Интервјуа

Пандев: Новиот проект е совршена комбинација на бизнис и фудбал

Интервју со Горан Пандев | Македонска фудбалска легенда

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.

Вие сте македонска фудбалска легенда. Во оваа прилика ќе разговараме и за фудбалот, но и за бизнисот. Да го започнеме разговорот со темата лидерство. Што е за вас лидерство, на фудбалскиот терен и воопшто, надвор од него?

Г. Пандев: Лидерство е збор што, според мене, носи многу голема одговорност. За да бидеш лидер во репрезентација, пред сѐ, треба да го даваш максимумот на секој натпревар и да бидеш пример за сите не само на теренот туку и надвор од него. Луѓето во тебе препознаваат човек лидер кој може да се носи со таа титула и да биде лицето на една екипа.
Јас играв во многу клубови, а и во репрезентацијата на Македонија, и за мене е чест што луѓето го препознаваат тоа лидерство кај мене. Секогаш се трудев на помладите да им го покажам подобриот пат, правилниот пат, да ги охрабрам да се трудат и да го даваат максимумот на теренот и надвор од него. Ние фудбалерите сме јавни личности и затоа треба да бидеме пример за другите.
Горд сум на тоа што го направив во мојата кариера бидејќи постигнав многу голем успех како на клупски така и на репрезентативен план и горд сум што луѓето во мене препознаваат еден тивок лидер. Јас се трудев никогаш да не бидам препотентен, да не ги напаѓам луѓето и не ја барав вината во некој друг ако го изгубиме натпреварот, туку секогаш се трудев да се однесувам коректно, да го давам максимумот, да бидам пример за помладите и сите околу мене, а истовремено да имам почит кон постарите. Така го изградив моето лидерство.

Поврзано со темата лидерство, кој е најдобриот фудбалски тренер со кој сте соработувале и зошто? Дали е тоа можеби Жозе Мурињо или некој друг?

Г. Пандев: Среќен сум што во мојата богата фудбалска кариера имав многу добри тренери. Секој од нив има свој став, сопствен приод и начин на работа и посебен однос спрема играчите.
Кога зборуваме за лидерство и став, еден од најдобрите тренери на светско ниво, според мене и најдобар, е Жозе Мурињо. Тој беше вистински лидер. Тој тоа го покажуваше на теренот, но многу повеќе и надвор од него бидејќи беше човек кој секогаш застануваше зад нас играчите, и во добри и во лоши моменти. За секој лош резултат или проблем, предизвик, ја прифаќаше својата одговорност. Сигурен сум дека ако не беше таков лидер, тој немаше да направи толку голем успех во неговата огромна фудбалска кариера. Едноставно речено, човекот е роден, незаменлив лидер.

Од оваа сезона во Првата македонска фудбалска лига ќе се натпреварува ФК Академија Пандев Брера Струмица. Клубот има нов доминантен сопственик. Кажете ни повеќе детали за што се работи, какви се плановите, фудбалски и бизнис, на краток и на долг рок.

Г. Пандев: На мое огромно задоволство, оваа година започнуваме поинаков и досега невиден проект со Брера холдинг, огромна компанија која котира на НАСДАК (NASDAQ) во Америка, со кои заеднички ќе внесеме свеж бран во македонскиот професионален фудбал. Создадовме нов, осумчлен Борд на директори кој е силно мотивиран да ја надополни мојата визија поради која и е формиран клубот Академија Пандев. Како досегашен и понатамошен претседател главна цел ќе ми биде проектот да трае и да се развива на долги патеки. Со нашата работа сакам да иницираме многу промени во начинот на функционирање на еден прволигашки клуб како на маркетиншки така и на бизнис-план. Со иновации, со посветеност и со модерни практики да го донесеме европскиот менталитет и кај нас. Секако, во спортот главен е конечниот резултат, затоа движечка сила ќе ни бидат добрите резултати, трофеите и сè поголеми успеси со кои редовно ќе обезбедуваме место на европската сцена. Нашиот пат ќе биде долг, но новиот Стручен штаб од Италија е еден од првите чекори за враќање на нашиот клуб и фудбалот во Струмица во полн сјај. Публиката и Македонија тоа го заслужуваат.

Од друга страна, и вие станавте член на Бордот. Што значи тоа како бизнис-потег?

Г. Пандев: Да, станав член на Бордот на директори. Имам свој удел во Брера холдинг во НАСДАК (NASDAQ) и тоа го гледам како одличен бизнис. Знаеме дека фудбалските кариери се многу кратки и сега откако завршив со мојата како играч, се одлучив за нов потег. А што друго ако не поврзување со големи имиња и играчи од светски ранг. Како што секој би посакал. Како што научив да размислувам и да дејствувам движејќи се во тие кругови. Мислам дека ова е вистинскиот проект за мене бидејќи се работи за совршена комбинација на бизнис и на фудбал.
Целата моја кариера ја поминав фокусиран на фудбалот, а сега можам да навлезам и да учам за бизнисот, од луѓето во Бордот на директори, со докажани проекти и искуства, од Америка и од Италија. Бидејќи јас немам доволно искуство во бизнисот, подготвен сум да ги следам искусните. А верувајте тие знаат што прават. Од она што го видов со нив досега се гледа дека во заднина стојат исклучителни луѓе кои ги креираат светските трендови. Така јас ќе им помогнам во фудбалскиот дел, а тие мене во бизнис-делот. И затоа сме одлична комбинација.
Направивме еден Борд на директори со искуство и во бизнисот и во фудбалот и убеден сум дека овој спој ќе даде резултати.

Размислувавте ли некогаш да го преземете ФК Вардар имајќи го предвид неговиот потенцијал, и на спортски и на бизнис-план?

Г. Пандев: Вардар со сигурност е еден од најголемите клубови, ако не и најголем бренд во нашава држава. Се работи за клуб со долга историја и со најмногу освоени титули од своето постоење. Гледано од страна на бизнисот, Вардар е идеалниот тим во кој би можело да се вложи. Но, од друга страна, тој со себе носи многу други поголеми обврски имајќи ја предвид ситуацијата во која се наоѓа во моментов. Сега не размислуваме за таков потег, но можам да кажам дека Вардар е навистина интересен проект што може да порасне во голем бизнис. Сѐ што треба е клубот да го преземат и да го водат вистински луѓе.

Да се свртиме кон случувањата во фудбалот. Како ја оценувате работата на Фудбалската федерација на Македонија?

Г. Пандев: Па, како да ја оценам нивната работа?! Очекував многу повеќе од оваа гарнитура на луѓе. И, за жал, разочараноста кај мене е голема. По многу години успеавме да се пласираме на Европското првенство и луѓето како да мислеа дека сега успехот ќе си дојде сам по себе.
Мислев дека ќе го подигнат фудбалот на многу повисоко ниво во Македонија, но до ден-денес гледаме како клубовите едвај преживуваат. Стадионите ни се во катастрофална состојба и немаме никаква инфраструктура. Ако сакаме да напредуваме и да се приближиме на квалитетот на лигите на нашите соседи Србија и Хрватска, треба да почнеме од инфраструктурата. Ако ние итно не вложиме во добра инфраструктура, ќе продолжиме да тапкаме во место и работите ќе стануваат уште полоши.

Што треба да се направи поинаку? Дали со вашиот личен интегритет и искуство би се вклучиле во своевидна трансформација и поставување на ФФМ на една поинаква развојна патека?

Г. Пандев: Секако, подготвен сум да му помогнам на ФФМ и со задоволство ќе го пренесам дома моето долгогодишно искуство од странство. Имам идеи и знаење за барем малку да го подигнеме нивото на македонскиот фудбал. Но, знаете, треба да има одговорност и од другата страна и желба да седнеме на маса и да разговараме. Моите идеи се многу поголеми и едноставно сакам еден ден нешто да им остане на нашите луѓе, на помладите генерации во Македонија. Да оставиме терени, да имаме телевизиски права, клубовите да бидат заштитени, Судискиот одбор да се чувствува многу подобро, целата лига да ни биде многу поорганизирана, бидејќи ваква каква што е сега сметам дека тешко ќе одиме напред.

Збор-два за Македонската фудбалска репрезентација. Каква е вашата оценка за состојбата? По првиот пласман на едно Европско првенство, во повеќе наврати губиме натпревари од репрезентации кои се полошо рангирани во дадениот момент од нас на ранг-листата на ФИФА.

Г. Пандев: Навистина ми е жал за ситуацијата во фудбалската А-репрезентација на Македонија. На стара слава не се живее. Кога требаше да добиеме најголем полет, по Европското првенство, ние едноставно застанавме. Проблемите не можам точно да ги адресирам бидејќи не сум директно вклучен во фудбалската репрезентација или во Стручниот штаб за да ги знам деталите со кои се соочуваат, но искрено, жал ми е за една генерација која можам да потврдам дека е најдобрата која сме ја имале во фудбалската историја на домашниот фудбал. Овие играчи само треба да се надградуваат, но како што гледаме однадвор, атмосферата внатре е хаотична, а луѓето во Федерацијата не можат да се справат со тоа. Едноставно кажано, губиме сите ние. Губиме како навивачи, губи Федерацијата, а со тоа и самите репрезентативци. Добро ги познавам момчињата, ги знам нивните квалитети, речиси сите ги знам и карактерно и се надевам дека во иднина ќе се вратат резултатите.

Можеме ли да имаме добра репрезентација без квалитетно домашно првенство? Што да се направи за зголемување на квалитетот на Првата македонска фудбалска лига?

Г. Пандев: Ние секогаш сме имале. Нашата А-репрезентација и репрезентацијата до 21 година секогаш се потпирале на играчи кои настапуваат во лигите во странство. Ако сакаме во иднина репрезентацијата да ни биде на едно многу подобро ниво, не само А-репрезентацијата туку и младинските категории, тогаш треба многу да го подобриме квалитетот во македонската лига. Мислам дека фокусот треба да се стави на македонската прва и втора лига или да се размислува да се направат Б-тимови за оние деца кои повеќе немаат право да играат во младинските категории да можат да настапуваат за вториот тим на своите екипи. Сметам дека можеме многу подобро да го изменаџираме капацитетот на играчите. За жал, како што веќе спомнав, ние тапкаме во место и 30 години не сме промениле ништо клучно, а најстрашно од сè е што немаме ни идеја ни визија како да стигнеме до промените. Се сменија многу гарнитури во Федерацијата, но никој не излезе со јасен став и јасен проект да каже од каде треба да се почне.

Сте настапувале за повеќе врвни фудбалски тимови. Како изгледаат фудбалските гиганти однатре на организациски план? Што е она што ви остави силен впечаток?

Г. Пандев: Имав среќа да играм во многу големи европски клубови како што се Лацио, Интер, Наполи, клубови кои секоја година се натпреваруваат во европските купови. Имав уште поголема среќа да ја освојам Лигата на шампиони со Интер, да го освојам италијанското Скудето, како и повеќе купови во Италија. Знаете, во тие големи клубови играчот едноставно мисли само на фудбалот. Организацијата е феноменална, а на играчот не може да му фали ништо бидејќи луѓето во клубот знаат кој каква функција има, секој си ја работи својата работа и екипата функционира идеално и беспрекорно. Тоа е така поставено почнувајќи од домаќините, од тимскиот менаџер, па до управата, секој си ја врши својата работа на професионално ниво и сите едноставно кажано живеат како една фамилија, како семејство. Сите работат во правец клубот да напредува и да има успех, а нам како играчи ни преостануваше само да излеземе на терен и да го дадеме максимумот.
Сега со Брера почнавме со реформи и кај нас. Се обидуваме да промениме на подобро, што повеќе и што побрзо. Сепак, тоа е процес кој ќе потрае, но ќе правиме промени кои ќе резултираат со подигање на нивото на целиот фудбал во Македонија.

Во светскиот фудбал веќе одамна се вртат астрономски суми на пари за трансфери. Гледаме што се случува во Премиер лигата на Англија, во Лигата на Саудиска Арабија. Како гледате на тоа?

Г. Пандев: Како што кажав, фудбалот е голем бизнис не само во Европа туку и во светот. Видовме што се случува во Саудиска Арабија. Со доаѓањето на Кристијано Роналдо, сите очекувавме бум на тој план. Еве, речиси и најголемите ѕвезди во фудбалот успеаја да ги однесат таму. Луѓето од раководните позиции имаат свои идеи и проект како да го развијат фудбалот во Саудиска Арабија. Затоа мислам дека во иднина арапскиот фудбал ќе има многу голема корист и на репрезентативен план бидејќи со доаѓањето на европски тренери и на вакви големи европски играчи несомнено дека и нивото на нивните домашни фудбалери ќе се подигне на многу повисоко ниво и репрезентацијата ќе има голем бенефит. Во Премиер лигата гледаме колкави се телевизиските права и гледаме какви трансфери се прават таму, луѓето го имаат многу добро разработено фудбалот како бизнис и тоа функционира беспрекорно. Затоа за мене Премиер лигата е најдобрата, во моментов број еден лига.

Зошто големите компании од земјава не покажуваат интерес да ја спонзорираат Првата македонска фудбалска лига или да купат/да преземат фудбалски тимови? Вложувањето во фудбалот како бизнис би требало да носи профит, се разбира, доколку сето тоа се прави на професионален план, со јасно зацртана стратегија и во доволно долг период.

Г. Пандев: Да бидам најискрен, не се лутам на големите компании што не беа заинтересирани посериозно да влезат во ниеден клуб во нашата македонска фудбалска лига. Гледано од бизнис-перспектива, веројатно е неисплатливо за големите фирми да влезат во македонските клубови бидејќи ништо посебно не се нуди. Знам бидејќи долги години инвестирав во Академија Пандев. Едноставно кажано, фудбалската репрезентација нема никаков проект за Првата македонска фудбалска лига, имаме катастрофални стадиони, немаме телевизиски права, сè уште тапкаме во место и нема механизам ниту идеи како да ги привлечеме овие големи компании да инвестираат во фудбалот, за да заработуваат од фудбалот. Затоа во иднина треба многу подобро да го разгледаме овој план и да се запрашаме зошто големите компании не сакаат да влезат во нашите клубови.
Од друга страна, Брера го препозна тоа и сега е друга приказна. Сега се работи на долгорочни планови и стратегија и се пренесуваат системи кои функционираат во Италија и во други земји. Тоа што ние го започнавме заедно со Брера ќе направи огромен отскок и веќе разговараме со поголеми компании заинтересирани да нè поддржат на еден или на друг начин. Дефинитвно атакуваме на најдобрите позиции и затоа и отворени сме за соработка со најдобрите. Оптимист сум и спремен сум да придонесувам и да помагам да направиме подобри услови за младите и за спортот во Македонија.


Разговараше: Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано