Финансии / Банкарство
Економистите очекуваат намалување на каматните стапки на ЕЦБ во јуни
01.03.2024г.
Прераното намалување на каматните стапки би била поголема грешка за Европската централна банка отколку нивното подоцнежно намалување, покажало истражувањето на економистите, кое го спроведе Блумберг. Речиси две третини од испитаниците изјавиле дека пребрзото намалување на каматите би предизвикала поголема опасност за економските текови. Очекувањата на економистите се дека во текот на 2024 година ќе има едно намалување на каматите, а тоа би се случило од јуни.
По намалувањето на инфлацијата монетарните власти на САД и Велика Британија се подготвуваат за релаксирање на своите монетарни политики. Предвидувањата за годинава на економистите се дека од страна на ЕЦБ ќе има намалување на каматите за три четвртини поени. Ова е помалку во однос на претходното истражување. Креаторите на европската монетарна политика се загрижени дека побрзото зголемување на личната потрошувачка може да ги загрози напорите за одржување на инфлацијата на посакуваните два отсто.
Годишната инфлација во еврозоната во февруари изнесуваше 2,6 отсто, објави Евростат во својата прелиминарна проценка. Иако инфлацијата забави од 2,8 отсто во јануари, предвидувањата на аналитичарите за инфлација од 2,5 отсто не се остварија.
Според главните компоненти на инфлацијата во еврозоната, храната, алкохолот и тутунот се очекува да имаат највисока годишна стапка на раст во февруари, четири отсто по 5,6 отсто во јануари. Прелиминарната проценка на Евростат покажува дека потрошувачките цени растат со најбавно темпо во последните три месеци, но и понатаму се над целната стапка на инфлација од два отсто.
Основната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, исто така падна на 3,1 отсто, што е најниско од март 2022 година, но сепак над прогнозата од 2,9 отсто.
фото freepic