Бизнис
Богатите земји помалку тргувале во 2023 година
23.02.2024г.
Меѓународната трговија на земјите од Г-20 минатата година бележи пад на вредноста, при што извозот и увозот се намалени за 3,3 отсто, односно 5,5 отсто, во споредба со претходната година, објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Tрговијата со услуги на Г-20 продолжи да расте во 2023 година, при што извозот и увозот пораснаа за околу 7,3 отсто и 10,5 отсто.
Во четвртиот квартал од 2023 година, трговијата со стоки од Г20 забележа нула проценти раст, бидејќи силното закрепнување на економијата во Источна Азија го неутрализираше забавувањето во Европа и Северна Америка. Растот на извозот на САД стагнираше во 2023 година, при што пониската продажба на автомобили се компензира со поголема продажба на индустриски залихи. Во Европската Унија испораките во странство се намалени за 0,6 отсто поради падот на хемиските производи, додека увозот е намален за 1,8 отсто.
Од друга страна, трговијата со стоки забележа силен раст во Источна Азија, при што Кина забележа пораст на извозот од 0,6 отсто, делумно благодарение на високотехнолошките производи како што се мобилните телефони, и зголемувањето на увозот за 3,9 отсто поради механичките и електричните производи.
Извозот се зголеми во Јапонија и Јужна Кореја поради силната продажба на автомобили и закрепнувањето во корејскиот бизнис со полупроводници
Извозот на услуги се зголеми за 2,5 отсто во САД, додека увозот се зголеми за 2 отсто, поради повисоките патни и транспортни трошоци.
Во Германија извозот на услуги порасна за 1,6 отсто, со повисоки приходи од деловни и компјутерски услуги, а увозот за два отсто, делумно поради повисоките патни трошоци во странство.
фото: freepic