Бизнис
Потенцијалот на психолошката сигурност во компанијата
Ана Салтирова Давидовски | Член на УО на МАЧР, ЧР-менаџер, НЛП тренер и коуч, тренер за личен развој, автор
Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2023г.
Во времето кое го живееме една од клучните компетитивни предности за компаниите е знаењето што го имаат вработените, подготвеноста за доживотно учење, но и иновирањето/експериментирањето со новото знаење зачинето со подготвеноста креативно да се греши, да се учи и да се продолжи понатаму збогатени со искуството од грешката која е во основа лекција кон следната скала на развој или барем така е во успешните компании.
Можеби новото време не бара да се работи понапорно, туку да се размислува поинаку и да се работи помудро. Оние кои имаат подобри резултати не секогаш работат понапорно, туку можеби „понапорно“ размислувале за работите, па согледале подобар начин, пократок пат, поинаков… Ние луѓето можеме да размислуваме за сопственото размислување, да не се откажеме од тој дар и да ги преиспитаме сопствените одговори, во динамични времиња тоа не е луксуз, туку потреба. Кога една компанија има култура во која се негува психолошката сигурност таа е многу поотворена да биде храбра во размислувањето и дејствувањето.
Што се подразбира точно под психолошка сигурност?
Има ли место за психолошка сигурност во вашата компанија?
Можете ли да си дозволите да не работите на неа?
Терминот психолошка сигурност е воведен од професорката Ејми Едмонсен (Amy Edmondson, Harvard Business School [Бизнис-школа на Харвард]) и таа го дефинира како заедничко верување дека тимот е безбедно место за интерперсонално преземање ризик, т. е. верување дека може да се зборува отворено без ризик од казна/понижување/репутациски ризик, овозможување на простор на вработените да зборуваат и да ги споделат своите идеи како критичен двигател во процесот на висококвалитетно носење одлуки, здрава/поттикнувачка тимска динамика во насока на поголема иновација и проактивно пристапување на предизвиците во денешното окружување, без страв да се сподели направената грешка од која ќе можат сите во тимот/компанијата да учат.
Кога станува збор за психолошка сигурност не се мисли на намалување на стандардите во работата или каде што луѓето се љубезни меѓу себе, се чувствуваат пријатно и се согласуваат притоа добивајќи незаслужени пофалби. Во тимот/компанијата во која има психолошка сигурност има меѓусебна доверба која им овозможува да ги отвораат прашањата кои ги загрижуваат без да се плашат дека тоа може да има негативни последици по нив како личност и/или професионалец. Немањето на психолошка сигурност ги инхибира вработените, а сега најмалку ни се потребни инхибирани вработени кои не се подготвени да се вложат во процесот и да размислуваат поинаку, т. е. да учат за да можат да одговорат на новите потреби на пазарот. Без да се обезбеди психолошка сигурност не можеме да зборуваме за култура на учење, култура на учење која ќе го поддржи поинаквото размислување за да се согледа кои работи не се работат, а се потребни во новото време. Потребно е во тимот да се ослободи простор да се разбере другата страна и вредноста во нејзиното излагање, негувајќи го фокусот на пронаоѓање на позитивната намера со поставување прашања за подобро разбирање на различното размислување, кои треба да ги заменат критиката и негативните коментари. Прашањето отвора можности за одговор, додека критиката ги инхибира, а разликата која прави разлика е (не)постоењето на психолошката сигурност.
Во светот на скапотија/инфлација/девалвација да нагласиме дека психолошката сигурност е бесплатна и зависи од ставот и фокусот кои ќе ги постави првиот човек/кои ќе ги постават клучните луѓе во компанијата, а кои треба да фатат корен и од нив да израсне компаниската култура, култура која ја негува психолошката сигурност. Клучно е сензитивизирање на првиот човек/клучните луѓе во компанијата за психолошката сигурност, за нејзините придобивки, за таа да може да биде видлива меѓу целите на компанијата. Цел на компанијата која потоа преку секторот за човечки ресурси, специјалистите од таа област ќе ја операционализираат во конкретни стратегии кои потоа ќе се имплементираат во компанијата. Едноставно е, но не е лесно.
Од каде би можело да се почне?
#1 чекор: На скалата од 1 до 10 скенирајте ја психолошката сигурност што ја имате моментално во компанијата.
ИМА психолошка сигурност VS НЕМА психолошка сигурност
На грешките се гледа како на можност за учење VS. На грешките се гледа како на закана во кариерата.
Има подготвеност кај вработените за преземање на пресметан ризик VS. Нема подготвеност за преземање на пресметан ризик.
Јасно се изнесува сопственото мислење VS. Мислењето се чува за себе.
Вработените отворено зборуваат за предизвиците со кои се среќаваат VS. Вработените зборуваат само за успесите, сè друго оди под тепих.
Постои доверба во тимот и претпоставениот VS. Постои страв во тимот и од претпоставениот.
#2 чекор: На истата скала дефинирајте го посакуваното ниво на психолошката сигурност за наредната година и направете акциски план за сето она што треба да се направи за постигнување на посакуваното ниво.
#3 чекор: На истата скала дефинирајте го минимум нивото на психолошката сигурност за вашата компанија, сè под овој минимум не е компромис, туку компромитирање на потенцијалот за успех на компанијата.
#4 чекор: Правете редовна рефлексија и ревизија на психолошката сигурност во вашата компанија.
За сите кои ги заинтересира оваа статија и сакаат да ги продлабочат знаењата ги охрабрувам да го побараат и проектот Аристотел на Гугл каде што во неколкугодишните истражувања за тоа која е тајната на тимовите со извонредни резултати и висока благосостојба дојдено е до сознанието дека клучната компонента е психолошката сигурност во тимот, т. е. целата магија ја прави психолошката сигурност.