Финансии / Банкарство
Обврзници: Привлечноста за стабилна иднина
Лорен Алессандро Смерилли | Авторот е девизен трговец во Комерцијална банка АД Скопје - Сектор за ликвидност и финансиски пазар
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2024г.
Следствено на тековните структурни промени во економијата – пандемијата со ковид-19 и енергетската криза, апетитот за ризик кај инвеститорите се намали, а оттука и очекувањата за поврат на нивните инвестиции што, пак, е во согласност со едно од основните правила во финансиите – поголемиот поврат е проследен со поголем ризик, и обратно, колку помал ризик толку помала придобивка.
Во светот на финансиските пазари постојат два типа инвеститори, оние кои сакаат изложување на поголем ризик (risk-seeking) преку тргување со разни финансиски инструменти како на пр. криптовалути, „ниско вреднувани акции” (penny stocks), краткорочни опции и дневно тргување на финансиски деривати – најчесто млади инвеститори или почетници, но и оние кои имаат одбивност да преземаат ризик (risk-averse), т. е. не сакаат да ги сносат последиците доколку инвестицијата е спротивна на нивните очекувања. Втората група на инвеститори најчесто претпочита постабилни и поизвесни инвестиции како на пример обврзниците.
Обврзниците се инструменти со фиксен приход кои претставуваат еден вид кредит или заем од страна на издавачот на обврзницата, на пр. држава, корпорација или компанија, и тие најчесто се користат за финансирање разновидни проекти или буџетски потреби.
Една обврзница се карактеризира со датум на доспевање и услови на исплата. Датумот на обврзницата се однесува на датумот кога главницата ќе му биде исплатена во целост на инвеститорот, додека пак условите на исплата подразбираат зададена купонска каматна стапка која го одредува износот на исплати – месечни, годишни итн.
Купонската камата на обврзницата зависи од два важни фактори: кредитниот рејтинг на издавачот и времето на доспевање. Доколку издавачот на обврзницата има низок кредитен рејтинг, тој подлежи на поголем ризик на неисполнување на обврската за исплата. Што се однесува до цената, таа е диктирана од пазарните услови. Главен фактор се пазарните каматни стапки кои се обратнопропорционални со цената на обврзницата, односно доколку каматните стапки се зголемуваат цената на обврзницата се намалува.
Видови обврзници
Постојат повеќе видови обврзници:
• бескупонски обврзници (zero-coupon bonds) кои се издадени по дисконтирана цена во споредба со номиналниот износ,
• конвертибилни обврзници (convertible bonds) кои може да се претворат во акции доколку се исполнат одредени критериуми, најчесто при достигнување одредена цена на акцијата,
• повикувачки обврзници (callable bonds), со можност издавачот да ги откупи назад, одредени со рок на валидност, како и puttable bonds кои му даваат право на инвеститорот да му ги продаде назад на издавачот пред датумот на доспевање,
• еврообврзници − издадени во валута од земјата во која се издадени.
Инвеститорот кој е решен да ги инвестира своите средства во оваа класа на финансиски инструменти, пред сѐ, треба да избере во каква обврзница би сакал да инвестира. Следствено на тоа, има два начина преку кои може да инвестира – примарно издавање или пазари преку шалтер. Со учество на примарното издавање на обврзниците, инвеститорот директно ги откупува од издавачот или ги купува на секундарен пазар каде што се тргуваат во поголем обем на пазарите преку шалтер (OTC). Најчесто поради голем интерес од „големите играчи“ (хеџ фондови, инвестициски фондови), при издавање на една еврообврзница се земаат предвид нивните понуди, односно „малите играчи“ се приморани да ги внесат нивните понуди преку некој од „големите играчи“.
Да земеме како пример дека инвеститорот е физичко лице кое има слободни средства во висина од 100 000 евра − минималниот износ за учеството кога станува збор за еврообврзниците MACEDO издадени од нашава држава. Притоа купувањето на обврзницата може да се изведе преку брокер во банка, кој има задача да ја обезбеди посакуваната обврзница од потенцијален продавач. Трансакцијата се одвива преку софистицирани онлајн системи кои ги користат брокерите и дилерите секојдневно.
Покрај еврообврзниците, постојат и граѓански обврзници (купонски обврзници) кои се со минимална уплата од 10 000 денари. Оттука, согласно последниот достапен податок за купонска каматна стапка на оваа обврзница – 5 %, со годишна исплата и двегодишна рочност, при вложени 100 000 денари на крајот од годината, инвеститорот би заработил 5 000 денари само од каматата на крајот од втората година. Покрај исплатата на дополнителни 5 000 денари се исплаќа и номиналниот вложен износ од 100 000 денари, односно 10 % поврат за период од 2 години. Голем одлучувачки фактор е за колкав временски период би сакал инвеститорот да го „заклучи“ својот суфицит на ликвидност.
Но, сепак, видот на инвестицијата е диктиран од сопствените цели и апетитот за ризик за да можат да се прилагодат на сопствениот „хоризонт за инвестирање“. Колку порано започнеме да инвестираме, толку поголем е хоризонтот, а со тоа и нашата можност за заработка.
Можноста секогаш постои. Секако, подобро е една индивидуа да почне што поскоро со нејзината „авантура“ во светот на инвестициите бидејќи 1 денар денеска нема иста вредност како 1 денар по 1 година. Разликата е што тој 1 денар денеска е многу повреден бидејќи може да донесе камата.