Бизнис

БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА КОНФИСКАЦИЈА НА СРЕДСТВА

Сем Вакнин

Авторот е аналитичар

Злоупотребата на конфискацијата на средства и прописите за заплена од страна на влади, агенции за извршување, политичари и пријатели е добро документирана низ светот. Сосема е разбирливо, и во согласност со Виенската конвенција, средствата на осомничените за тежок криминал и корупција да се замрзнат додека тие не бидат осудени или ослободени од судовите. Но, дотогаш нема оправдување за заплена и продажба на имотот.
Во Швајцарија финансиските институции се обврзани автоматски да ги замрзнат сомнителните трансакции за период од пет дена за да се направи увид од истражен судија. Во Франција, Единицата за финансиско разузнавање може со службен декрет да замрзне средства вклучени во сомнителна трансакција. Во обете јурисдикции, брзото замрзнување на средствата се покажа повеќе од адекватна мерка за справување со организираниот криминал и корупцијата.
Презумцијата за невиност мора целосно да се примени и потребниот процес да се реализира за да се спречат богатење и коруптивни зделки со конфискуваниот имот, вклучително и неетичка и несоодветна употреба на приходите од продажбата на запленетите средства за затворање на дупките во „затегнатите“ државни и општински буџети.
Во САД, во согласност со Актот за реформа на заплената на граѓански средства од 2000 година (ХР 1658), средствата на осомничените за кои се води истрага и на криминалците осудени за некои од повеќе од 400 помали или поголеми престапи (од проституција до коцкање и од престапи со наркотици до корупција и даночно затајување) се често конфискувани („in personam“ конфискација или, пак, конфискација во износ на изречена казна).
Технички и теоретски средства можат да бидат запленети дури и при помали федерални граѓански престапи (грешки при пополнување на формулари за здравствено осигурување или формулари за поврат на данок).
Агенцијата за преземање средства во Велика Британија, што е надлежна за примена на Актот за приходи од криминал 2002, ја даде оваа застрашувачка изјава на 24 мај 2007 година: „Ние ги следиме средствата на тие што се вклучени во широк спектар на криминал, вклучително трговија со дрога и со луѓе, измама, изнуда, криумчарење, контрола на проституција, фалсификување, даночна евазија и криминал поврзан со животната средина како што е нелегално фрлање ѓубре и нелегален риболов“(!). Трговија со дрога и нелегален риболов во иста реченица.
Британската фирма Бентли-Џенисон, која дава криминолошки сметководствени услуги, додава: „Во некои случаи на обвинетите им се одземаа средства дури и на почетокот од истрагата, пред да се разгледуваат какви обвинувања било. Во многу случаи властите претпоставуваат дека сите средства на обвинетиот се стекнати на нелегален начин затоа што тој има ’криминален животен стил‘. Тогаш е ред на обвинетиот да го докаже спротивното. Ако обвинетиот е осуден дека има криминален животен стил, тогаш ќе се претпостави дека физичките средства, како што се имотите и моторните возила, биле стекнати преку користење на криминални фондови и ќе биде неопходно да се презентираат докази за спротивставување на ова. Исто така ќе се скенираат и банкарските сметки на обвинетиот како доказ за трошењето и какво било трошење на неидентификувани средства (а во некои случаи идентификувани средства), веројатно, ќе биде вклучено како обвинение за криминална корист. Ова често води до вклучување на суми од легитимни извори и двојна пресметка што треба да се елиминира.“
Под влијание на постединаесетти септември, слични закони против перење пари и заплена на средства имаат САД и ФАТФ (Единица за финансиска акција против перење пари), Канада, Австралија, Велика Британија, Грција, Јужна Кореја и Русија.

 


Меѓународните спогодби (на пример, Европската конвенција од 1959 година за заедничка правна помош за криминални работи, Конвенцијата од 1990 година на Советот на Европа за перење пари, истрага, заплена и конфискација на приходи од криминал (ЕТС 141), Конвенцијата на ООН против корупција од 2003 година UNCAC и директивите на Европската унија (на пример, 2001/97/EC)) дозволуваат земање и конфискација на средства и „необјаснето богатство“ на криминалци и осомничени на глобален план, дури и ако нивниот наводен или докажан криминал не претставува прекршок каде што тие имаат во сопственост имот или имаат банкарски сметки.
Ова поништување на принципот на дуален криминал понекогаш води до сериозни нарушувања на човековите права. Хитлер ќе можеше да го искористи тоа за да побара од Агенцијата за преземање средства на Велика Британија да го конфискува имотот на бегалците Евреи кои направиле „криминал“, непочитувајќи ги озлогласените нирнбершки расни закони.
Само прекуграничните даночни раеви како што се: Андора, Антигва, Аруба, Британските Дев­ствени Острови, Гуернси, Монако, Холандските Антили, Самоа, Сент Винсент, Американските Девствени Острови и Вануату сѐ уште опстојуваат на притисокот да се придружат во напорите да се утврди трагата и да се грабнат средствата и банкарските сметки на осомничените, во отсуство на пресуда или дури и обвинителен акт.
Да бидат работите уште полоши, за разлика од другите случаи на прогон за криминални дела, товарот да се обезбедат докази е на страната на обвинетиот кој треба да покаже дека е легален изворот на средствата со кои ги купил средствата што се конфискувани или запленети. Кога обвинетиот нема да успее да достави такви докази на решителен и убедлив начин или ако ги напуштил САД, или починал, средствата се продаваат на аукција и приходите обично се насочуваат кон разновидни агенции за спроведување на законот, кон државниот буџет или кон добри социјални програми. Ова е случај во многу земји, вклучително и Велика Британија, САД, Германија, Франција, Хонг Конг, Италија, Данска, Белгија, Австрија, Грција, Ирска, Нов Зеланд, Сингапур и Швајцарија.
Според документот напишан од Џек Смит, Марк Пит и Ѓиљермо Хорхе од Базелскиот институт за управување, Меѓународен центар за повторно преземање на средства: „Членот 54(1)(ц) од UNCAC препорачува државните тела да воспостават некриминални системи за конфискација што имаат неколку предности за активностите за повторно преземање на средства: стандардот за докази е понизок (’мноштво докази‘ наместо ’повеќе од разумен сомнеж‘); тие не подлежат на некои од порестриктивните традиционални заштитници од меѓународната соработка како што е тој дека престапот за кој е обвинет обвинетиот треба да биде криминално дело во земјата-примач (двоен криминалитет); и отвора повеќе формални патеки за преговори и за спогодби. Ова веќе е практика во некои јурисдикции како што се: САД, Ирска, Велика Британија, Италија, Колумбија, Словенија и Јужна Африка, како и Австралија и Канада.
Во најголем број земји, вклучително и Велика Британија, САД, Австрија, Германија, Индонезија, Македонија и Ирска, средствата можат да бидат одземени, конфискувани, замрзнати и дури продадени пред да има или воопшто без криминално обвинение.
Во Австралија, Австрија, Ирска, Хонг Конг, Нов Зеланд, Сингапур, Велика Бри­танија, Јужна Африка, САД и Холандија, на осомничените за криминал, членовите на нивните семејства, пријателите, вработените и партнерите можат да им бидат одземени средства дури и за криминал што го направиле во други земји и дури и ако одвај искористиле од средствата стекнати од нелегални активности (ова се вика „конфискација базирана на имот“). Ова често води до случаи на двојна опасност.
Вообичаено обвинетото лице е известено за претстојната конфискација на неговите или нејзините средства и има можност за сослушување во соодветната агенција за извршување на законот, а исто така и во судовите. Доколку тој или таа можат да докажат „значителна штета“ за животот и за бизнисот, имотот може да биде ослободен за користење, иако ретко се враќа сопственоста.
Кога ќе се покрене процесот на конфискација на средства автоматски престанува банкарската тајна и владата ги обесштетува банките за каква било штета што би можеле да ја имаат за оддавање доверливи информации за сметките на нивните клиенти.
Во многу земји од Јужна Кореја до Грција, привилегираниот однос адвокат - клиент главно е напуштен. Истите барања за надзор над активностите на клиентите и за известување на властите се применува на кредитните и на финансиските институции, фирмите со ризичен капитал, даночните советници, сметководителите и нотарите.
На други места има некои други загрижувачки случувања.
Во Бугарија, средствата на даночните затајувачи неодамна започнаа да се конфискуваат и да ѝ се предаваат на Националната агенција за приходи и на Државната агенција за наплата на побарувања. Имот се конфискува дури и кога оценката за данокот е оспорена во судовите. Сепак Агенцијата не може да конфискува еднособни станови, банкарски сметки со најмногу 250 лева по член од семејството, плата или пензија до 250 лева месечно, социјална помош, алиментација, парична помош.
Венецуела неодамна го реформираше соодветниот закон за да можат: „мерките за извршување пред носење одлука да вклучат затворање на деловните простории за период до десет дена и конфискација на стоката. Овие мерки ќе се применуваат како надополнување на заплената на личниот имот и на забраната за отуѓување или оптоварување на недвижниот имот. Во текот на затворањето на деловните простории, работодавачот мора да продолжи да ги плаќа работниците со тоа избегнувајќи жалба за уставна заштита.
Конечно, во многу федерални единки на САД одредбите за „одговорност на заедницата“ бараат од сопствениците на законски бизниси „да го запрат криминалот“ отворено борејќи се самите против него. Ако тие не успеат да го запрат криминалот во нивното соседство, полицијата може да го заплени нивниот имот, вклучително нивните станови и автомобили. Приходите од такви продажби одат кај локалните власти.
Во Њујорк полицијата конфискуваше ресторан бидејќи еден од неговите редовни патрони беше претпоставен дилер со дрога. Во Алабама полицијата заплени дом на постара граѓанка бидејќи нејзиниот двор бил употребен, без нејзина согласност, за продавање на дрога. Во Мериленд полицијата го конфискуваше домот на едно семејство и го претвори во место за одмор на своите службеници откако му прати по пошта на еден од станарите пакет со марихуана.

ПРЕПОРАЧАНО