Интервјуа
Петрушев: Без врвен ЕУ-квалитет, немаме шанси ниту да размислуваме за извоз на домашното млечно производство
Мега интервју со Ѓорѓи Петрушев, претседател на Здружението за земјоделството и прехранбената индустрија во рамки на Стопанската комора
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2024г.
Последниве години во фокусот на македонското општество беа ковид пандемијата, турбуленциите на геополитичката сцена, енергетската криза, инфлацијата, уставните измени... Во такви околности некако ги немавме во видокругот некои егзистенцијални прашања како што се случувањата во производството на храна во земјава, вклучително и во млечната индустрија. Вие сте претседател на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија во рамките на Стопанската комора. Да почнеме од пошироката рамка. Кои се меѓународните трендови кај производството на млеко?
Ѓ. Петрушев: Млечната индустрија во светски рамки се соочува со предизвиците на обезбедувањето доволни количини суровина, ефектите од климатските промени, технолошките иновации, преференциите на потрошувачите, како и настојувањата да се обезбeди идниот одржлив развој.
Во рамките на ЕУ забавува растот на продуктивноста што, заедно со падот на бројот на грла добиток, може да доведе и до пад на производството. Во наредниов период фокусот ќе биде ставен на квалитетот и на одржливиот начин на производство како двигатели на создавањето нова вредност.
Кои се можните сценарија?
Ѓ. Петрушев: Идниот развој на млечната индустрија во голема мера ќе зависи од неколку детерминанти:
• Стареење на примарните производители, неатрактивност за младите генерации.
• Климатските промени и можноста да се обезбеди доволно сточна храна под економски прифатливи услови.
• Степенот до кој ќе расте притисокот за намалување на емисијата на штетни гасови, што ги зголемува предизвиците пред примарните производители и индустријата во целина.
• Растечки трошоци за производство кои не се подготвени да ги прифатат крајните потрошувачи кај традиционалните производи.
• Технолошкиот развој и алтернативен начин на производство на млечни протеини.
Во таа смисла, можни се 4 сценарија за развој на млечната индустрија во наредниве десетина години:
1. Еволутивен развој, односно продолжување на тековните трендови и де факто статус кво, со многу мали промени и раст. Сценарио бизнис како и обично.
2. Технолошки иновации, но без зголемен општествен и регулаторен притисок за намалување на емисијата на штетни гасови. Поголемо значење ќе добиваат новите иновативни технологии и процеси, растителни и алтернативно произведени млечни протеини.
3. „Зелена“ млечна индустрија: Сценарио кое во најголема мера ги рефлектира промените кои би настанале при зголемен општествен и регулаторен притисок за намалување на емисијата на штетни гасови од страна на млечната индустрија.
4. Фузија на претходните две сценарија: од една страна, силни општествени и регулаторни еколошки ограничувања (кои ќе ги принудуваат фармите и преработувачите на млечни производи масовно да инвестираат во подобрување на нивниот јаглероден отпечаток), а од друга страна висока технолошка транзиција.

Кое од овие сценарија според вас има најголеми шанси да се оствари? На што се базира вашата проценка?
Ѓ. Петрушев: Ако зборуваме за ЕУ, во моментов таму преовладува сценариото број 2, но забрзано почнува и фузијата со сценариото број 3. За домашното производство на млеко, проценката е дека во наредниов период за нас ќе биде актуелно еволутивното сценарио. Домашното производство на млеко на кус до среден рок нема да биде подготвено да одговори на барањата за високи еколошки стандарди. Оттука, во македонското производство на млеко, ќе се забележат следниве трендови:
• Мал до умерен технолошки напредок.
• Продолжување на трендот на консолидација и на окрупнување на фармите.
Каде е тука индустријата за производство на млеко во земјава? Во каква кондиција е таа, што се случува?
Ѓ. Петрушев: Состојбите во домашното производство на млеко беа предмет на опсежна анализа од страна на Групацијата на производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора на Северна Македонија.
Без исклучок, сите преработувачи бележат пад во откупот, што се должи првенствено на падот на домашното производство. Официјалните статистички податоци укажуваат на негативни трендови во производството и во откупот во 2023 година во споредба со 2022 година. Проценките се дека 2023 година ќе заврши со пад на количините на произведеното и откупено сурово млеко меѓу 15 % и 18 % во однос на минатата година. Ваквиот пад се должи на постојаниот тренд на опаѓање на бројот на фарми поради затворање (особено малите семејни фарми), како и намалената продуктивност во производството поради недостиг на домашна квалитетна сточна храна. Членките заклучија дека цената на откупот не може да биде фактор кој го предизвикува овој пад, имајќи предвид дека моменталните откупни цени се во просек за 20 % повисоки од просечните откупни цени во ЕУ. Тоа значително ја намалува нашата конкурентност, дури и во рамките на регионот, каде што количествата се стабилни, а цените на откупот пониски отколку домашните.
Сепак, се надеваме дека нема да дојдеме до ситуација голем дел од она што националната економија го заработува од извоз на останатите земјоделски и прехранбени производи да го потроши на увоз на млечни производи.
Што треба да се направи на тој план? Кој и каква улога треба да одигра во процесот?
Ѓ. Петрушев: Во делот на примарното производство, конечно мора да заживее системот според кој плаќањето на откупот, но и субвенционирањето ќе бидат според воспоставени матрици за квалитет наместо сегашниот систем по литар откупено млеко. Без врвен ЕУ-квалитет, немаме шанси ниту да размислуваме за извоз и меѓународна промоција на домашното млечно производство. На постојните мерки за субвенционирање на откупено млеко и за набавка на стелни јуници треба да се воведат и национални програми за поддршка на технолошки развој и добри фармски практики.
Во делот на трговскиот режим, мерките за ограничување на цените веќе траат предолго и ја исцрпуваат финаниската кондиција дури и на најсилните субјекти на пазарот. Првите ефекти од намалените добивки кои се мерат во милиони евра се веќе видливи: компаниите ги ревидираат своите планови за инвестиции во технолошка обнова и развој, што ќе резултира со пад на производството и на продуктивноста, нема можност за финансиска поддршка на примарните производители, дел веќе размислуваат за затворање на бизнисите, со што количините на домашно приозводство на млеко ќе продолжат да се намалуваат. Затоа, како дејност, ние искрено се надеваме дека Собранието ќе го усвои предложениот Закон за нефер трговски практики во најкус можен рок, особено што тој е придружен со европско знаменце. Доколку тоа не се случи и мерките продолжат, можеме да кажеме дека на домашната млечна индустрија не ѝ се пишува добро и тоа во целиот синџир, од преработувачите, па назад до фармерите. Едноставно кажано, ќе имаме ограничени цени, но ќе останеме без домашни производители и преработувачи за да ги понудат тие производи и ќе имаме недостиг на производи на пазарот. Од тоа штета ќе трпи општеството во целина, по повеќе основи, кои верувам не треба посебно да се елаборираат.
Ова е дотолку повеќе важно затоа што во заднина се случува ефектот на т.н. „чиста општествена загуба“. Тоа е економски феномен кој се случува поради фактот што „замрзнатите цени“ создавааат повисока побарувачка која ја надминува понудата со што се нарушува пазарниот еквилибриум и се јавува недостиг на дел од производи на пазарот. Тоа стана видливо особено во последниве 2 до 3 месеци при што дел од потрошувачите не можеа да ги задоволат своите потреби. Во моментов, штета трпат и производителите (кои немаат услови и можности да ја зголемат понудата) и потрошувачите (кои остануваат без производ). Во такви услови дискутабилно е и колку увозот може да го пополни овој јаз зашто никој нема да увезува ако не може да обезбеди производи кои, при постоење горна рамка на цените, би донеле и одредена заработувачка.

Што преземате како претседател на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија во Стопанската комора на овој план?
Ѓ. Петрушев: Како Здружение ние немаме извршни механизми така што она што можеме е да дадеме конструктивна и аргументирана дискусија, да укажуваме на состојбите и да предлагаме решенија.
Би го илустирал тоа со активностите на Здружението во текот на подготовките на Законот за нефер трговски практики при што голем дел од нашите предлози и сугестии беа прифатени како издржани и соодветно вградени во конечниот предлог-закон.
Годинава вие лично одбележувате 30 години професионална кариера. Што е она што ве прави најмногу горди на тој план?
Ѓ. Петрушев: Мојот професионален пат почна со дипломата во рака за завршен Економски факултет во Скопје со висок просек и ништо друго, и никој друг. Во натамошниот тек имав среќа и можност да научам бројни деловни, но и животни лекции од врвни бизнис-лидери. Низ целата своја кариера работам со навистина прекрасни колеги и тимови и тоа ме прави навистина среќен. Беше голема гордост да се доживее компанијата, чиј генерален директор бев порано, да биде вброена меѓу 30 светски иновативни брендови во својата индустрија, да се види како топ менаџер од глобална компанија за брза храна останува без збор пред понудените аргументи во текот на преговорите. Гордост е да се гледа како од година во година компанијата која ја водам во моментов континуирано останува во врвот на омилени брендови кај потрошувачите, на својот клучен пазар и како постојано создава нови вредности, и тоа во извонредно сложени услови какви што не се забележани децении наназад.
Долгогодишниот коморски ангажман со различни задачи и одговорности, вклучително и претседател на здружение, ги доживувам како извонредно признание дека навистина сум успеал да оставам белег како креатор на вредности и неуморен борец за подобрување на условите за стопанисување во земјава.
И можеби она што ме чини најмногу горд е што послужив како пример за мојата ќерка која тргна по моите стапки и студира Бизнис и економија на еден од водечките универзитети во Европа, постигнувајќи извонреден академски успех.
Какви се плановите за иднината?
Ѓ. Петрушев: Како бизнис-лидери, нашите главни доблести треба да бидат страста и енергијата кои ги вложуваме во нашиот професионален ангажман, нашиот интегритет, скромност и автентичност. Треба постојано да се стремиме да научиме нови работи, да се предизвикуваме самите себе да бидеме подобри, да направиме позитивни подобрувања во нашите организации, во нашата заедница и во светот во целина, да го сакаме она што го работиме и да го работиме она што го сакаме. Треба да го цениме она што го имаме, да се радуваме на нашите успеси и да бидеме благодарни за можностите што ни биле дадени.
Но, не треба да дозволиме тие доблести истовремено да бидат причина да прегориме. Имено, понекогаш толку се преокупираме со нашите цели и проекти, што ги запоставуваме останатите аспекти од нашите животи. Забораваме да се грижиме за себе и за нашето здравје, за нашите најблиски и за пријателствата што треба да ги негуваме. Тоа е причината поради која мора да го бараме и да го најдеме балансот меѓу нашата професионална страст за нови достигнувања и нашата лична благосостојба.
Со една таква мисла гледам позитивно напред и се радувам на годините што доаѓаат и на уште голем број нови достигнувања и создавање нови вредности.
Разговараше: Зоран Јовановски