Интервјуа
Тортевски: Ништо не е тешко кога ќе ја најдеш работата што ја сакаш
Интервју | Ненад Тортевски | Извршен партнер во Крестон Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.
За новиот меѓународен бренд кој дејствува во делот на ревизијата на македонскиот пазар, за моменталната состојба на пазарот, како и за новите генерации на ревизори разговараме со Ненад Тортевски, извршен партнер во Крестон Македонија и добитник на наградата за најуспешни менаџери под 40 години во Европа.
Крестон Македонија е нов меѓународен бренд во делот на ревизијата активен во Македонија. Од кога постои компанијата и какви услуги им нуди на своите клиенти?
Н. Тортевски: Крестон Македонија е нова компанија која е присутна на пазарот втора година и во овој период успеавме покрај стандардните услуги на ревизија на финансиските извештаи да понудиме и други услуги според конкретни потреби (tailor-made) за нашите клиенти кои се протегаат во делот на финансиска анализа, даночно и бизнис-советување, длабински анализи, економски вештачења, проценки од повеќе области и сл. Можам да кажам дека нашите клиенти се распространети во речиси сите сектори на работењето, од производство, трговија, градежништво и услужни дејности, па до невладини организации финансирани од реномирани странски донатори. На нашите клиенти им нудиме бутик услуга (boutique service), брза и ефикасна услуга која ја добиваат од реномирани експерти во својата област.
Од април 2022 година, компанијата е независна членка на Крестон глобал. За каква меѓународна компанија станува збор? Во колку земји е присутна, колку вработени ја сочинуваат, какви услуги нуди?
Н. Тортевски: Крестон глобал е мрежа присутна во 115 земји која вработува повеќе од 25 000 луѓе во 160 канцеларии. Основана е пред повеќе од 50 години со цел да им помогне на бизнисите и на луѓето при дејствувањето на бизнисот на меѓународно ниво. Крестон глобал е 13-та најголема меѓународна глобална ревизорска мрежа во светот врз основа на прометот според светското рангирање на Меѓународниот билтен за сметководство (International Accounting Bulletin). Главната мисија на мрежата е да гради доверба и сигурност со своите клиенти како дел од долгорочно деловно партнерство и да им понуди совет и услуга врз чија основа клиентите ќе ги носат своите одлуки за раст и за развој.
Мрежата има свои канцеларии во сите земји од нашето окружување и можам да напоменам дека меѓусебната соработка со нив е на одлично ниво при што меѓусебно ги користиме услугите во двете насоки, но и ноу хау (know-how) за некои специфични прашања кои произлегуваат од редовното работење на клиентите. Исто така би сакал да напоменам дека голем дел од членките на мрежата кои вршат ревизија или им даваат други сродни услуги на своите клиенти кои, пак, имаат свои фирми ќерки во Македонија исто така ги опслужуваме преку нашата канцеларија.

Кон кои клиенти е насочена Крестон Македонија моментално и кои се плановите за во иднина?
Н. Тортевски: Најзначајно е на нашите клиенти да им ја обезбедиме најдобрата услуга која ќе биде извршена од страна на компетентни професионалци и да донесеме најсоодветно решение кое го заслужуваат клиентите. Нашето мото е дека задоволните клиенти се нашиот двигател и нивниот успех претставува и наш успех. На почетокот на нашето работење, како и во секоја нова компанија, значајно е да го утврдите капацитетот со кој располагате и можностите кои ги поседувате за да се посветите соодветно на секој нов или постоечки клиент. Затоа во овие две години од постоењето на компанијата се трудиме да не „освојуваме“ клиенти по секоја цена, туку посветено да работиме со оние клиенти кои ни ја дале нивната доверба. Плановите за следниот период, покрај постепеното органско зголемување на капацитетите и на клиентската база, е да понудиме нови услуги во нашето портфолио насочени кон сметководствените услуги за странските клиенти кои се многу актуелни во рамките на мрежата, како и воспоставување тим кој би ги опслужувал членките на мрежата во поширокиот регион со одредени „специфични“ услуги.
Како би ја оцениле моментално состојбата на ревизорскиот пазар во РСМ?
Н. Тортевски: Според последните податоци, на нашиот пазар дејствуваат 30 ревизорски друштва и 15 трговци поединци. Само 16 од нив се директно или индиректно членки на меѓународни мрежи, а останатите дејствуваат под сопствени брендови на пазарот. Во моментот се активни 200 овластени ревизори кои поседуваат лиценца за овластен ревизор од кои само половината од нив работат директно на оваа проблематика. Инаку би сакал да напоменам дека сите сертифицирани ревизори се членови на Институтот на овластени ревизори, кој е полноправна членка на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC). Институтот преку своите органи е одговорен за контрола на квалитетот на работата на ревизорските друштва и трговци поединци, спроведува полагање испити за овластени ревизори, спроведува континуирана едукација на овластените ревизори и врши останати значајни активности поврзани со Законот за ревизија.
Статистички вкупниот пазар за ревизија и други услуги за уверување во Македонија изнесува нешто повеќе од 9 милиони евра за претходната година и секоја година овој пазар расте по околу 10 % како комбиниран резултат меѓу зголемување на обемот на услуги, но и зголемување на опсегот на компании кои се предмет на ревизија и други услуги.

Неодамна бевте прогласен за еден од 40 млади успешни луѓе под 40 години во Европа. Кажете ни нешто повеќе за овој настан.
Н. Тортевски: Наградите бизнис-елит (Business Elite Awards) го слават и го препознаваат уникатното, посветено и страсно лидерство на талентираните млади лидери во светот и им дава професионален поттик со цел да го зголемат нивното влијание.
Оваа година во Истанбул, Турција, во организација на Наградите бизнис-елит (Business Elite Awards), во престижната Џираган Кемпински палата (Ciragan Palace Kempinski) на гала-свеченост беше организиран настанот на кој беа претставени 40 млади лица под 40 години на кои им беше доделено признанието за најуспешен бизнис-лидер во Европа. Овој настан беше организиран на највисоко ниво, каде што на брегот на Босфор во прекрасна атмосфера можев да разменам различни идеи со успешни млади луѓе од различни европски земји. Оваа награда, од една страна, можам да кажам дека претставува огромна чест за мене поради тоа што е признание за напорната работа и за посветеноста вложени во текот на кариерата, а од друга страна пак е и еден вид обврска која ми дава дополнителен поттик да продолжам со уште поголема посветеност кон новите цели како на професионален така и на личен план притоа носејќи се со секојдневните предизвици.
Која е вашата порака за новите генерации и како оваа професија да биде попримамлива за младите луѓе?
Н. Тортевски: Добро напоменавте во вашето прашање дека ревизијата всушност претставува „професија“ и дека новите генерации на млади луѓе треба да го сфатат фактот дека доколку сакаат да станат „професионалци“ во оваа област треба да се посветат на непрекинато учење и своја надградба како на знаењето така и на вештините со цел да станат ценети професионалци. Еден дел од овие техники младите лица можат да ги добијат преку високото образование, каде што се изучуваат постулатите на сметководството и на ревизијата, но голем дел од оние финеси кои се значајни на овој пат се стекнуваат преку секојдневното ангажирање на работното место. Големо олеснување во делот на подготовка на младите лица за пазарот на трудот би можело да биде спроведување на одредени проекти за практична работа и нивно вклучување во секојдневните активности во ревизорските друштва при што уште од студентските денови овие млади потенцијални кадри би се подготвувале за идни професионалци кои ќе продолжат успешно да дејствуваат во оваа професија.
Би сакал да им порачам на новите генерации дека ништо не е тешко кога ќе ја најдеш работата што ја сакаш бидејќи тогаш нема повеќе да работиш ниту еден ден во животот.
Ви благодариме за интервјуто.
Разговараше: Ќирко Бошкоски