Вести
Кој е Хавиер Милеи, новиот претседател на Аргентина
Љупчо Поповски | aвторот е новинар
Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.
Тој е обожувач на поранешниот американски претседател Доналд Трамп; вели дека централната банка на Аргентина треба да се укине, да се доларизира економијата; смета дека климатската криза е лага, го карактеризира сексуалното образование како трик за уништување на семејството; верува дека продажбата на човечки органи треба да биде легална и сака да обезбеди полесно да се поседува оружје.
Неговото име е Хавиер Милеи, екстремно десничарски популист од Аргентина. Сега е пратеник во Конгресот. А може да стане и претседател на Аргентина. За него во Европа речиси и никој не слушнал. Но, по прелиминарното гласање за општите избори во октомври, што се одржа во неделата на 13 март, името на Хавиер Милеи веќе е забележано во сите тефтери на аналитичарите, на политичарите и особено на членовите и на раководителите на екстремната десница во Европа. Наеднаш се појави еден сојузник од јужната страна на Атлантикот, во земја која е и важна и голема.
Примарните избори се задолжителни за повеќето гласачи во Аргентина и секое лице добива по еден глас што, всушност, ги прави џиновска генерална проба за општите избори на 22 октомври и дава јасен показател кој е фаворит за победа за претседателската функција.
Милеи доби околу 30 отсто од вкупните гласови. Кандидатите во главната опозициска коалиција Обединети за промена беа со 28 отсто, а оние од актуелната владина коалиција Сојуз за татковината имаа 27 отсто.
Прославувајќи во својот изборен штаб, Милеи вети дека ќе стави „крај на паразитската, корумпирана и бескорисна политичка каста што постои во оваа земја. Денес го направивме првиот чекор кон реконструкција на Аргентина. Поинаква Аргентина е невозможна со истите луѓе како и секогаш“, им рече тој на своите поддржувачи кои беа во екстаза.
Пред изборите аналитичарите предупредуваа дека се очекува подобар резултат на Милеи (52) отколку што покажуваа анкетите. Аргентина стана најновата земја во регионот каде што гласачите бараат аутсајдер кандидат како начин да го изразат гневот против традиционалните политичари. Пред сѐ, затоа што незадоволството е многу распространето во Аргентина која се бори со годишна инфлација од над 100 %, зголемена сиромаштија и брзо намалување на вредноста на валутата. Милеи привлече поддршка со тоа што ја повика земјата да го замени пезосот со американскиот долар. Неговите главни поддржувачи се младите луѓе на кои им здодеа постојаното менување на власт на две формации – конзервативците поврзани со големиот капитал и перонистичката политичка структура.
Целиот текст за „Часот на патриотите пристигна“: Подемот на ултрадесницата во Европа можете да го прочитате на следниот ЛИНК