Финансии / Банкарство
Втора Регионална конференција за техничка анализа
08.04.2024г.
Здружението на финансиски техничари на југоисточна Европа – СЕЕМТ(South and Eastern Europe Market Technicians) ја организира втората Регионална конференција за техничка анализа, во Љубљана, на 6 и 7 јуни.
Како што велат од СЕЕМТ, и овој пат е одбрана исклучителна постава на клучни говорници кои се реномирани експерти во областа на техничката анализа, финансиите и инвестициите.
„Оваа година одлучивме да ставиме посебен фокус на систематското тргување и инвестициските системи, па ќе дискутираме за техниките за одредување идни ценовни таргети; смарт трејдерски системи; психологијата што стои во позадина на успешното тргување; динамичка алокација на средства базирана на вештачка интелигенција во услови на нестабилни пазари и уште многу интересни теми“, вели Снежана Поповска, претседателка на СЕЕМТ и сертифициран технички аналитичар.
Детали за Конференцијата, со агендата и говорниците, може да најдете на следниот линк: https://seemt.org/seemt-2024/
Здружението СЕЕМТ – South and Eastern Europe Market Technicians формирано минатата година, е непрофитна организација која е посветена на промоција и разбирање на техничката анализа како исклучително важна инвестициска алатка. Првата Регионална конференција за техничка анализа се одржа на 18 септември, 2023 година во Скопје.
Целта на Здружението е да го унапреди проучувањето и практичната примена на техничка анализа и да го поддржи професионалниот развој на нашите членови во регионот преку обезбедување на многу уникатни содржини во добро организирана структура.
СЕЕМТ е членка на Меѓународната федерација на технички аналитичари (IFTA). Меѓународната федерација на технички аналитичари е основана во 1986 година и е глобална организација на здруженија за техничка анализа на финансиските пазари.