најбрз рок нема да ја согледаат реалноста и следствено на тоа итно не преземат мерки во сопствените компании, ќе бидат неми сведоци на пропаѓање на своите бизниси.

Дали случувањата на домашниот пазар на работна сила, односно заминувањето на значаен број на лица во странство ја засили перцепцијата за значењето на човечките ресурси?

Д. Петровски: Македонските сопственици и врвни менаџери беа со децении навикнати на непресушен извор на работна сила. Со влошувањето на општествените услови за живеење, поинтензивниот влез на странските инвестиции и зголемувањето на глобалната побарувачка за компетентна работна сила, нашиот пазар на труд е во голема мерка испразнет со тренд на натамошно влошување на состојбите. Заминувањето на работници во странство, а особено одливот на висококвалификувани млади таленти (мозоци), е неповолно за македонските компании. Оттаму потребата од стратегиски пристап кон човечкиот капитал како на државно ниво така и на ниво на секоја организација е неминовност. Едноставно, со луѓето мора стручно и континуирано да се работи.
Како земја сè уште имаме голем потенцијал кој би можел со премин од јавниот сектор да ги пополни празнините во приватниот сектор. Но, за тоа се неопходни сензитивни политички одлуки и време за неопходната преквалификација и доквалификација. Во таквите напори, МАЧР може да одигра значајна улога, од една страна како општествен партнер и агент за трансформација, а од друга за да ги приближи најдобрите светски практики и да ја унапреди стручноста кај постоечките ЧР-менаџери и специјалисти и така да им помогне на организациите да ја подобрат својата конкурентност преку своите вработени, не само во национални рамки туку и во регионот, па и глобално.

Вештачката интелигенција влезе во нашите животи. Она што порано беше ексклузивитет на животите на ИТ-експертите сега во одредена форма е достапно секому. Како ќе влијае ова на „местото и улогата“ на човечките ресурси во работните процеси?

Д. Петровски: Слушаме најразлични реакции за влезот на вештачката интелигенција која има влијанија на повеќе сектори. Таа нуди помош и предности, пред сè во делот на ефикасноста на деловните процеси. Но, како и секој новитет, и овој ќе помине низ повеќе фази на прифаќање и примена бидејќи покрај корист постои и ризик од значителни грешки. Оттаму повторно ќе биде клучно знаењето на луѓето да го проценат резултатот што ни го нуди вештачката интелигенција и да донесат правилна одлука во примената. На пример, алатката ChatGPT веќе наоѓа своја примена во образованието, консалтингот, дизајнот и во многу други области.
Историски гледано, сите технолошки револуции наидувале на отпор и спротивставување, особено кај работната сила која во такви услови се чувствува загрозена поради ризикот од губење на работните места. Тоа е резултат на природната особина на луѓето и на општествата да не ги следат промените и да не се прилагодуваат лесно на нив. Но, тоа може да се надмине со превенција преку соодветно насочување и понуда на програми за преквалификација и доквалификација, што токму во организациите е една од основните задачи на менаџерите за човечки ресурси. Новите услови неминовно ќе доведат до намалување на потребата, па дури и до одумирање на некои професии, а од друга страна до создавање нови, што е вообичаена динамика во светот на бизнисот.

Кои се најновите светски трендови во сферата на управувањето со човечките ресурси?

Д. Петровски: За да ги согледаме најновите трендови во управувањето со луѓето, треба да ги анализираме трендовите во бизнисот, економијата и на работното место. Тука, пред сѐ, би ги издвоил процесите на дигитализација, потребите за иновации и брз развој и освојувањето на глобалните пазари. Оттаму како најактуелни ги издвојувам војната за таленти, потребите за организациска трансформација и развој на човечките ресурси, како и концептите за искуството на вработените, за ангажираност и за добросостојба на вработените.
Во насока на идентификација на трендовите, МАЧР активно учествува во студија која ја реализира Светската федерација на асоцијации за менаџмент со луѓе (WFPMA) во соработка со Бостон консалтинг групата (BCG). Последното истражување се спроведе во 2020 и 2021 година со учество на 113 земји и 6 686 учесници, а резултатите беа презентирани во рамките на нашата годишна меѓународна ЧР-конференција во октомври 2021 година. Покрај традиционалните стратегиски менаџмент со луѓе и лидерство, високо на табелата се ангажираноста и добросостојбата, учењето и развојот, пре- и доквалификација, бренд на работодавач, способности за менаџмент со промени итн.
МАЧР во моментов спроведува кампања за учество во најновото истражување, па упатувам повик до сите сопственици, врвни менаџери, менаџери и специјалисти за човечки ресурси да се вклучат во ова истражување со што и ние ќе дадеме придонес во оценка на состојбите и во утврдувањето на потребите и приоритетите од повеќе различни сектори и индустрии. Повеќе информации може да се најдат на нашата интернет-страница и на социјалните медиуми на МАЧР.

Кој профил на кадар е најтешко да се обезбеди?

Д. Петровски: Во развиените земји, главниот недостаток на кадар е за висококвалификувани тесно специјализирани профили кои работат во делот на развој и иновации на продукти, технологии и услуги. Тука предничат кадрите од информатичките технологии поради пропулзивниот развој на оваа гранка во изминатиов период. Но, и во тие економии сè повеќе се чувствува недостатокот на профили во областа на туризмот, на инфраструктурните и сервисните услуги, кои тие го задоволуваат преку привлекување на кадри од помалку развиените земји.
Кај нас состојбите не се многу поинакви, па така меѓу најбараните со високообразовна стручна подготовка се информатичарите и програмерите, кадри од другите инженерски струки од областа на машинството, на електротехниката, на електрониката, на градежништвото. Сепак, се чини најтешко е да се обезбедат специјализирани профили со средна стручна подготовка како што се заварувачи, оператори на нумерички машини, техничари за одржување од машинска, електротехничка и електронска струка, градежни, фармацевтски техничари и медицински сестри и работници во туризмот и угостителството. Практички недостасуваат оние профили кај кои е најголемо иселувањето или сезонскиот одлив во странство.

Во мај ќе се прославува Меѓународниот ден на човечките ресурси. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

Д. Петровски: Меѓународниот ден на човечките ресурси (#IHRD) се одбележува на 20 мај во целиот свет. Ние, како и во претходните години, со нашите активности се придружуваме кон активностите на другите национални асоцијации членки на Европската асоцијација за менаџмент со луѓе (ЕАРМ). Имајќи предвид дека оваа година 20 мај е во сабота, во рамките на ЕАРМ се договоривме под мотото „Обликување на новата иднина“ активностите со фокус на 4 теми: доверба; еднаквост, различност и вклученост; добросостојба и рамнотежа меѓу работата и животот; и одржливо работење; да ги реализираме во претходните денови, па така на 16 мај 9:00 – 11:30 часот овозможуваме вклучување на сите наши заинтересирани членови и поддржувачи на глобалниот онлајн вебинар во живо „Иднината на работењето се менува, а ти?“.

Како ќе го одбележи Македонската асоцијација за човечки ресурси Меѓународниот ден на човечките ресурси?

Д. Петровски: МАЧР веќе неколку години овој ден го одбележува со нашиот најважен национален настан – доделувањето на наградите за најдобар менаџер за човечки ресурси, најдобар млад ентузијаст за човечки ресурси и најдобри практики за менаџмент со човечки ресурси за 2022 година. Оваа година настанот ќе го одржиме во вечерен термин на 17 мај (среда) во Јавна соба и сакам да ги поканам сите наши членови, пријатели и поддржувачи да ни се придружат на настанот преку кој сакаме да ги промовираме нашата професија и нашите најистакнати професионалци и компании. Настанот ќе биде убава можност за прослава на заедничките вредности кои сите ние во професијата ги носиме и за масовна дружба и вмрежување.
Покрај тоа ќе им овозможиме на сите професионалци кои се дел од нашата заедница поддршка и визуелни материјали за промоција на професијата и на нејзиното значење во рамките на своите организации.

Во септември Македонската асоцијација за човечки ресурси ќе ја одржи својата редовна годишна конференција. Годинава таа е и јубилејна, 15. конференција. Какви се плановите во однос на содржините на конференцијата?

Д. Петровски: За нас ова е извонредно значаен јубилеј и ќе обезбедиме богата програма во рамките на овогодишната тема на конференцијата: „Човечките ресурси во ерата на иновациите – навигација на иднината на работењето“ (HR in the Age of Innovation – Navigating the Future of Wor). Терминот за Меѓународната конференција е планиран за 28 и 29 септември и очекуваме да собереме на едно место повеќе од 20 меѓународни мотивациски говорници, врвни менаџери и практичари во областа на менаџирање со организации и луѓе и претставници од академијата кои ќе презентираат најактуелни теми и искуства, како и повеќе од 300 учесници од земјава, регионов и од Европа. Покрај тоа ќе организираме повеќе практични работилници, а ќе ја одржиме и нашата традиционална ЧР-експо (HR-Expo) изложбена манифестација.


Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано