Финансии / Банкарство
За Бугарија има уште еден услов за влез во еврозоната
26.02.2024г.
Бугарија има реални шанси да се приклучи на еврозоната во 2025 година со исполнување на сите услови за членство. Сите прогнози на Европската комисија и ЕЦБ покажуваат дека последниот критериум за инфлацијата, ќе биде исполнет во 2024 година, изјави министерот за финансии Асен Василев, по минатонеделниот неформален состанок со министрите за економија и финансии на земјите од Европската Унија и со Кристин Легард од Европската централна банка.
Бугарскиот министер за финансии напомена дека придружувањето на еврозоната подразбира и стабилно и политичко опкружување и функционирае на регуларна влада. Ова значи дека најавената ротација во владата меѓу коалиционите партнери треба да се случи во март годинава.
- Целиот пакет на закони е веќе усвоен. Останува уште да се донесе законот за воведувањето на еврото, за што се водат консултации со Европската комисија и со Европската централна банка, изјави Василев, пренесува еурактив.
Бугарија минатата година имаше буџетски дефицити од 2,2 отсто, што е во дозволените граници. За годинава, ЕК и ЕЦБ предвидуваат просечна годишна инфлација од околу три отсто.
Пред еден месец, од бугарската влада најавија дека земјата може да се приклучи на еврозоната на 1 јули 2025 година, а причината е што ЕЦБ „одобри“ дополнителен период за да се сведе инфлацијата под контрола.
фото freepic