Финансии / Банкарство
Народната банка објави Преглед на „зелените“ показатели
08.04.2024г.
Народната банка продолжува со активностите за промовирање на зелените финансии, во рамките на своите надлежности. Така, на својата веб-страница, за првпат објави Преглед на „зелените“ показатели, во согласност со предвидените активности во рамките на Среднорочниот план на активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. Целта е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.
Прегледот содржи податоци и показатели коишто се групирани во три целини, и тоа: показатели за животната средина и енергетика, показатели за климатските ризици и показатели за зелените финансии. Изворот на податоците се различни институции и со овој преглед се прави обид да се соберат релевантните податоци од различни извори на едно место. Податоците и показателите од Прегледот имаат за цел да послужат како основа за подготовка на анализите поврзани со климатските промени, да придонесат за полесно следење на одржливоста на финансискиот систем и економијата и да помогнат во следењето на трендовите на „зелените“ пазари на капитал. Заедно со Прегледот, е објавен и Методолошки водич со појаснувања и дефиниции на показателите заради полесно разбирање и нивна правилна употреба.
Достапноста на податоците ќе овозможи поблиско следење на климатските ризици и проширување на познавањата за нив. Во изработката на Прегледот особено беа корисни контактите на Народната банка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ со своите искуства на оваа тема.
Прегледот на „зелените“ показатели и Методолошкиот водич се достапни преку следнава врска.