Интервјуа
Тунески: Државава мора да го изгради ХЕЦ „Чебрен“ со сопствени средства
Интервју со Атанаско Тунески, редовен професор на Машинскиот факултет Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2024г.
Професоре Тунески, една од најактуелните економски теми во земјава последниве месеци беа случувањата за браната „Чебрен“. Вие имавте јавни настапи како дел од група експерти од областа на енергетиката кои се спротивставуваа на концептуалното решение на владините институции за изградбата на оваа брана. Но, да тргнеме од почеток. Колку и зошто е важна изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ за македонскиот електроенергетски систем?
А. Тунески: Државава мора да го изгради ХЕЦ „Чебрен“ со сопствени средства затоа што овој објект е многу важен за македонскиот електроенергетски систем поради следново:
• ХЕЦ „Чебрен“ ќе дава електрична енергија што има многу ниска производна цена, а многу висока пазарна цена, што значи или ќе остварува значаен годишен профит од над 30 милиони евра ако државава ја продава енергијата по пазарни цени или ќе ѝ овозможи на државава да обезбеди евтина енергија за своите граѓани по цена многу пониска од пазарната.
• ХЕЦ „Чебрен“ ќе обезбеди електрична енергија за балансирање на македонскиот електроенергетски систем, како и хавариска енергија со која се компензира недостигот на енергија поради испад од работа на објект во системот поради дефект. Цените на енергијата за балансирање и на хавариската енергија се многу повисоки од пазарните цени.
• ХЕЦ „Чебрен“ ќе се наоѓа во центарот на македонскиот електроенергетски систем, што е многу значајно за обезбедување на потребните напонски нивоа во системот.
• Акумулацијата на ХЕЦ „Чебрен“ ќе обезбеди резерви на вода за наводнување на Пелагонискиот и на Тиквешкиот Регион и резерви на индустриска вода.
Последниот тендер за изградба на браната „Чебрен“ е 14. пропаднат тендер. Зошто е тоа така?
А. Тунески: Сите овие 14 тендери беа објавени без да се изработи соодветна проектна документација, односно само врз основа на физибилити студии во кои дел од потребните податоци или ги немаше или беа невалидни. Во тендерите се инсистираше на изградба на висока брана од 192 м, со огромна акумулација од над 900 милиони м3 вода, а сливот на Црна Река нема доволен проток за да ја оправда изградбата на толку голема акумулација. Во тендерите не се штитеше македонскиот национален интерес, туку се настојуваше да му се подобри исплатливоста на странскиот инвеститор преку вклучување на ХЕЦ „Тиквеш“ во заедничка компанија во доминантна сопственост на странскиот инвеститор. Во тендерите не беа вклучени македонските високообразовни институции и експерти кои работеа децении наназад на проектите Чебрен и Вардарска Долина, туку само владини претставници кои послушно ги спроведуваа налозите од владите во изминативе 15-тина години. За среќа, ниеден од 14-те тендери не успеа со што ХЕЦ „Тиквеш“ остана македонски. Се надевам ниедна идна влада нема повторно да се обиде ХЕЦ „Тиквеш“ да го „поклони“ на странски инвеститор што ќе го гради ХЕЦ „Чебрен“ со што Владата наместо да работи во корист на зајакнување на македонската енергетска сувереност, работи во корист на странскиот инвеститор. Очекувам во партиските изборни програми за следните избори во 2024 година сите партии да се заложат за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ со државни средства, а никако не со јавно приватно партнерство со стратешки инвеститор.
Работите за браната „Чебрен“ се вратија на почетната точка. Што да се прави сега? Како понатаму?
А. Тунески: Во наредниве десетина години државава мора да го изгради ХЕЦ „Чебрен“ со сопствени средства и за таа цел треба да се донесе закон за финансирање на изградбата на „Чебрен“, да се формира стручен тим што ќе го дефинира решението што е најдобро во однос на македонските национални интереси, ќе изработи соодветна проектна документација што ќе се ревидира од реномирана ревизорска институција, ќе се изработат главните проекти и ќе се усвои план за реализација на проектот во сите негови фази во кој ќе бидат вклучени финансирањето и протокот на паричните средства.
Инвестициите во енергетскиот сектор по дефиниција се големи и сложени инвестиции. Едно од прашањата кои генерално се наметнуваат во вакви околности е кој профил на компании би можеле да се квалификуваат како стратешки инвеститори. Дали тоа треба да бидат светски познати компании или релативно анонимни регионални компании колку и да се тие релативно големи за локалните прилики?
А. Тунески: Стратешки инвеститори мораат да бидат реномирани светски познати компании, а не анонимни компании или регионални компании што се големи во локални рамки, но не се светски познати. Стратешки инвеститор во енергетиката ѝ треба на Македонија само за реализација на проектот Вардарска Долина, сите други позначајни енергетски објекти Македонија мора сама да ги изгради со сопствени средства затоа што Македонија мора постојано да го зајакнува својот енергетски суверенитет со постојан пораст на своето сопствено производство на електрична енергија.
Едно од обележјата на економската конструкција во македонскиот енергетски сектор се субвенциите за населението. Колку е одржлив таквиот пристап на долг рок?
А. Тунески: Субвенциите за населението во македонскиот енергетски сектор не се одржливи на долг рок затоа што се субвенционираат не само оние потрошувачи кои објективно не можат да ги платат реалните сметки за електрична или топлинска енергија, туку се субвенционираат сите потрошувачи, вклучително и оние кои можат да ги платат реалните сметки. Понатаму, со буџетски средства се субвенционираат корисниците на топлинска енергија во Скопје кои се приклучени на системот за централно греење, додека греењето на сите други македонски домаќинства не се субвенционира, што значи има дискриминација. Со субвенциите за населението се покрива лошото управување со енергетските капацитети, огромното намалување на произведената електрична енергија од термоенергетските капацитети во сопственост на АД ЕСМ во периодот 2018 − 2022 година од над 40 % во однос на 2011 година и притоа се трошат сериозни буџетски средства во износ од над 200 милиони евра.

Во време на климатски промени со долгорочно неповолни последици, едно од најактуелните прашања во сферата на енергетиката е производството на енергија од обновливи извори. Како стои земјава на тој план?
А. Тунески: Во 2022 година инсталираната моќност на електроцентралите од обновливи извори на енергија учествува во вкупниот производствен капацитет со 41,5 %, додека во вкупното производство учествува со 29 %. Овие бројки се релативно високи, но голем дел од производството на енергија од обновливи извори е од приватни производители и затоа е потребно постојано да се зголемува производството на енергија од обновливи извори во државна сопственост.
Стратешки набљудувано, во светот се случуваат речиси незамисливи промени во енергетската политика, се затвораат нуклеарни централи, геополитиката го одредува текот на енергијата... Што треба да прави земјава за да обезбеди стабилна енергетска иднина за своите граѓани и за компаниите?
А. Тунески: Потребно е постојано да се зголемува производството на електрична енергија од електроенергетски објекти во државна сопственост со што ќе се зајакне македонската енергетска сувереност и ќе се обезбеди стабилна енергетска иднина за македонските граѓани и за компаниите. Ако постои политичка волја во наредниве 3, 4 години можно е да се изградат комбинирани гаснотурбински централи во Скопје, во Неготино, во Тетово и во Битола кои ќе обезбедат сериозни количини на базна електрична енергија, како и топлинска енергија за загревање на домаќинствата и за пластеничко производство на зеленчук. Понатаму, во следниве 10 години можно е да се изгради ХЕЦ „Чебрен“. Паралелно со ова, државава треба да вложува во изградба на фотоволтаични и ветерни електрани на најдобрите можни локации наместо тоа да го остава на странски инвеститори што ќе ги користат македонските национални ресурси за да обезбедат сериозни профити со продавање на електричната енергија по берзански цени. Клучно е идната влада и секоја наредна да не избираат надзорни и управни одбори на енергетските компании во државна сопственост исклучиво според партиската припадност, туку менаџерските тимови да се избираат на транспарентен начин на јавен конкурс, со обврска за отчетност за постигнатите резултати пред целата македонска јавност на крајот на секоја година. Македонија може да обезбеди стабилна енергетска иднина за своите граѓани и за компаниите само ако владата им дозволи на идните менаџерски тимови во енергетските компании целосна независност во работењето, без никакви притисоци при изборот на компаниите што ќе ги добијат тендерите објавени од енергетските компании, без притисоци за вработување на партиски кадри, без заштита на партиските кадри кои или не работат квалитетно или дури и не доаѓаат на работа итн. Македонија има шанса за успеси во енергетиката и воопшто во целокупното функционирање на државава само ако значајно се намали нивото на корупција која меѓународниот фактор сега ја опишува како „епидемија на корупција во државата“. Знам дека сето ова звучи помалку утопистички и не докрај реално, но мислам дека Македонија повеќе не може и не смее да дозволи да постојат сомневања дека постојното ниво на корупцијата во државава е толку високо што поприма епидемиски размери. Не смее да се дозволи разграбување на македонските национални ресурси во корист на стратешките инвеститори кои се претставуваат како добротвори на Македонија, а за кои е јасно дека го гледаат само својот приватен интерес, а не се грижат за интересот на Македонија.
Разговараше: Зоран Јовановски