Вести
Танге: Сонот на архитектите е да бидат во градот кој го создале, татко ми би сакал да биде во Скопје и да му помогне да расте
Интервју со Пол Танге, архитект, син на Кензо Танге, една од најпознатите личности во целата приказна за обновата на Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2023г.
Господине Танге, по земјотресот во 1963 година, Обединетите нации имаа посебен фонд за конкурс на кој победи вашиот татко Кензо Танге, една од најпознатите личности во целата приказна за обновата на Скопје. Дали Скопје, градот на солидарноста што го обедини светот во ерата на Студената војна, беше ветената земја за наградуваниот архитект од Јапонија Кензо Танге, каде што ќе може да ги помести границите на своите идеи со овој мастер (сеопфатен) план?
Пол Танге: Ова беше првиот странски проект на татко ми. И, се разбира, ова е сеопфатен (мастер) план од големи размери. Видел дека околу 70 % од градот е уништен, но останале 30%. И наместо да ги урне тие објекти, тој мислел дека би било значајно да се зачува таа историја. Затоа го создал градскиот ѕид, кој е вертикален простор за живеење, но всушност обиколување на она што останало во градот Скопје по уништувањето (земјотресот).
Размислувал како урбанист, урбан проектант.
Сфатил дека што е можно побргу градот мора да заживее. Тоа значи дека е важно да се создаде заедницата бидејќи заедницата беше уништена и оттаму е идејата за создавање градска порта, која е во центарот на градот, каде што луѓето може да работат, а градскиот ѕид да го претставува стариот град и новиот вертикален жив град, кои може да коегзистираат. Притоа да се почитуваат истовремено и историската ситуација и модерноста.
Почестени сме што сме дел од историјата на Скопје во обновата од разурнувачкиот земјотрес.
Колку сте запознаени со посебната улога на Програмата за развој на Обединетите нации како координатор на реконструкцијата тогаш и денешната улога на УНДП, 60 години потоа? УНДП денеска ги координира напорите на сите засегнати страни заедно да одбележат 60 години од земјотресот, враќајќи го духот на солидарност кој изгледа малку изгубен во современиот начин на живеење.
Пол Танге: Мислам дека УНДП направи прекрасна работа. Јас, пред едно десет години, го посетив Скопје и имав увид каде е спроведен дел од мастерпланот на татко ми, како и системот на архитектура што го предложи тој, еден вид вертикален елемент со хоризонтален простор за живеење.
Тој беше многу заинтересиран за имплементирање на овој вид систем, кој архитектонски и урбанистички е доволно силен да се одржи цело време.
И затоа УНДП одигра важна улога во тоа време и ја поддржуваше таа идеја. Мислам дека ни треба некој кој може да ја координира работата за да се осигури дека нејзиниот темел ќе се задржи.
Затоа, извинете што не сум во Скопје да го видам, но сигурен сум дека во изминативе десет години градот дополнително пораснал.

Обновата на Скопје по земјотресот беше значаен проект за земјава, за вашиот татко и имаше трајно влијание врз архитектонскиот изглед на градот. Дали мислите дека неговата работа во Скопје ја одразува неговата архитектонска визија и филозофија на живеење?
Пол Танге: Се разбира, татко ми беше под големо влијание на модернистичките архитекти и затоа тој опширно ја проучуваше преку патувања низ Европа и САД, гледајќи ја модерната архитектура.
И тоа беше првиот чекор за него. Значи, идејата е дека искуството од работата во Скопје го направи неговиот поглед на светот сосема поинаков.
Ние во архитектурата, знаете, не сме како математичарите, затоа што ние имаме многу одговори. Ова беше еден значаен чекор во неговата работа да создаде нешто што го имал на ум и да одговори на реалните состојби. Значи, ова беше многу важна пресвртница во неговата кариера за креирање на урбанистички дизајн, урбанистичко планирање во Скопје, кое беше спроведено како што тој замислил, би рекол.
Еднаш го цитиравте вашиот татко дека „Не е добро за архитект да ја дизајнира својата куќа“. Тој се пошегува велејќи дека секој член на семејството може да се жали, но тој, архитектот, не можел да го стори тоа. Дали е така и за градовите, дали е добро архитектот да живее во град што го дизајнирал?
Пол Танге: Тоа е интерна шега во семејството затоа што, знаете, јас, мајка ми, сите, семејството, ние секогаш велиме дека живееме во оваа куќа. Не ми се допаѓа ова, не ми се допаѓа тоа и така натаму. Но, само ние тоа можеме да го кажеме. Татко ми како архитект и човекот кој ја изградил куќата, не може да се пожали.
На шега го кажа тоа. Но, реалноста воопшто не е таква. Шетав низ една зграда со татко ми кога беше завршена и тој ми посочуваше многу работи кои можеле и поинаку да се решат.
Но, сега кога сум во компанијата, разбирам, бидејќи како што реков, нема едно решение во архитектурата или дизајнот.
Кога бев млад архитект не можев да разберам зошто е толку критичен. Всушност, тој секогаш се обидувал да види друг начин како да се направи нешто. И сега кога шетам низ завршена зграда и јас го правам истото тоа.
Се разбира дека вистинскиот сон на архитектите и на урбаните дизајнери е да бидат во просторот кој го создале. Затоа, за градот кој го дизајнираше тука, тој би сакал и самиот да биде во Скопје и да му помогне да расте.